Ѓоргиевска: Потребна е зголемена будност и грижа за менталното здравје на жената без разлика на нејзината возраст, положба и статус.

7 декември 2023 | Aктивности, Соопштенија

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска учествуваше и се обрати на панел дискусијата „Здравјето не е само физичко -Ти ја имаш силата“ што се одржа во организација на НЕОКОРТЕКС – Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација.

Во своето обраќање, сопругата на претседателот истакна дека за да ги срушиме стереотипите и да ги охрабриме жените отворено да зборуваат за својата психолошка и душевна состојба, за негативните мисли и емоции кои ги тиштат, треба најпрвин да создадеме амбиент во кој грижата за менталното здравје ќе биде општо прифатена, а не табу тема.  Таа додаде дека жените треба да чувствуваат поддршка кога зборуваат за проблемите, да имаат доверба во институциите и да бидат сигурни за помошта што ќе ја добијат.

На панел дискусијата учествуваа  проф. д-р Славица Арсова, психијатар во ЈЗУ Клиника за психијатрија;  д-р Ирена Шуплиновска спец. гинеколог акушер во КБ “Аџибадем Систина“; Елена Бубало Михајловска,  биохемиски инжењер и сертифициран фитнес тренер – HealtyMe; Александра Трпевска, креативен директор, Lifestyle influencer и активист и м-р Ивана Хаџиванова, психолог, Гешталт и ЕМДР психотерапевт, семеен-системски советник и супервизор.

Настанот се одржа во рамки на кампањата за зајакнување на жените и нивното ментално здравје чија цел е подигнување на свеста за менталното здравје кај жените, дестигматизација, сензибилизација, како и отворен дијалог за предизвиците и стратегиите за превенција и третман.

Денешната панел дискусија е дел од низата активности кои ќе бидат спроведени во текот на шест месеци, а кои ќе опфатат вебинари, експертски панел, он-лајн групни сесии и кампања за подигнување на свеста низ психо-едукација вклучувајќи локални жени застапници и експерти од различни области, проектот ќе овозможи споделување на искуства и знаење, поддршка и взаемно разбирање.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на сопругата на претседателот.

Почитувани присутни добра вечер,

Најпрво, дозволете да ја поздравам оваа иницијатива на Центарот за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација – НЕОКОРТЕКС, отворено и гласно да зборувме за менталното здравје на жените, потребата од постојана грижа и јакнење на менталното здравје, како клучно за севкупната улога на жените во нашето општество.

За да ги срушиме стереотипите и да ги охрабриме жените отворено да зборуваат за својата психолошка и душевна состојба, за негативните мисли и душевната состојба, за емоциите што ги тиштат, треба најпрвин да создадеме амбиент во кој грижата за менталното здравје ќе биде општо прифатена, а не табу тема. Жените треба да чувствуваат поддршка кога зборуваат за проблемите, да имаат доверба во институциите и да бидат сигурни за помошта што ќе ја добијат.

Доколку жените отворено зборуваат за своето ментално здравје без да чувстуваат притисок или осуда, има поголеми шанси за навремен одговор, и можност да се превенираат посериозни здравствени последици.

Канцеларијата за ментално здравје којашто е отворена на Филозофскиот факултет, потоа Центарот за ментално здравје  во рамките на Црвениот крст, се форми кои овозможуваат проактивен пристап во третманот на сите состојби кои се среќаваат во смисла на нарушување на менталното здравје кај младите, а и кај жените. Дополнително, голем број на граѓански организации и здруженија се активни во подигнувањето на јавната свест за менталното здравје.

Така што, неспорно е дека направен е огромен исчекор за разбивање на стигмата, но факт е дека пред нас, како колектив, претстои уште многу работа.

Истражувањата покажуваат дека на светско ниво, двојно повеќе жени страдаат од депресија за разлика од мажите. Од друга страна пак, само 3% од вкупните здравствени трошоци во светот одат за подобрување на менталното здравје на луѓето.

За жал немаме опсежна статистика за оваа сензитивна тема. Најчесто зборуваме за депресија и анксиозност. Стресот со кој денес буквално сите се соочуваме, исто така може да има големо влијание. Особено загрижува, што голем дел од јавноста, сè уште, не ја гледа сериозно постпородилната депресија. Истражувањата покажуваат дека кај 3% од жените, симптомите на оваа депресија се толку многу изразени што жената дури размислува и за самоубиство.

Годинава, за првпат, беше изработена студија за менталното здравје на жените во перинаталниот период, која покажа дека повеќе од 54 % од младите мајки што пријавиле сериозни симптоми на депресија, не успеваат да воспостават емоционална врска со новороденото што е клучен фактор за развојот на детето, но исто така и за менталното здравје и благосостојбата на самата мајката.

Сиве овие податоци укажуваат на потребата од зголемена будност и грижа за менталното здравје на жената без разлика на возраста, положбата и статусот.

Тоа е клучен фактор за жената успешно да се реализира и приватно, но и професионално.

Јас честопати сакам да кажам, за да имаме видливи резултати и навремен институционален одговор,  мора да создадеме коалиција на партнери од различни институции: здравствени, образовни, социјални, но и од граѓанските здруженија кои сите заедно ќе работат интерсекторски и тоа ќе биде коалиција која ќе дава поддршка, но и ќе нуди решенија.

Ви благодарам за поканата и ви посакувам успешна дискусија и понатаму успешно спроведување на иницијативата.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски ја посети компанијата ,,Везе Шари” и општина Пласница

Претседателот Пендаровски ја посети компанијата ,,Везе Шари” и општина Пласница

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“ денеска во селото Требош, Општина Желино ја посети компанијата „Везе шари“. За време на посетата, претседателот Пендаровски беше запознаен со тековната работа на компанијата, која...

Изјава на претседателот Пендаровски на денешната прес-конференција

Изјава на претседателот Пендаровски на денешната прес-конференција

Претседателот Стево Пендаровски денеска одржа прес-конференција. Во продолжение е интегралниот текст на изјавата на претседателот Пендаровски. Почитувани медиуми, Почитувани граѓани, Благодарам за вашето присуство. Повод за...

Претседателот Пендаровски присуствуваше на завршниот настан „Иднината почнува дома“

Претседателот Пендаровски присуствуваше на завршниот настан „Иднината почнува дома“

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер присуствуваше на завршниот настан „Иднината почнува дома“, на којшто беа доделени признанија на триесет и двајцата номинирани личности, кои со нивната индивидуална ангажираност придонеле како двигатели на позитивни промени во...

Отворен Кабинет за претставници на Mладински клуб на Турците и ученици од ООУ „Браќа Миладиновци“

Отворен Кабинет за претставници на Mладински клуб на Турците и ученици од ООУ „Браќа Миладиновци“

Кабинетот на претседателот, денеска го посетија претставници на Mладински клуб на Турците и ученици од ООУ „Браќа Миладиновци“ од Аеродром, Скопје, во рамки на активноста Отворен Кабинет. [gallery...

Обраќање на сопругата на претседателот на панел дискусија по повод Денот на ретките болести

Обраќање на сопругата на претседателот на панел дискусија по повод Денот на ретките болести

  Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на панел дискусија посветена на Денот на ретките болести во организација на Националната алијанса за ретки болести на Македонија – НАБРМ.   [gallery...