Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска прими делегација од Комитетот за социјални развојни работи на Националниот народен конгрес на Народна Република Кина.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Народна Република Кина, како и за можностите за соработка меѓу двете земји. На средбата беше констатирано дека односите меѓу двете држави се развиваат во нагорна линија.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната поддршка и помош од НР Кина за Република Северна Македонија, особено во сферата на образованието. На средбата беше констатирано дека идното взаемно укинување на визите, што е во фаза на усогласување, ќе биде дополнителен импулс во унапредувањето на односите меѓу Северна Македонија и НР Кина.
Претставниците на Комитетот за социјални развојни работи го поздравија постигнатиот договор меѓу Република Северна Македонија и Република Грција и изразија поддршка за членство на Северна Македонија во Европската унија.