Изјава по втората седница на Советот за безбедност

24 декември 2019 | Соопштенија

Пред малку ја завршивме втората седница на Советот за безбедност. Од стандардниот, постојаниот состав на Советот за безбедност двајца беа отсутни, г-нот Талат Џафери се извини бидејќи имал обврски во Парламентот и од здравствени причини професорот Трајан Гоцевски беше исто така отсутен. Дополнително, поканети на седницата надвор од редовниот состав на Советот беа директорот на Агенцијата за национална безбедност, директорот на Агенцијата за разузнавање, Директорот на Оперативно техничката агенција – ОТА и началникот на Генерал-штабот на Армијата. По ред, одевме вака со дневниот ред – прва точка беше извештај за состојбата со нашите војници кои се во меѓународни мисии, тука реферираа началникот на Генерал-штабот и министерката за одбрана. Ние во овој момент имаме војници во меѓународни мисии во Босна и Херцеговина, имаме во Авганистан, имаме во Либан и имаме војници кои се распоредени на нашата јужна граница во рамки на нашите граници, но надвор од нивните места на живеење. Извештајот е рутински, тековен е, состојбата со сите наши контингенти и на граница со Грција и надвор од нашите граници е редовна. Како втора точка на двевниот ред беше извештај за тековните процеси на екипираност, кадровска и техничка, на Оперативно-техничката агенција и за таа цел за првпат беше на Советот за безбедност повикан и директорот на ОТА кој реферираше до каде е стигнато, од просторното сместување, од кадровското екипирање, обуката на неопходниот кадар, техничко-технолошката опрема која е неопходна за да ја извршуваат своите задачи и својата обврска согласно Законот и можеме да констатираме дека само во тој дел работите се одвиваат со она темпо кое го посакуваме. Тука имаме и дел од странски експерти кои помагаат од самиот почеток на етаблирањето на таа нова, за нашиот систем, институција. Можам да кажам дека и нивните евалуации се прилично позитивни и дека таа агенција практично година и пол како постои, е веќе на висина од својата задача, некои поголеми потешкотии во нејзиното работење не се забележани.

На крајот разговаравме за  точката која ја најавивме уште од порано како главна точка од дневниот ред, тоа е заштитата на животната средина. По првпат на Советот за безбедност кај претседател на држава ги повикуваме невладините организации кои се активни во областа и по првпат на Советот за безбедност се поставува ова прашање, што значи дека таа т.н. еколошка безбедност или небезбедност како се побитна компонента на целокупниот комплекс на безбедност и закани, почнуваме да ја третираме и кај нас како што тоа е и впрочем и во другите битни регионални организации во кои сме или партнери или сакаме еден ден да бидеме полноправни членки. Само ќе ми дозволите два – три збора претходно – како дојдовме до тоа да биде третирано ова прашање на седница на Совет за безбедност? Претходно документот кој јас го одобрувам и го потпишувам – Стратегијата за одбрана бидејќи не содржеше мерки во случај на еколошка безбедност односно небезбедност во нашата земја беше вратена на доработка за да содржи пасуси кои се неопходни ако сакаме да имаме заокружен поглед на безбедноста и ако сакаме да ги третираме сите нејзини битни компоненти. Понатаму, во моето годишно обраќање пред неколку дена, знаете се заложив за зголемување на државниот буџет за заштита на човековата околина кое би морало во наредниот период, во наредните години да биде што е можно побргу и што е можно поблиску до просекот на земјите-членки на ЕУ. Споменав, исто така, дека освен поглавјето 23 за кое досега разговаравме и ние и оние други земји кои го поминаа тој пат пред нас, дека сега поглавјето 27-заштита на човековата средина се смета за едно од најтешките и сигурно едно од најскапите кога ќе ги почнеме преговорите. Значи и во тој дел ние мора да се подготвиме и да ги одбереме најумните меѓу нас кои ќе можат на најсоодветен начин да преговараат за таа област. Еве сега на седницата чувме од дел од учесниците дека поглавјето 27 според проценката на преговарачите од Црна Гора која е прилично доминантна во тие преговори, тие сметаат дека во една декада би ги чинело  милијарда и пол евра. Ако одиме по тие параметри значи уште од сега би можеле да кажеме една цифра, како една груба проценка, мислам дека поглавјето 27 нас би не чинело над 5 милијарди евра. Станува збор за исклучително важен сегмент од животот на луѓето кој е третиран како политички приоритет број 1 и во ЕУ и во НАТО алијансата. Исто така дадов поддршка и стојам на таа позиција, давам поддршка за создавање на национален фонд на ниво на држава за заштита на човековата околина.

Мојата идеја да ги поканам невладините организации активни во оваа област беше да ги соочат своите аргументи со претставниците на надлежните министерства и државните агенции, да не заборавам дека беше и претставникот на државниот инспекторат за заштита на човековата околина, исто така беше и заменик министерот за животна средина, се разбира министерот Нуредини да не го заборавам, значи оние кои се надлежни во државата за заштита на животната средина и оние кои се во невладиниот сектор, да ги соочат аргументите и да предочат што тие мислат за досегашните мерки кои надлежните органи ги преземаат, што би требало да се преземе во иднина. Се разбира, тоа што е конкретно спомнато од нивна страна ќе го кажат тие самите ќе го кажат во своите изјави кои ќе ви ги дадат подоцна. Она што јас можам да ви го кажам, мислам дека главната идеја која беше при свикувањето и која ја реализиравме е кревање на јавната свест затоа што никогаш досега во историјата на нашата земја на толку високо и репрезентативно политичко ниво, не е разговарано за овој политички проблем кој станува се апоакутен не само кај нас, не само во нашиот регион туку и сегде во светот. Советот за безбедност е советодавно тело, не е тело кое одлучува, решава, се собравме тука за да донесеме одлуки за решавање на овие проблеми, за забрзување на потивните трендови во оваа област. Неспорно е дека е потребно и на ова ниво да дадеме еден импулс плус во јавноста да ова прашање се третира не ад хок, туку системски односно посистемски од досега. Јас мислам дека тоа беше и главната поента која сите учесници во денешната дебата ја поддржаа, се разговара за ова на високо политичко ниво, луѓето кои се во невладиниот сектор да бараат отчет од луѓето кои се платени да работат во таа област. Мислам дека тоа се најбитните работи од денешната седница.

На новинарско прашање какви заклучоци беа донесени на седницата на Советот за безбедност, претседателот Пендаровски одговори:

Заклучокот е дека владините претставници, можеби е најдобро тие тоа да го кажат, не знам дали имаат планирано изјави да даваат, владините претставници тврдеа и тоа го поткрепија со факти, со бројки, со аргументи, дека на ова поле во изминативе 20 и кусур години никогаш не е направено повеќе и притоа се согласија дека има уште многу за работење, многу за одработување. Невладините, нормално, сметаа дека во таа област мора да се придвижуваат многу побрзо, многу подлабоко, многу посистемски за на сите да ни биде подобро и да живееме во една здрава животна средина. Ова што е мој впечаток од тоа што го слушав во овие два часа на кои дебатиравме на таа точка, мој впечаток е дека постоеше конструктивен придонес од двете, условно да ги наречам двете страни,јас ги нарекувам една страна бидејќи сите имаме една иста цел, да живееме во поздрава околина,имаше конструктивен, немаше расправии, немаше зајадливи коментари, немаше непочитување на другата страна и мислам дека тоа е атмосфера и начин на однесување со респект кон соговорникот кој треба да го користиме повеќе и во јавниот дискурс и во Парламентот и генерално на сите јавни дебати на таа тема.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавите на претставниците на граѓанските организации пред почетокот на седницата на Советот за безбедност дека на седницата ќе дадат неколку свои барања и дека нема веќе рокови, претседателот Пендаровски изјави:

Знаете што? Во заштита на човековата околина не може ни да поставите рокови затоа што нема крајна цел. Дури и државитe екои најдалеку отишле во таа работа, дури и државите кои трошат милијарди на заштита на човековата околина кои се пример за нас, и таму никогаш не велат – е, сега завршивме, можеме да одиме дома и да одмараме. Тоа е работа како со демократијата, вие никогаш не можете да кажете сега имаме совршена демократија, тоа е горен плафон, не можеме повеќе права да им даваме на припадниците на одредена заедница и подаелку, значи во таа смисла не можам да видам како би се поставил рок, меѓутоа имаше разговори и најдобро е, повторувам, самите тоа да го кажат, имаше разговори за сосема конкретни случаи, да не кажам, Охис случајот со линданот во кој имаше совпаѓање во размислувањето на двете страни, меѓутоа јас сум и сум формално сега од другата страна, политичката страна, не би сакал да бидам адвокат на владините претставници, ниту пак нивни адвокат, тие се доволно умни да ги образложат своите позиции. Ви велаm, мојот впечаток беше дека имаше прилично совпаѓање во ургентноста на проблемите и она што се согласија и двете условно кажано, страни е дека во овој сегмент нема брзи фиксови, не можете вие да решите ни преку ноќ ниту во еден мандат, впрочем тоа го кажав, ако не се лажам, во тие формулации во годишното обраќање дека секому е јасно и на оние што не се големи експерти во областа дека еден градоначалник и еден министер, еден претседател и еден премиер овој проблем не може да го реши во еден мандат и мислам дека тоа е впечатокот кој ќе ви го кажат, кој тие го споделуваат и само така може да се оди напред.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...