Обраќање на претседателот Пендаровски на свеченото отворање на „Охридско лето“

4 август 2020 | Обраќања

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, присуствуваше и се обрати на свеченото отворање на јубилејното 60-то издание на „Охридско лето“, во Античкиот театар во Охрид. Реномираниот меѓународен фестивал традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на државата.

Во продолжение е  интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани пријатели, добра вечер,

Македонскиот поет и лингвист, Конески, во еден од своите записи вели: „До кај што сум ја пренел својата љубов, до таму е мојата татковина… Фестивалот „Охридско лето“ покажува дека сечија и нашата татковина може да биде целиот свет, ако веруваме во уметноста и во културата.

Годинава нашиот фестивал слави шест децении. Години во кои врвни македонски, европски и светски уметници нѐ почестија со својата извонредност, тука во Охрид. И од тука ја промовираа македонската култура и, воопшто, вредностите на нашиот народ и држава. Ова достигнување е заслуга на генерации културни работници и поддржувачи кои со својот труд и посветеност се вградија себеси во мисијата на овој фестивал.

Годинава големиот јубилеј е засенет од глобалниот предизвик со кој сите се соочуваме. Поради пандемијата меѓу нас изникнаа бројни невидливи ѕидови на социјална дистанца и изолација. Во изминативе месеци, многумина со загриженост прашуваа како ќе изгледаат уметноста и културата во светот во кој вирусот, ковид-19 е доминантен?

Историјата сведочи дека во кризни времиња културата не умира, напротив, раѓа поинакви формати за понатамошно опстојување. Некои од најголемите уметнички дела се создадени токму во време на големи лични и заеднички трауми што ја ослободуваат креативноста. Наместо да исчезнат, многу уметнички и културни иницијативи и форми доживеаја дигитален препород. Затворени во своите домови, многумина од нас се восхитуваа на уметниците кои настапуваа на празните плоштади и во празните сали со цел да нѐ охрабрат да издржиме.

Но, во време на здравствени и економски предизвици, уметниците се и критичкиот глас што нѐ поттикнува да размислиме врз какви вредности треба да градиме подобар и поправеден заеднички свет. Сето ова се должи на вистината дека и во времиња на радост и во времиња на страдање, човекот токму преку културата и уметноста ги согледувал, ги отсликувал, но, и ги менувал општествените и политичките наративи.

Да се организира „Охридско лето“ во услови на ковид-19 не е воопшто лесно, но е апсолутно неопходно. Веќе 60 години оваа манифестација е модел за врвни естетски достигнувања на меѓународно ниво. Во исто време, ова е фестивал на креативни поединци кои се исправаат наспроти деструктивните тенденции. Се разбира дека од ваквите потфати на уметничко здружување и политиката може да учи за тоа како се создаваат слободни, отворени, еманципирачки, динамични јадра што ја потврдуваат убавината на различностите.

Драги пријатели,

Нужно е да го задржиме нивото и квалитетот што со себе го носи фестивалот „Охридско лето“. Колку што културата ни е потребна во мирни времиња, уште повеќе ни е неопходна во време на криза. Императив е да вложуваме во културата и во уметноста за и во наредниве децении, од тука, од Охрид, уметниците да продолжат да учествуваат во градењето на свет што ќе биде, се надеваме, поправеден и поблагороден.

Со таа мисла, дозволете ми да го прогласам фестивалот „Охридско лето“ за отворен.

Благодарам

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...