Претседателот Пендаровски: Заштитата на критичната инфраструктура е предуслов за функционална држава со одржлива развојна економија

16 јуни 2021 | Соопштенија

Во организација на Претседателскиот центар за политичко образование, а во соработка со партнерската Фондација „Фридрих Еберт“, канцеларија во Северна Македонија денеска се одржа конференцијата – „Критична инфраструктура: ЕУ димензија, закон, стратегиски и институционален пристап“. 

Говорејќи за динамичните промени и растечката непредвидливост со која со соочува целиот свет, претседателот Пендаровски во своето воведно обраќање нагласи дека новите асиметрични закани и зачестените природни и од човекот предизвикани непогоди и катастрофи ја зголемуваат ранливоста на критичната инфраструктура и со тоа ги загрозуваат виталните функции на државата и општеството.

„Отежнувачки фактор за нас е што Северна Македонија се наоѓа во еден од климатски, но и безбедносно најранливите региони во Европа. Поради незавршената интеграција на регионот на Западен Балкан во Европската Унија и во НАТО, степенот на порозност на критичната инфраструктура секогаш има и нагласена безбедносна димензија, дополнително засилена со присуството на новите хибридни закани“, рече претседателот Пендаровски, оценувајќи дека во такви сложени услови нашата држава е недоволно подготвена.

Според претседателот Пендаровски, за да имаме вистински функционална држава со одржлива развојна економија и можност за планирање на иднината, неопходно е да изградиме ефикасен систем за заштита на критичната инфраструктура, процес кон кој мора да пристапиме темелно и без импровизации.

„Треба да се утврдат јасни критериуми за идентификација на критичната инфраструктура и да се направат проценки на ризиците и заканите по нејзиниот интегритет. Овој потфат е преголем за само една институција и за само еден мандат. Неопходно е да се вклучат сите надлежни државни институции, релевантни оператори и компании од приватниот сектор, како и искусни експерти од областа“, подвлече претседателот Пендаровски.

Посочувајќи ја директивата на Европската Унија од 2008 година како ориентир при конципирање на идното решение, претседателот Пендаровски нагласи дека би можеле најдобрите европски искуства да ги прилагодиме на нашиот домашен амбиент и постојни системски решенија. Стратегијата за заштита на критичната инфраструктура, истакна претседателот Пендаровски, треба да биде комплементарна со другите сродни стратегиски документи за одбрана, енергетика, економски развој, животна средина и намалување на ризиците од катастрофи.

„Северна Македонија има потреба од заштита на критичната инфраструктура. Неопходно е без одлагање да пристапиме кон изработка на стратегија што ќе биде преточена во единствено законско решение и пропратни оперативни документи. Треба да бидеме свесни дека тоа не е ни малку лесна задача. Градењето на систем за заштита на критичната инфраструктура е крупен предизвик и за многу поголеми и поразвиени држави од нашата. Но, ако не го направиме тоа, цената може да биде многу висока“, заклучи претседателот Пендаровски во своето обраќање.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека членството во НАТО значи дека сме дел од колективната безбедност и затоа треба да ја подобриме и отпорноста на критичната инфраструктура.

„Пандемијата испрати сериозно потсетување и на нас и на светот за взаемната зависност. Светот практично застана, немаше размена на стоки и услуги, запре транспортот, се приземјија авионите, увозот на храна беше отежнат, запре индустријата, се намалија бизнис активностите. Оваа лекција не потсети дека кога сме зависни, тогаш сме и ранливи“, истакна Шекеринска.

Министерката посочи дека темата критична инфраструктура и отпорност се провлекува во сите НАТО документи, особено после самитот 2016 во Варшава.

„Беа дефинирани клучните области според кои НАТО ќе ја цени отпорноста во секоја држава. Едното е континуитет во владеењето и испораката на основни услуги – continuity of government, во една многу широка смисла, понатаму енергија, комуникации, транспорт, храна и вода, менаџирање со масовно неконтролирано движење на лица и справување со голем број на жртви. Сојузниците, вклучително и ние мора да имаат  планови за оваа област“, додаде министерката Шекеринска.

Потсетувајќи дека кризните и вонредните состојби се дел од секојдневниот живот, а со развојот на општеството се зголемуваат изворите и интензитетот на безбедносните ризици, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски укажа на неопходноста од креирање на сеопфатен пристап кој ќе биде изграден со инклузивност на јавниот и приватниот сектор, кој ќе претставува одговор на извршени анализи и во кој ќе бидат инкорпорирани искуствата и добрите пракси на државите членки на ЕУ.

„Потребата од донесување на посебен закон, кој ќе претставува правна рамка за заштита на критичната инфраструктура, е веќе детектирана и предвидена како наша обврска во Заедничкиот акциски план за борба против тероризам, кој во октомври 2019 година го потпишавме со Европската Комисија. Обврските се преземаат за да се реализираат. Ова прашање веќе сериозно го разгледувавме пред Советот за координација на безбедносно – разузнавачката заедница, со кој раководи премиерот и во кој членуваат првите луѓе од сите безбедносни структури во државата и уверен сум дека за многу скоро време ќе можеме да зборуваме за завршена обврска. Бидејќи, да бидеме начисто – тоа не е само обврска на нашиот пат кон Европската Унија. Туку тоа претставува обврска кон нас самите!“, истакна министерот Спасовски во своето обраќање.

Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, во своето воведно обраќање истакна дека во ерата на неконвенционално војување и хибридни закани многу повеќе може да се очекува парализа на основните функции на државата преку напади врз критичната инфраструктура, отколку класична воена инвазија.

„Справувањето со последиците од пандемијата на КОВИД-19, иако не постојат доволно докази дека се работи за биолошка војна, беше доволна опомена дека и нетрадиционалните сфери под посебен режим на заштита како здравствениот систем, во определени услови, можат да бидат многу поважни од конвенционалното вооружување за заштита на националната безбедност и благосостојбата на граѓаните”, истакна професорот Спасов.

Говорејќи за безбедносните проблеми со коишто денес се соочуваат државите, Нита Старова, програмски менаџер во фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје истакна дека тие достигнаа ниво на сериозност и ургентност.

„Јасно е дека е неопходен нов пристап кој ќе се темели на соработка и нови политички решенија во справување со безбедносните предизвици. Со пристапувањето на дел од западно – балканските земји во НАТО, значително се измени и безбедносната поставеност. Глобалните безбедносни политички дебати укажуваат на потребата за нови пристапи и политички решенија кои се темелат на соработка и демократизација”, дополни Старова.

На денешната конференција свои обраќања имаа и професорите од Институтот за безбедност, одбрана и мир, Филозофски факултет – Скопје, УКИМ, Марина Митревска, Тони Милески и Трајан Гоцевски, професорката Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии и професорката Александра Деаноска-Трендафилова од Правниот факултет „Јустинијан Први“, УКИМ. Во рамки на панел дискусијата, пак, своите ставови и мислења ги изнесоа и дел од експертите Драган Николиќ, Беким Максути, Томислав Тунтев, Нано Ружин, Стевко Стефаноски, Лидија Георгиева и Марина Малиш-Саздовска. Говорниците се согласија дека државата има потреба од Закон за заштита на критичната инфраструктура, бидејќи прашањето не е „дали“, туку „кога“ ќе се случи следниот напад врз истата.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски домаќин на Ифтарска вечера по повод Рамазанските пости

Претседателот Пендаровски домаќин на Ифтарска вечера по повод Рамазанските пости

  Претседателот Стево Пендаровски беше домаќин и се обрати на Ифтарската вечера, којашто ја приреди по повод Рамазанските пости и во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам. На вечерата присуствуваа претставници од државно-владиниот врв, бизнис...

Отворен Кабинет за ученици од скопските основни училишта „Љубен Лапе“ и „Димитар Миладинов“

Отворен Кабинет за ученици од скопските основни училишта „Љубен Лапе“ и „Димитар Миладинов“

Во рамки на Отворен Кабинет, ученици од ООУ „Љубен Лапе“ и од ООУ „Димитар Миладинов“, од Скопје, денеска го посетија Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Учениците имаа можност да се запознаат...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Белорусија, Сергеј Малиновски

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Белорусија, Сергеј Малиновски

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Сергеј Малиновски, новоименуваниот амбасадор на Република Белорусија во Република Северна Македонија, со седиште во Белград. Претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Египет, Надер Саад

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Египет, Надер Саад

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Надер Саад, новоименуваниот амбасадор на Арапска Република Египет во Република Северна Македонија, со седиште во Софија. Претседателот Пендаровски во...

Средба со учесниците во програмата за регионална мобилност на млади истражувачи и активисти

Средба со учесниците во програмата за регионална мобилност на млади истражувачи и активисти

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими учесници во Програмата за истражување на младински и образовни политики во Младински образовен форум (МОФ). За време на средбата младите од Албанија, Србија и од Северна Македонија,...