Билјана Радева

Билјана Радева

Заменик генерален секретар, Раководител со службата за комуникации

е-маил: [email protected]

телефон: +389 76 45 55 45

Биографија

Билјана Радева се приклучи на Kабинетот на претседателот по речиси осум години искуство како раководител на тимот за комуникации и дигитална дипломатија во Британската амбасада во Скопје каде што соработувала со новинари, медиуми и медиумски организации, граѓански сектор, национални институции и меѓународни организации.

Изработувала и спроведувала комуникациски стратегии и планови, стратегии за дигитални комуникации и има искуство во развој на социјални медиуми, медиа-мониторинг, аналитика, лобирање, организациски менаџмент, изработка и спроведување на комуникациски планови за посети на високо ниво.

Била тренер на неколку обуки и работилници и предавач за комуникации, односи со јавност, клучни пораки, пишување на говори и дигитална дипломатија. Работела на теми како медиумски слободи и слобода на изразување, ЛГБТ-права, родова еднаквост и инклузија.

За својата работа била наградувана неколку пати од Министерството за надворешни работи и Комонвелт на Обединетото Кралство.

Пред работата во Британската амбасада пет години работела во Министерството за одбрана на Република Северна Македонија како шеф на кабинет, аналитичар за одбранбена политика, тренер за комуникации и специјалист за проверка на вештини за англиски јазик, имплементирајќи го НАТО-стандардот СТАНАГ 6001. Нејзините професионални почетоци се во Евро-Атлантскиот Совет на Македонија каде што има работено како програмски менаџер, а подоцна и како генерален секретар.

Дипломирала Англиски јазик и книжевност и британски културолошки студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирала на Катедрата за превод и толкување на тема: „Толкување култури: Интеркултуролошки вештини на толкувачите“.

Исто така магистрирала во областа на менаџирање на стратегиски комуникации при Институтот за комуникациски студии, на тема „Транспарентноста и заштитата на јавниот интерес во дигиталните комуникации на владините институции во Република Северна Македонија.“