Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска го прими Младен Чадиковски, претседателот на „Здружение на новинарите на Македонија“ – ЗНМ.
На средбата се разговараше за предизвиците со коишто се соочуваат медиумските работници во Република Северна Македонија, при што беше констатирано дека заедничката заложба, и на државата и на медиумите, треба да биде обезбедување на основните права и слободи на новинарите, во насока на целосно спроведување на професионалните стандарди во известувањето, како и заштитата на достоинството и интегритетот на новинарската професија.
Претседателот Пендаровски изразувајќи ја поддршката кон ЗНМ, како најстаро здружение во државата и член на Меѓународната федерација на новинарите, истакна дека транспарентноста е главен императив и еден од основните принципи на демократијата на секоја држава.
Токму затоа, нагласи тој, во изминатиов период откако е на функцијата Претседател, неговиот Кабинет воспоставува отворена, непосредна комуникација со медиумите, од кои пак, очекува да бидат активен чинител и коректив на сите општествени процеси во Северна Македонија.
Двајцата соговорници се согласија дека е неопходно забрзување на конституирањето на новиот состав на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и Програмскиот совет на Јавниот сервис МРТ во насока на реформските процеси во медиумската област во државата.