Интервју на претседателот Пендаровски за Алмакос

24 јуни 2019 | Интервјуа

  1. На 24-25 јуни патувате во Германија, кој е поводот за оваа посета?

    Мојата прва меѓународна посета беше Брисел, седиштето на главните евро-атлантски институции затоа што тоа е дестинацијата која со години ја поддржуваат нашите граѓани. Мојата прва билатерална посета е на Германија каде ќе се сретнам со претседателот Штајнмаер и министерот за надворешни работи Маас. Германија е наш клучен политички и економски партнер, не само за Северна Македонија туку и за регионот. Германија е со години наш прв трговски партнер и креатор на Берлинскиот процес на соработка на регионот. Нивните долгогодишни инвестиции во политичкиот и економскиот развој беа клучни за подобрување на нашето општество. Германско-македонските односи се многу блиски и партнерски. Германија беше и очекуваме да остане уште посилен и појасен поддржувач на евро-атлантските аспирации на Република Северна Македонија.

  2. Има повеќе од еден месец како сте Претседател на Република Северна Македонија. Кое е чувството да се биде на чело на државата и дали се променило нешто во Вашиот живот?

    Уште пред да ја прифатам кандидатурата отворено разговарав со сопругата и со синот, од нив ја добив целосната поддршка и тоа ми беше основниот услов да влезам во претседателската трка. Очекувано, нашето секојдневие е променото, иако, јас не сакам да робувам на протоколите и сакам, се разбира, колку е тоа можно да го задржам претходниот начин на живот. Свесен сум дека сега секојдневните обврски како претседател, наметнуваат жестоко темпо на обврски и одговорности, сепак јас сум Стево Пендаровски, сопруг на Бети и горд татко на Огнен.
    Да се биде на чело на државата за мене пред се претставува исклучителна чест но и огромна одговорност. Благодарен сум што граѓаните ми дадоа доверба за да ја водам државата и да бидам заштитник на нивните интереси. За мене е чест да ја претставувам државата во светот и да бидам на чело на Армијата. Како што кажав и во мојот прв говор на инагурацијата и во изборната кампања, ќе бидам претседател на сите граѓани, јас сум тука да им служам на сите и заедно да градиме напредно општество на заедништво, солидарност и правичност. Промени секако дека има во мојот приватен живот, но тие се на подобро затоа што имам можност во следните пет години да работам на развојот на нашата држава и нејзина промоција во странство.

  3. Како се чувствуваат членовите на вашето семејство, конкретно вашата сопруга и синот, и колку тие успеваат да се соочуваат со вистината дека ќе треба да се прилагодат на ново секојдневие?

    Мојот син Огнен има 17 години, но, е изградена и силна личност, која ќе успее да се соочи со новото секојдневие. Огнен сака и сигурен сум дека ќе го живее животот на секој млад човек. Мојата сопруга Бети по професија е лекар, но таа веќе се вклучува со активности кои од секогаш биле и наши заеднички вредности – а тоа се заедништво, солидарност, хуманост и подобар живот за сите. Секојдневието ни е сменето, но се обидуваме сепак како семејство да ја задржиме близината, да поминуваме колку можеме почесто време заедно сами или со блиските другари.

  4. Зошто се уште живеете во вашиот приватен стан, а не во претседателската резиденција? Ветивте дека ќе се преселите во претседателската резиденција само за да не ги вознемирувате вашите соседи?

    Да, наскоро ќе се преселам во претседателската резиденција затоа што самата функција со себе носи безбедносни правила, како и динамика на активности и не би сакал моите соседи да го носат товарот и да бидат вонземирувани. Иако секојдневно кога одам и се враќам од работа знам да се сретнам со нив или други граѓани и да поразговараме за вообичаени соседски теми без разлика на функцијата ние сме живееле со соседите со години во иста зграда и тоа се релации кои ќе продолжат и за време на мојот мандат, а и потоа.

  5. Пред една недела ја реализиравте првата посета во Брисел! Задоволни ли сте од средбите што ги реализиравте и дали сте оптимист што се однесува до добивање датум за челнство во ЕУ на есен?

    Задоволен сум од посетата затоа што и од претседателот на Европскиот Совет Туск и од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Могерини добивме јасна порака дека Северна Македонија е на вистинскиот пат и треба да продолжиме со реформите. Добивме потврда и признание дека државата направи се што се очекуваше и прашањето е не дали туку кога ќе отпочнат преговорите. Оптимист сум за есен и очекувам како што беше наведено во заклучоците од јунскиот Совет во Луксембург дека ЕУ ќе се наврати на нашето прашање најдоцна до октомври и дека ќе добиеме датум за преговори. Заклучоците јасно наведоа дека одложувањето е поради тесната временска рамка да се разгледа извештајот и да се донесе одлука, а не поради неисполнети критериуми од наша страна. Од регионот, беше посочено на средбата, доаѓаат и добри вести, а договорот од Преспа и договорот со Бугарија се примери како можат тешките прашања да се затвораат со храбри одлуки.

  6. Какви се вашите односи со премиерот Заев? Ве прашуваме за оваа релација бидејќи Иванов имаше големи проблеми со сегашната влада и не ги поптиша законите што ги изгласа парламентот. Во меѓувреме вие ги потпишавте сите блокирани закони од Иванов?

    Со премиерот Заев имаме одлична соработка, јас бев и носител на листа во првата изборна единица, а ја добив довербата на премиерот и работев како Национален координатор за НАТО во можеби најспецифичниот период. На претседателските избори, јас бев изборот за кандидат за претседател и за време на кампањата неговата поддршка беше јасна. Со Владата очекувам да имам одлична соработка, ќе давам поддршка на сите иницијативи кои се во интерес на граѓаните, а ќе критикувам и ќе работам на подобри решенија кога ќе увидам дека некои процеси не се во интерес на сите граѓани. Откако стапив на функцијата, потпишав голем број на закони кои мојот претходник не ги потпишувал поради неприфаќањето на новото име на земјата и го расчистивме патот за спроведување на многу битни закони од областа на безбедноста, како и за подобрување на социјалните права на граѓаните.

  7. Не интересира какви се вашите односи со ДУИ и нејзиниот челник Али Ахмети?

    Со лидерот на ДУИ Ахмети имам коректна соработка, а партијата ДУИ даде поддршка на мојата кандидатура. Во рамките на моите средби со политички партии се видов и со господинот Ахмети и се согласивме дека сите политичари треба да работиме заедно за остварување на евро-атлантската агенда на државата. Отворен сум за соработка и консултација со сите политички партии.

  8. Каква е вашата соработка со останатите албански партии кои се дел од владината колаиција, посебно со Алтернатива на Африм Гаши?

    И со останатите албански партии имам коректна соработка, а со лидерите се видов уште во првите денови на мојот мандат. Ќе се трудам во текот на мандатот да остварувам коректна соработка со сите политички партии и од владејачката коалиција, и од опозицијата со цел сите заедно да работиме за подобро општество.

  9. Вие се сретнавте и со челникот на опозиционата партија што ја предводи Зијадин Села? За што разговаравте со Села и дали е побарано нешто од вас?

    Со господинот Села се видовме и разговаравме за начините на кои можеме да соработуваме заедно. Ме извести за ставовите на партијата за одредени процеси во државата и се надевам дека ќе имаме коректна соработка.

  10. Дали планирате средба и со г. Мицковски или пак планирате да повикате средба на партиските лидери?

    Да, се надевам дека наскоро ќе се видам и со господинот Мицковски. Потребен ни е политички дијалог и потребно ни е помирување дома, без разлика на политичките интереси на различните партии, за големите прашања кои се од стратешки интерес за земјата, на долг рок мораме да имаме консензус доколку сакаме нашето општество да просперира, младите да не се иселуваат и да имаме стабилност и развој. Треба да најдеме начини за соработка меѓу сите релевантни политичари затоа што ние сите сепак работиме за интересот на граѓаните.

  11. Ги надминавте ли недоразбирањата со ДУИ околу именувањето на Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање?

    Не би рекол дека имаше недоразбирања и доколку имало некои нејаснотии се објаснивме. Имав средби со лица од раководството на ДУИ и им ги образложив причините и криериумите за назначувањето на Муслиу и сметам дека во иднина ќе имаме почеста комуникација.

  12. Кои беа причините и предиспозициите што ве наведоа Еролд Муслиу да го именувате директор на Агенцијата за разузнавање?

    Еролд Муслиу е професионалец од безбедносниот сектор со долгодишно искуство во областа. Тие и беа критериумите за неговото назначување – образованието, искуството и способноста за раководење во еден сензитивен сектор како што е безбедносниот, како и соработката со институциите во земјата и странство.

  13. За прв пат откако постои нашата независна држава и директорот на оваа Агенција и вашиот советник за национална безбедност се албанци, односно Ерол Муслиу и Блерим Кољали. Кои се причините што го вклучивте Колали во вашиот кабинет?

    Критериумот за назначувањето на Кољали како советник за национална безбедност е како и за сите други соработници – образованието, искуството и професионалниот пристап кон работата. Сметам дека тој го има потребното искуство и минат труд и може да придонесе како мој советник за национална безбедност со оглед на тоа дека има долгодишно искуство работејќи за НАТО најуспешната политичко-воена организација кон која ние се приклучуваме и чие безбедносни стандарди ги усвојуваме.

  14. Ниту г. Муслиу ниту г. Кољали не се членови на некоја партија. Покрај нив како непартијци, во вашиот кабинет се вклучени и личности од невладиниот сектор, од медиумите… Значи ли тоа дека сакате да го департизирате претседателскиот кабинет?

    Претседателскиот кабинет треба да го одразува општеството во кое живееме. Во мојот кабинет има лица кои дојдоа од различни сектори – приватен, академска заедница, домашни и странски институции. Различноста на искуството е богатство. Веќе е општо познат факт и во бизнисот дека најуспешните тимови се оние каде има различност на искуството, кога има различни ставови и мислења тоа е богатство каде од широкиот спектар на идеи можат да се искристализираат најдобрите предлози.

  15. Кога ќе ги соопштите имињата на Советот за безбедоност?

    Процесот на консултации заврши и неодамна ги објавив имињата јавно, тоа се Ветон Љатифи, Трајан Гоцевски и Ненад Марковиќ.

  16. Кој ќе биде предложен од вас како член на Судскиот Совет? Се зборува дека ова место ќе му припадне на ДУИ. Има некаква вистина во овие шпекулации? Засега во вашиот кабинет не гледаме некое место или позиција да е пополнета по предлог на ДУИ?

    Како и за сите други назначувања кои се во ингеренцијата на претседателот ќе се трудам да водам консултации, со цел да изберам лица кои покрај етничката припадност, со оглед на правната рамка во нашата држава која побарува правична застапеност на заедниците, критериум мора да биде да се лица соодветни за позицијата, лица со интегритет, чесни професионалци и докажани во својата област.

  17. Пред неколку дена се одви една полемика во дистанца меѓу Вас и Премиерот на Албанија, г. Рама. Потоа г. Рама потврди дека телефонски сте разговарале и дека сте ги разјасниле работите. За какво недоразбирање станува збор и за што разговаравте со г. Рама? Дали мислите дека Албанија треба да се исклучи од заедничкиот пакет со нашата држава за прием во ЕУ?

    Телефонски разговарав со господинот Рама и се согласивме дека имало мало недоразбирање. Јас не правам разлика дали граѓаните се Македонци или Албанци, ние сме сите дел од исто општество и јас сум претседател на сите граѓани. Најповолно за регионот е и Северна Македонија и Албанија да добијат датум за преговори, а и другите земји да се приклучат во процесот на европска интеграција. Искуството од најновите земји-членки ни покажа дека членството во евро-атлантските институции е процес низ кој се реформира општеството и се подобруваат условите граѓани.

  18. Во меѓувреме и Бугарија се изјасни против раздвојувањето на оваа група?

    Формална група како таква не постои, ниту некогаш постоела. Процесот е исклучително заснован на заслуги, а постигнувањата на секоја од земјите кандидати Брисел ги вреднува одвоено.
    Тоа што е желба на поголем број земји-членки на ЕУ, вклучително и на Бугарија, како одговорен сосед е да ги видат Северна Македонија и Албанија интегрирани во Унијата, не треба да значи дека е формирана своевидна група од нашите две држави. Од друга страна, повторно ќе нагласам дека интеграцијата на Албанија во ЕУ е и моја желба и заложба. Јас би рекол дека не само Албанија, туку и Косово и БиХ треба да имаат јасна европска иднина и да станат членки на Унијата кога за тоа ќе бидат подготвени.

  19. Какви се односите на нашата држава со Косово и Албанија?

    Северна Македонија има одлична соработка со Косово и Албанија, ние сме соседи и нормално е со соседите да имате цврсти релации затоа што нашите институции, бизниси, граѓански сектор, па и секој од нас како граѓанин има најчесто соработка или размена во соседството.

  20. Како ја оценувате моменталната состојба во Косово и кое е вашето мислење во врска со преговорите Косово-Србија? Како ја оценувата таксата што Косово ја воведе врз приоизводите увезени од Србија?

    Како што веќе нагласив, Косово е сосед и значаен партнер на Северна Македонија. Внатрешно-политичките случувања во оваа земја се внатрешна работа на Косово. Претседателот Тачи и Премиерот Харадинај се долго време во политиката и верувам дека се доволно мудри да ги препознаат регионалните прилики и интересите, пред се, на нивните граѓани но и партнерите од меѓународната заедница, кои сакаат Косово да биде фактор на стабилност во регионот. Од друга страна, цврсто сум убеден дека преговорите меѓу Косово и Србија се единствениот начин за изнаоѓање решение и дека идеите за корекција на границите и размена на територии и луѓе, се архаични и штетни. Во тој контекст, иако ние како земја дури имаме и своевидна економска полза, целосно го делам мислењето на нашите западни партнери дека воведените такси не придонесуваат кон создавање атмосфера на доверба меѓу Косово и Србија, и штетат на довербата и дијалогот. Знаете, дури ни во најтешките моменти во нашите односи со Грција, ниту еден политички лидер во Северна Македонија не посегна кон радикални економски мерки, знаејќи дека државничка работа е да се обидеме да ги надминеме недоразбирањата.

  21. Вашата проценка за односите на нашата држава со Грција, Бугарија и Србија?

    По потпишувањето на Договорот од Преспа очигледно е дека со Грција односите ни се значително подобрени на политичко и институционално ниво, како и меѓу бизнисите, а од минатата година имаме и директен лет Скопје-Атина. Имавме во минатотото добра бизнис соработка, но секогаш има простор за повеќе. Со Бугарија и Србија имаме традиционално добри односи на ниво на бизниси, туризам, работа и образование на граѓаните. Ние сме единствената земја во регионот која нема отворени прашања со соседите и која ги подобрува односите. Како и во секоја релација понекогаш има потреба за малку повеќе труд, но со политичка волја и ангажман секогаш може да се подобрат односите.

  22. Кој е вашиот став во врска со барањето на Турција да и се вратат нејзините граѓани обвинети дека се членови на организацијата ФЕТО?

    Разговаравме за ова прашања со нашите партнери од Турција и знаеме дека тие имаат барања за 15 лица. Постапката е во тек преку Министерството за правда, колку што сум информиран. Исто така треба да сме свесни дека ние имаме преземено обврска како дел од нашата европска интеграција да се усогласуваме со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и треба да го имаме предвид и ова прашање при носењето на конечни одлуки.

  23. За на крај: сега кога сте веќе Претседател, дали сте одлучни да не отстапите од начелата што ги прокламиравте за време на предизборна кампања?

    Не планирам да отстапам од вредностите за кои кажав дека ќе се залагам за време на изборната кампања – претседател на сите граѓани, од кој нема да се срамат граѓаните. Ќе бидам ликот на државата во странство, ќе работам за сите, ќе се трудам да се гледам со што е можно повеќе граѓани, а сакам да ја отворам мојата канцеларија за секој граѓанин кој има проблеми и колку можам да помогнам. Ако сакаме напредно општество, каде младите нема да се иселуваат, каде имаме истражување, развој и напредок мораме сите да работиме на правичност, солидарност и заедништво – за подобра држава за сите. Како што ветив, нема да бидам затворен во моите канцеларии на Водно, ќе одам секаде каде што ќе бидам повикан за да работиме за доброто на секој граѓанин и на државата.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...