Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот грчки амбасадор, Русос Кундурос

12 јануари 2021 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Хеленската Република во Република Северна Македонија, Н.Е. г. Русос Кундурос.

На церемонијата, претседателот Пендаровски рече дека односите меѓу двете земји денес се карактеризираат со пријателство, висок степен на политички дијалог и посветеност на политиката на добрососедство и регионалната соработка. Претседателот Пендаровски изрази и уверување дека во периодот којшто следи приоритет ќе биде реализација на конкретни проекти, коишто ќе влијаат на натамошно интензивирање на економските релации.

Амбасадорот Кундурос истакна дека Грција е подготвена да ја поддржи нашата земја во процесот на пристапување кон Европската Унија и искажа цврста заложба за јакнење на севкупните билатерални односи, со посебен акцент на унапредување на економската соработка.

Во продолжение ги проследуваме интегралните обраќањата на претседателот Пендаровски и на амбасадорот на Хеленската Република, Русос Кундурос

Поздравно обраќање на претседателот Пендаровски

Ваша Eкселенцијо,

Имам исклучително задоволство и голема чест да ги примам акредитивите од Нејзината Екселенција, претседателката на Хеленската Република, г-ѓа Катерина Сакеларопулу, со коишто Вие сте именуван за нов грчки амбасадор во Република Северна Македонија.

Дозволете ми да Ви посакам искрено добредојде во Република Северна Македонија и да Ви посакам успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Високо го цениме Вашиот досегашен професионален ангажман и сметаме дека истиот ќе придонесе за збогатување на билатералните односи и на соработката меѓу нашите две земји кои споделуваат исти заложби за мир, слобода, демократија и просперитет на регионот и пошироко.

Ве уверувам дека во вршењето на Вашата мисија ќе ја уживате нашата целосна поддршка и соработка.

Почитуван Амбасадоре,

Со потпишувањето на Преспанскиот договор започна новото поглавје во нашите билатерални односи. Преку договорот, не само што покажавме како треба да се решаваат отворените прашања помеѓу две соседни држави, туку го трасиравме и патот кон значително унапредување на соработката базирана на заемно почитување и партнерски однос, од која најголема полза ќе имаат, пред сè, нашите народи.

Во овој контекст, дозволете ми да констатирам дека, денес, односите меѓу нашите држави ги карактеризира искрено пријателство, висок степен на политички дијалог и натамошна посветеност на политиката на добрососедство и регионална соработка.

Впрочем, виталноста на нашите односи се покажа на дело и во справувањето со последиците од пандемијата со КОВИД-19. Соработката и координацијата меѓу институциите на двете држави во првиот бран, во функција на успешна репатријација на македонските и грчките граѓани, беа навистина на високо ниво.

Не треба да го заборавиме и постојаниот заеднички ангажман и придонес за безбедноста и за стабилноста на нашата заедничка граница во справувањето со мигрантските текови, кои сè уште предизвикуваат сериозни последици и проблеми во Европа и пошироко.

Поаѓајќи од овие позитивни примери, длабоко сум уверен дека пред нас имаме бројни можности за дополнително унапредување на билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес.

Во таа насока, ценам дека особен приоритет треба да дадеме на областите каде заради отсуството на соодветна правна рамка во минатото, соработка скоро и да не постоеше.

Оттука, сметам дека реализацијата на конкретните проекти за подобрување на железничкото, патното и енергетското поврзување, комуникациите, туризмот, протокот на луѓе, науката и образованието, значително ќе го збогатат спектарот на односи и ќе влијаат на натамошно интензивирање на економските врски, каде веќе бележиме одлични резултати.

Грција е меѓу петте најзначајни трговски партнери на нашата држава, а тоа дава доволно простор за искористување на потенцијалот и на можностите за унапредување на бизнис-релациите.

Ваша Екселенцијо, 

Република Северна Македонија во 2020 година и официјално стана членка на НАТО, каде рамноправно со другите земји членки се залага за обезбедување на мирот и на стабилноста. Во рамките на соработката со НАТО, како сојузници и соседи ги склучивме Техничките аранжмани меѓу министерствата за одбрана на двете држави за заштита на воздушниот простор, што претставува уште една потврда на изградената заемна доверба и прилог кон заедничката безбедност во поширок контекст.

Во иднина ни претстои значаен процес кон остварување на европските аспирации за рамноправно членство во Европската Унија. Искрено сметаме на гласната поддршка од Грција, како пријател, сојузник и стратешки партнер на Република Северна Македонија во овој процес.

Нашите очекувања се дека во текот на 2021 ќе се одржи првата Меѓувладина конференција, со што ќе се означи и официјален почеток на пристапните преговори, преку кои ќе имаме можност и практично да докажеме дека сме подготвени да го придвижиме процесот на нашата европска интеграција. 

Почитуван Амбасадоре,

Имајќи го предвид погоре кажаното, сакам да ја изразам мојата увереност дека за време на Вашиот мандат, со заеднички ангажман и заложби, ќе придонесеме за уште поголемо продлабочување и интензивирање на билатералните односи и соработка меѓу нашите две пријателски држави и ќе имаме прилика заедно да бидеме сведоци на уште поголемо зближување меѓу нашите народи. 

Во оваа пригода би Ве замолил, во мое име и во име на граѓаните на Република Северна Македонија, да ги пренесете поздравите до Нејзината Екселенција, претседателката на Хеленската Република, г-ѓа Катерина Сакералопулу, со искрени желби за нејзино добро здравје.

Истовремено, би сакал да изразам задоволство за упатената покана да ја посетам Атина во прва официјална посета на претседателско ниво за сиот период од нашите односи. 

Се радувам на можноста да започнеме разговори за севкупната соработка на нашите држави и на највисоко ниво, и уверен сум дека ова ќе биде силен поттик за понатамошниот развој на нашите односи.

На крајот, Ваша Екселенцијо, дозволете, уште еднаш, да Ви посакам многу успех и добро здравје во извршувањето на Вашата амбасадорска функција. 

 

Поздравно обраќање на амбасадорот Кундурос

Ваша Екселенцијо,

Имам чест да Ви ги предадам акредитивните писма, како и писмото за отповикување на мојот претходник.

Дозволете ми да започнам нагласувајќи ја искрената желба и посветеност на Грција за унапредување на добрососедските односи, тесната соработка и пријателството со Република Северна Македонија.

Како непосредни соседи, со заедничка работа, можеме многу да постигнеме.

Очигледно, постојат ветувачки можности за натамошно зајакнување на билатералните односи во многу области од заеднички интерес, што ќе биде од корист на нашите земји и нивните граѓани.

Тоа ги вклучува нашите економии, така што сметаме дека се поголемата економска соработка ќе биде највисок приоритет.

Постојат охрабрувачки знаци, па затоа треба да го искористиме моментумот.

Се разбира, еден од столбовите за градење цврста врска во сегашноста, но и за во иднина, е целосното, доследно и со добра намера спроведување на Договорот од Преспа во целост.

Покрај важниот чекор за пристапување во НАТО, Република Северна Македонија го избра патот на европската интеграција и стана кандидат за пристапување кон Европската Унија.

Грција со задоволство гледа на овој процес, бидејќи истиот се покажа како фактор на стабилност, демократија и просперитет во Европа и е од суштинско значење и за нашиот дел од континентот.

Исто така, многу важно, Грција е убедена во неопходноста од регионална соработка заснована на добрососедски односи.

Неопходен услов за тоа е почитувањето на начелата на Обединетите Нации и почитувањето на меѓународното право и меѓународните договори од страна на сите, без исклучок.

Како земја-членка на ЕУ, Грција е подготвена да ве поддржи во придвижувањето на процесот на пристапување, преку исполнување на потребните услови и, на крајот, овој суштински избор на вашиот народ да стане реалност.

Екселенцијо, со нетрпение ја очекуваме Вашата претстојна официјална посета на Грција подоцна оваа година, на покана од претседателот на Република Грција, што ја покажува динамиката на нашите билатерални односи.

На крајот, дозволете ми да ја искажам мојата лична заложба за придонес во реализацијата на чекорите потребни за натамошно продлабочување и зајакнување на нашите односи. 

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...