Обраќање на претседателот Пендаровски на одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор

13 август 2021 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствуваше и се обрати на лидерскиот панел на конференцијата “По Охрид”,  која се одржа по повод одбележувањето на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Во продолжение е интегралниот текст на обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани гости, 

Почитувани домаќини, 

Дами и Господа,

На почетокот, дозволете ми да им честитам на организаторите кои успеаја да соберат импресивна листа на говорници на денешнава конференција, по повод 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор. Тој документ, освен што изврши силно влијание врз политичкиот и правниот систем на државата, претставува и составен дел од професионалната и личната животна патека на многумина од нас кои сме денес овде. Јас сум еден од нив,  ја имав привилегијата и честа да бидам близок соработник на двајца од потписниците, а, договорот е потпишан и објавен во куќата во која денес привремено живеам.

Според мене, три документи се издвојуваат по своето значење за стабилноста и иднината на државата: првиот устав од 17 ноември 1991-та кој комисијата на Бадинтер го дефинира како точка на наша формална дисолуција од поранешна Југославија, потоа, Охридскиот договор од 2001-та и Преспанскиот договор од 2018-та, кој ни овозможува влез во меѓународните организации со дефинирани идентитетски маркери и за државата и за македонскиот народ.

За Охридскиот договор коментарите надвор од земјата беа позитивни, речиси, без исклучок, меѓутоа, внатре во земјата, тие не можат да бидат поразлични, не само меѓу политичките субјекти. За жал, ставовите за договорот, и по 20 години, најчесто се поврзани со етничката припадност на граѓаните или политичарите.

Сепак, и во тие рамки, постои и една позитивна тенденција, имено, во првите неколку години по потпишувањето, мнозинството етнички Македонци го ставаа договорот во групата на најголемите безбедносни закани за државата. Нивниот став произлегуваше од  стравот дека имплементацијата на Рамковниот договор ќе го трасира патот за брза дезинтеграција на земјата затоа што Македонија за Албанците, наводно, е само транзиторен ентитет. Меѓутоа, она што се случуваше во годините потоа, покажа дека иако потенцијалот на договорот за засилување на кохезијата во општеството во целина, не е голем, факт е дека со секоја фаза од неговата имплементација не се зголемуваа, туку, напротив, се намалуваа внатрешните конфронтации по етнички линии. Дури и повеќе, политички и безбедносни тензии, од време на време се јавуваа поради контрадикторните интерпретации на неговите клучни одредби, а, не заради имплементација на договорот. Денес, во сите анкети, Рамковниот договор или не фигурира како безбедносна закана или се наоѓа сосема долу на листата на негативни безбедносни индикатори.

Почитувани,

Во изминативе 20 години во мојот став за договорот немаше промени: имено, и тогаш и денес сметам дека тоа беше најдобриот можен одговор на политичкото раководство на тогашниот внатрешен безбедносен, политички и историски контекст. Солиден аргумент во прилог на оваа теза е дека и тогаш и денес, дури и неговите најголеми критичари не се во состојба да понудат оддржлива алтернатива на неговата базична логика. При тоа, успехот во имплементација на договорот, кој е неспорен, не се должи на неговата беспрекорна нормативна структура или на уникатните политички решенија, затоа што неговите клучни одредници, со мали модификации, ги има во сите такви, слични документи со кои завршуваа конфликтите, не само во нашиот регион, на пример, во Договорот за мир во Северна Ирска од 1998-та.

Решавачко беше тоа што оние кои го потпишаа немаа намера да ја фингираат неговата реализација и едно да зборуваат пред странците, а друго да прават пред својот домашен електорат. Се разбира, критичен предуслов беше синхронизацијата на европскиот и атлантскиот дел на западната алијанса што се случи навреме за разлика од балканските конфликти во 1990-тите.

За улогата на САД и Европската Унија во 2001-та во нашата јавност имаше бројни шпекулации лиферувани, пред се, од дел домашни актери кои со префрлање на одговорноста ја покриваа својата некомпетентност или пак не ја разбираа стратегијата на клучните западни актери по распадот на Југославија. Меѓутоа, за улогата на потписниците на Рамковниот договор, САД и Европската Унија постојат доволно докази кои потврдуваат дека тие од 1991-та до денес, во континуитет ја поддржуваат нашата независност. А, на критичните крстосници од поновата македонска историја беа незаобиколен фактор на сцената: од влезот во Обединетите Нации, преку потпишување на Рамковниот договор, се до смената на автократскиот режим пред 4 години, чии вредности беа некомпатибилни со западните демократии.

Почитувани,

За столбовите на договорот – соодветната и правична застапеност и децентрализацијата, во Охрид, меѓу учесниците во преговорите имаше на моменти целосна недоверба кон барањата на другиот, најмногу несогласувања, а, на крајот и најтешки компромиси под притисок на медијаторите. Маргиналната застапеност на Албанците во институциите пред 2001-та, кај нив беше извор на постојани фрустрации и тензии, а, во ситуација кога една четвртина од населението не учествува во креирање на политиките, јасно е дека нивната лојалност кон државата ќе биде на минимално ниво.

За децентрализацијата е важно дека, наспроти перцепциите во некои кругови, таа не значеше територијализација на етничките права. На сите ни е познато дека уживањето на етничките права без демаркација на територијата ја прави работата на политичарите посложена, заради нужноста од постигнување на меѓуетнички компромиси, но, нетериторијалните етнички права се единствениот оддржлив модел на Балканот, затоа што федерализацијата или кантонизацијата се сигурен пат во уште подлабоки поделби, дури и во етнички чистења.

Сепак, една димензија на документот, според мене – есенцијална, не е експлицитно наведена во него. Имено, дека двете најбројни заедници за битните, за стратешките прашања не треба да си работат зад грб, туку заедно. Темелниот предизвик е како да размислуваме надвор од етничките и партиските агенди кои се често етнички обоени и на тој план, нам, на политичарите ни претстои уште многу работа. Тука имаме што да учиме од нашите граѓани, кои за разлика од нас, имаат долга традиција на взаемно почитување и соживот која датира далеку пред Рамковниот договор воопшто да биде потпишан.

Почитувани,

Договорот го издржа тестот на  времето, иако е далеку од совршен. Ако во него бараме пропусти, тогаш, според мене, најголемата грешка беше тоа што под притисок на крајно неповолната динамика од настаните на теренот учесниците во преговорите воопшто немаа време да се посветат на правата и статусот на помалку бројните етнички заедници и поради тоа договорот со право е оквалификуван како бинационален, а, тоа сигурно не е предност во едно мултикултурно општество. Во хетерогена политичка заедница како нашата, бинационалниот не смее да биде замена за автентичниот мултинационален модел кој треба да го развиваме.

За да продолжи и понатаму да егзистира единствениот успешен пример на функционална мултиетничка демократија во регионот, треба постојано да ја имаме пред очи алинејата од Основните принципи на Рамковниот Договор со која употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политичките решенија можат да гарантираат стабилна и демократска иднина. Со други зборови: сега имаме рамка, сега имаме устав, имаме искуство и мораме секоја криза да ја внесеме внатре во институциите и да ја менаџираме низ демократски процедури.

Низ годините, уште една важна реченица од договорот полека ја губиме од сеќавањето. Во неговата преамбула во која се објаснува зошто е склучен, јасно се вели дека станува збор за договорена рамка за иднината на македонската демократија, но, и за развивање на интегрирани релации со Евро-атлантската заедница. За ова во 2005-та имаме и практична потврда: статусот на кандидат за Европската Унија, го добивме, пред се, заради имплементацијата на Рамковниот договор. Ниедна организација од западната алијанса не сака да внесе во своите редови билатерални спорови меѓу соседите, а, уште помалку, спорови кои постојат меѓу граѓаните во една иста политичка заедница, внатрешно фрактурирана по етнички линии.

Почитувани,

Немам дилема дека на земјата не и треба нов внатрешен и надворешно-политички концепт, бидејќи стариот етаблиран по 1991-та и по 2001-та нуди потенцијал за развој. Стабилноста и просперитетот на Република Северна Македонија зависат од нашиот капацитет да ја позиционираме во евроатлантската група на нации. Притоа, императив е либералната и модерна визија за нашата иднина да добие предност пред тесните, националистички и парохијални политики кои во неколку наврати ги загрозија темелите на државата. Убеден сум дека во една таква визија за иднината, резонот поради кој беше постигнат охридскиот Рамковен договор е предност, а не пречка за нашиот развој и просперитет.

Имено, во тоа и се состои главниот предизвик за нас, актуелната генерација политичари, да објаснуваме дека државата не може да загуби ако некои од нашите сограѓани добиваат права, кога тие права не се добиени за сметка на губењето на правата на другите наши сограѓани или етнички заедници. Да го употребам насловот на конференцијата, „Потаму од Охрид“ – доволно сме далеку од Охрид за да ја знаеме неговата практична вредност но, и вистината – каде бевме пред 20 години, а каде сме денес. 

Ви благодарам!

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...