Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на завршната регионална конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ – Гласно и храбро ги поместуваме границите“.
Конференцијата е во организација на Министерство за труд и социјална политика, како дел од караванот за ментално и економско зајакнување на жените кон комплетна родова благосостојба „Гласна и храбра“, а по повод месец март –месец на жените.
На дводневната конференција која се одвиваше во шест панели дискутираа претставници од државните институции, дипломати во нашата земја, претставници на меѓународни организации и граѓанскиот сектор, а воведни обраќања имаа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и раководителката на канцеларијата на ОН Жени во Северна Македонија, Весна Ивановиќ Кастаред.
Во своето обраќање пред присутните, сопругата на претседателот истакна дека кога зборуваме за Република Северна Македонија треба да се спомене дека во текот на 2021 година, подготвенa е Стратегија за родова еднаквост 2022 – 2027, врз чија основа е подготвен Национален акциски план за родова еднаквост 2022 – 2024 година. Но, покрај носење на законската регулатива, потребна е доследна имплементација, како и конкретен ангажман околу суштествената сензибилизација во сите сфери, од интимните до професионалните. Сите во својот домен, и лично и професионално мораме да придонесеме кон искоренувањето на родовата нееднаквост.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска.
Почитувани учесници,
Почитувани гости,
Драги пријатели.
Почестена сум со можноста да се обратам на оваа исклучително важна регионална конференција. Како дел од караванот за ментално и економско зајакнување на жените кон комплетна родова благосостојба „Гласна и храбра“, кој го организира министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија, конференцијата на едно место собра навистина истакнати креатори на политики, експерти, активисти. Со особено интересни панели посветени на најгорливите прашања што ја засегаат родовата проблематика убедена сум дека конференцијата ќе поттикне размисли, иницијативи, идеи, енергија и мотивација за надминување на родовите бариери.
За жал, покрај темите за застапеноста на жените во политиката, за нивното учество во процесите на одлучување за клучните политички и општествени прашања, за нееднаквоста на примањата односно нееднаквото вреднување на трудот помеѓу половите, сѐ уште се јавуваат и прашања за кои мислевме дека се надминати, како што се малолетничките бракови, пристапот до здравствена заштита, еднакви можности за образование, спорт, итн. И веќе е неприфатливо да се релативизира со наративите за менталитет, традиционални вредности, културно милје, здравствена криза, финансиска криза… Едноставно мора системски, институционално да се искорени дискриминацијата и задскриената маргинализација. Веднаш и сега.
Кога зборуваме за Република Северна Македонија треба да се спомене дека во текот на 2021 година, подготвенa е Стратегија за родова еднаквост 2022 – 2027, врз чија основа е подготвен Национален акциски план за родова еднаквост 2022 – 2024 година. Но, покрај носење на законската регулатива, потребна е доследна имплементација, како и конкретен ангажман околу суштествената сензибилизација во сите сфери, од интимните до професионалните. Сите во својот домен, и лично и професионално мораме да придонесеме кон искоренувањето на родовата нееднаквост. Промените за родова еднаквост потекнуваат од сите нас, и можат да се решаваат само со синергија помеѓу личната одговорност и институционалните стратешки политики. Родовата еднаквост е обврска на секој граѓанин за создавање општество во кое секое девојче може да смета дека во иднина ќе ги има истите можности за образование, вработување и квалитет на живот како и секое момче. Колку повеќе ние вложуваме во родовата еднаквост, толку повеќе ќе им овозможиме на идните генерации да наследат општество во кое стереотипите и системските бариери ќе се намалуваат.
Треба да ја прекинеме и трансформираме историјата на родовата супресија и насилство кое не е само физичко, туку и пасивно, изразено преку систематското игнорирање и маргинализирање на општествената позиција на жената.
Секоја иницијатива која има за цел унапредување на родовата еднаквост е важна и треба да се поддржи, затоа што еднаквите права и можности се основа на секое демократско и избалансирано општество. А секое демократско општество мора да ги земе предвид потребите на сите граѓанки и граѓани во креирањето, носењето и спроведувањето на политиките.
Почитувани,
Би сакала во ова прилика да истакнам колку е важно да се инсистира на еден извонредно значаен сегмент, а тоа е медиумската застапеност на проблематиката за која се дебатира на конференцијата. Неопходна е соодветна застапеност на програмите поврзани со родовите прашања, како и на програмите кои обработуваат теми од родова перспектива. Ова се однесува на традиционалните, но и на социјалните медиуми. Во овој контекст мора да се спомене и говорот на омраза базиран врз родовата нееднаквост кој неконтролирано се шири низ интернет просторот, а доби на интензитет последниве неколку дена. Не помалку битно е соодветното третирање на проблематиката на родовата нееднаквост и во наставните програми и содржини односно ползување на наставни материјали и учебници кои промовираат родова и полова еднаквост и прифаќање на различностите.
Статистиката воопшто не е во прилог на родовата еднаквост. Имено, жените поминуваат три пати повеќе време за активности поврзани со домаќинството од мажите, и имаат многу помалку слободно време обременети со традиционалните родови улоги, кои се силно присутни кај речиси половина од жените, особено кај припадничките на не-мнозинските заедници. Економската зависност дополнително предизвикува дискриминација на жените. Иако работоспособни тие не бараат работа, туку се грижат за семејството и домот. Статистички жените извршуваат 72% од неплатената работа поврзана со грижа за домот, децата, возрасните лица и лицата на кои им е потребна поддршка, а вработените жени со високо образование пак заработуваат 22% помалку од мажите со високо образование. Зад оваа неповолна статистика не се кријат само бројки, туку човечки судбини, личности со име и презиме кои заслужуваат рамноправност и еднакви права.
На крајот, би сакала уште еднаш да упатам повик, сите активно да се вклучиме во секојдневната борба за општество за родова еднаквост, ако сакаме да живееме во општеството на слободни индивидуи.
Ви благодарам.