Обраќање на Елизабета Ѓоргиевска на конференцијата за здравство „Подобрување на пристапот до лекови за сите“

25 ноември 2022 | Aктивности, Соопштенија

 

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на првата конференција за здравство „Подобрување на пристапот до лекови за сите“, во организација на Американската стопанска комора на Северна Македонија.

Еднодневната конференција посветена на унапредување на здравствениот систем во Северна Македонија овозможува размена на мислења, информации и ставови на релевантните чинители од оваа област, носителите на одлуки, здравствените работници и експерти, организациите на пациенти, меѓународните организации, универзитетите, невладините организации.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска:

Почитувани присутни,

Ценети гости,

Дами и господа,

Чест ми е да се обратам на оваа прва здравствена конференција на Американската стопанска комора во Северна Македонија посветена на пристапот до лекови.

Смислата на постоењето на здравствениот систем е грижата за здравјето и животот на пациентите. Фундаменталното човеково право на здравје и на здравствена заштита подразбира и непречен пристап до неопходните лекови.

Како никогаш до сега, драматичниот напредок на медицината и фармацијата создаде можности за успешно лекување на огромен број болести. Новите генерации иновативни лекови го овозможуваат она што пред само неколку години беше незамисливо. Но, позитивните ефекти од овој голем потенцијал не ги чувствуваат сите подеднакво, поради нееднаквиот пристап до лекови. Многу лекови, дури и да се достапни, се честопати прескапи за животниот стандард на македонските граѓани.

Ценети присутни,

Американската стопанска комора, како општествено одговорна организација, помага во олеснување на проблемот со пристапот до лекови. Благодарност до AmCham помага на надлежните институции, а преку тоа најмногу на нашите граѓани.

Неусогласеноста со европските директиви и нефункционалноста на системот за утврдување и донесување на позитивната листа на лекови се едни од основните причини. Новиот закон за лекови за жал се уште не е усвоен. Здравствената, економската и енергетската криза ги зголемија трошоците за производство и дистрибуција, а со тоа и цените на лековите, продлабочувајќи ја нееднаквоста во пристапот до лекови, особено за најранливите меѓу нас.

Иако Министерството за здравство, изминативе години во повеќе наврати излезе во пресрет, со интервентни набавки на неопходните лекови за пациентите што страдаат од малигни заболувања, хемофилија, мултиплекс склероза, дијабетeс и ретки болести, сепак ваквиот пристап, базиран на добра волја, а не системско решение на долг рок е неодржлив, бидејќи не обезбедува сигурност за пациентите и доверба во институциите.

Почитувани,

Здравјето на граѓаните е скапоцено и ранливо. Таа ранливост не смее да биде шанса за профит заради системски слабости. За време на пандемијата посведочивме дека за животите на најблиските сме подготвени да дадеме сѐ што имаме, па и тоа што го немаме. Институциите не смеат да дозволат граѓаните да бидат доведени во состојба да избираат меѓу живот и сиромаштија, меѓу здравје и задолженост. За жал, многу често, токму тоа се случуваше. Дури 40% од трошоците за здравствена заштита пациентите ги плаќаат од својот џеб, од кои 80% се за лекови.

Овој проблем има и друга димензија што не смее да се занемари. Тоа е прекумерното или дури и непотребно препишување лекови, особено антибиотици и антидепресиви. Или, правењето на залихи од одредени медикаменти, на штета на другите пациенти. Сето тоа се должи на нарушената доверба на граѓаните во здравствениот систем, како јавниот, така и приватниот.

Правото на здравствена заштита според Уставот е гарантирано и државата мора да им го овозможи ова право на сите граѓани. Во основа на здравствениот систем треба да биде увереноста дека пациентите мора да бидат третирани со најголема можна грижа, без да се грижат дали можат да си го дозволат тоа или не.

Долгорочно решение на овој проблем е воспоставување на систем за редовно ажурирање на позитивната листа на лекови на отворен и транспарентен начин. За тоа е потребен нов закон, нова уредба, па и овозможување на посебни договори за иновативни лекови. Ова ќе биде од полза за сите засегнати страни. Државата ќе може долгорочно да го планира и распледелува буџетот. Пациентите ќе имаат континуиран и загарантиран пристап до најновите и најефективните лекови. Лекарите ќе можат да го изберат и препишат најсоодветниот лек за секој пациент. Воедно, со тоа ќе се усогласиме со стандардите и директивите на ЕУ како дел од преговорите за членство.

Токму во тоа се состои и важноста на денешната конференција. Вие правите чекор за пример во мултисекторската соработка која треба да помогне во изнаоѓање на најдобри можни и остварливи здравствени политики за добробитта на сите граѓани. Здравството е последниот сектор каде треба да се штеди, бидејќи тоа постои за да го чува и заштитува токму она што нема цена – а тоа е човечкиот живот.

Ви благодарам.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...