Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на онлајн конференцијата посветена на високото образование во регионот на Западен Балкан, на тема „Заеднички вредности, способности и одржлив развој“. Конференцијата е поддржана од Германската служба за академска размена – DAAD.
Во продолжение, во целост Ви го испраќаме текстот од обраќањето на претседателот Пендаровски.
„Добро утро почитувани учесници,
Екселенции,
Дами и господа,
Ви благодарам за поканата да се обратам на овој значен собир. Задоволство ми е да ве поздравам на отворањето на оваа конференција посветена на високото образование во регионот на Западен Балкан. Им честитам на организаторите од трите универзитети од Сојузна Република Германија, од Република Северна Македонија и од Република Албанија за овој заеднички потфат.
Минатата година кога одлучивте темата на оваа серија на конференции да биде „Заеднички вредности, способности и одржлив развој“, всушност со право ги предвидовте трите клучни елементи за 2020 година но и за понатаму.
Пред сè, пандемијата со КОВИД-19 нè потсети на тоа кои се нашите заеднички вредности. Во демократскиот свет во кој живееме, општо е прифатено дека тие вредности се владеењето на правото, демократските политички вредности, функционалните институции и културата на дијалог. Но, сите овие важни вредности во суштина се во поддршка на една многу повисока цел. Врвна вредност за секоја држава и за секое општество е човековиот живот. Оттука, главна мерка за успешноста на една држава е способноста на нејзините институции да им овозможат безбеден, предвидлив, стабилен, просперитетен живот на граѓаните, со почитување на нивното вродено човечко достоинство.
Ова не е лесна задача, имајќи предвид дека предизвиците со кои денес се соочуваат нашите држави се исклучително сложени, непредвидливи, повеќедимензионални и задираат во секоја општествена пора. Пандемијата сериозно ги наруши не само здравствените, туку и економските, социјалните, културните, образовните, еколошките аспекти на нашите животи.
Оваа платформа за размена на експерти меѓу трите држави, која е поддржана од Германската служба за академска размена – DAAD, доаѓа во вистинско време. Во услови на пандемија, важноста на високото образование и на науката станува уште позначајна, не само во справувањето со последиците, туку и во дизајнирањето на нашите општества врз одржливи основи за во иднина. За да можеме да се ориентираме кон зелена и инклузивна економија, чиста технологија, обновлива енергија, неопходно е да развиваме силно партнерство меѓу носителите на одлуки, научната и академска заедница и бизнис-секторот. А, предусловот за тој потфат бара градење на меѓусебна доверба меѓу клучните чинители.
Почитувани учесници,
Пред само четири дена со Обединетите нации ја потпишавме новата Рамка за соработка за одржлив развој за периодот од 2021-2025 година. Овој стратешки документ има за цел да ги поддржи напорите за подобрен животен стандард на македонските граѓани, инклузивен и зелен развој, универзален пристап до здравство, образование и социјална заштита, амбициозна климатска акција, отпорност кон катастрофи и подобрено владеење на правото и многу повисок степен на владеењето на правото.
Истовремено, нашите национални напори за одржлив развој се усогласени со нашата клучна надворешнополитичка цел – членство во Европската Унија. Република Северна Македонија заслужува и е подготвена да ги започне пристапните преговори за членство во Унијата и тоа уште за време на германското претседателство. Интегрирањето на нашата земја во Унијата, но и на другите земји од Западен Балкан, е во интерес на регионалната безбедност и на просперитетот. Евентуална блокада или одложување на почетокот на преговорите би било голема грешка или голем неуспех, пред сè, на Европската Унија и на германското претседавање, кое е толку многу ангажирано во поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан. И последно, но секако не и најмалку важно, таквиот исход негативно ќе влијае на стабилноста и иднината на регионот. Живееме во период кога сите ние треба да вложуваме максимални напори не само за справување со последиците од пандемијата туку и за дизајнирање на нашите општества во согласност со принципите на одржливост, и во согласност со најдобрите европски пракси.
Одржливиот развој не е само дополнителен план за нашите држави, нашиот регион и за Европа. Агендата 2030 е обврска за нашата генерација, целосно да го искористат човечкиот потенцијал за да остават подобар свет на идните поколенија. Клучна улога во тој процес имаат токму универзитетите кои треба да ги едуцираат нашите млади луѓе и да ја канализираат нивната енергија и креативност кон крајната цел: одржлив развој за одржливи општества.
Почитувани пријатели,
Ова се само неколку од аргументите зошто го поддржувам овој проект за високото образование во регионот на Западен Балкан. Ви посакувам успешна конференција, плодни дискусии и се надевам дека наскоро ќе се видиме во живо.
Ви благодарам“.