Претседателот Пендаровски се обрати на одбележувањето на 15-годишнината од основањето на Академијата за судии и јавни обвинители

1 декември 2021 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на свечениот прием што по повод 15-годишнината од основањето на Академијата за судии и јавни обвинители се одржа во Скопје.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувана директорка на Академијата за судии и јавни обвинители,

Почитувани претставници на судската власт,

Ценети екселенции,

Дами и господа,

Со задоволство ја прифатив поканата да се обратам на 15-годишнината од формирањето на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Овој јубилеј годинава се совпаѓа со две важни годишнини: 30 години од прогласувањето на независната и суверена македонска република и 30 години од донесувањето на нејзиниот највисок правен акт – Уставот.

Во овие три јубилеи се симболично содржани трите клучни човечки и општествени идеали, а тоа се слободата, стекната со независноста, поредокот воспоставен со Уставот и правдата гарантирана од судството. Овие три меѓузависни идеи се темел на владеењето на правото, што заедно со почитувањето на фундаменталните права и слободи се основни вредности на секоја современа, демократска држава.

За жал, овие јубилеи се случуваат во исклучително тешка година, не само поради тековната пандемија и економската и енергетска криза, туку и поради страшните трагедии со бројни човечки жртви, какви што беа автобуската несреќа во Бугарија и пожарот во модуларната болница во Тетово. Овие трагедии во кои загинаа близу 60 наши граѓани треба конечно да ја разбудат совеста во македонското општество затоа што нема ништо повредно од човечкиот живот, и ништо понеправедно од губењето на тој живот поради човечки фактор, системски пропуст или прекршени правила.

Неспорен факт е дека потребата за вистина и правда е длабоко вкоренета во луѓето. Затоа, барањата на семејствата на жртвите, но, и на целото општество за вистината и за правдата мораат да бидат апсолутен приоритет. Да се пресуди праведно значи да се почитува достоинството на човекот, вклучително и на оние кои веќе не се меѓу нас. Должност на секој граѓанин е да ги поддржува процесите за доаѓање до вистината и правдата. Но, товарот на оваа обврска најмногу паѓа врз судската власт.

Според Уставот, судската власт е дефинирана како гарант за владеење на правото и заштитата на основните права и слободи на човекот и граѓанинот. Носејќи праведни и навремени пресуди судиите реактивно го санкционираат прекршувањето на законите и со тоа превентивно ја градат културата на почитување на истите тие закони. Овие важни функции судството може да ги врши единствено ако е независно, а, без независно судство, отпорно на политички и економски влијанија, правдата ќе биде исклучок, а, не правило.

Во овие три децении во македонското правосудство имало бројни судии и обвинители кои совесно и професионално си ја извршувале својата функција. Меѓутоа, истражувањата на јавното мислење покажуваат дека довербата на граѓаните во правосудниот систем е на исклучително ниско ниво. Тоа го потврдуваат и бројни извештаи на релевантни домашни и меѓународни институции.

Не е мал бројот на граѓани кои во изминативе три децении се соочиле со неправедни пресуди или со одложена правда. Еден од последните примери за тоа се и семејствата на жртвите од една друга автобуска несреќа во Ласкарци, кои сеуште ја чекаат правдата. Ваквата правна неизвесност е уште една од причините за заминувањето на нашите граѓани во земјите со поразвиена култура на почитување на законите.

Од повеќето фактори за оваа состојба, два се издвојуваат според својата релевантност. Првиот фактор се инстанците на политичко влијание во процесите на унапредување и назначување на судии и обвинители. А, вториот фактор се корупцијата и криминалот кои, тргувајќи со правдата, de facto ја поништуваат еднаквоста на луѓето пред законите.

Сето ова, ја еродира надежта дека кај нас може да има ефективна правда. А надежта е она што не одржува и придвижува кон развиениот свет. Ако сакаме нашите млади да останат во својата земја и во неа да живеат, работат и да создаваат иднина, мора да им обезбедиме правда.

За правдата не се доволни само законите, политичките одлуки или институциите. За правда е потребна промена на свеста. Затоа, сите ние, политичарите во прв ред, судиите, обвинителите, правобранителите мора да се согласиме околу една работа, а тоа е дека не смее да се тргува со правдата. Ако една генерација ја изгуби вербата во правдата, таа ја изгубила довербата во државата.

Ценети присутни,

За судството да биде заштитено од потенцијални политички и економски влијанија, независноста треба да биде не само формално-правна, туку функционална и финансиска. Мора да се вложува во квалитетни кадри кои непристрасно, професионално и ефикасно ќе ја извршуваат функцијата. Назначувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите мора да биде целосно деполитизирано и да се врши според транспарентни процедури и објективни критериуми, втемелени врз системот на заслуги.

Токму во тоа ја гледам улогата на Академијата за судии и јавни обвинители која има клучна улога во процесот на подготовка и континуирано професионално усовршување на судско-обвинителските кадри. Сегашните и идни судии и обвинители треба да ги владеат не само традиционалните правни области. Современиот свет се соочува со нови субјекти и нови односи што стануваат предмет на правната наука и пракса, како што се информатичките технологии, сајбер просторот, па и правните дилеми што произлегуваат од непредвидени состојби, како што е пандемијата со КОВИД-19. Тука е и корпусот на европското законодавство што допрва ќе треба целосно да го транспонираме во нашиот правен систем.

Освен обуката, Академијата истовремено придонесува и за градење на културата на отпорност кон корупција, политички влијанија и злоупотреба на судската и обвинителската функција. Најважната задача на оваа институција е да избере поединци со морален компас, со висок личен и професионален интегритет и чувство на одговорност, кои ќе бидат целосно посветени на правото и правдата. Од издржаноста на нивните пресуди ќе зависи дали македонските граѓани ќе веруваат дека правдата е можна. А, враќајќи ја довербата во правосудството, вие ја враќате правната сигурност и предвидливост неопходни за идниот економски и општествен развој на државата.

Довербата во правосудството значи многу и во процесот на граѓанско и национално помирување. Речиси секоја од страните во нашето поделено општество тврди дека е жртва на некаков вид на неправда и двојни аршини, односно, дека во државата во која сите се  декларативно еднакви, во стварноста, некои се поеднакви од другите. Единствено, владеењето на правото поддржано од транспарентноста на институциите може да ги коригира реалните неправди и истовремено да ги демантира неоснованите тврдења.

Носејќи праведни пресуди втемелени врз фактите и вистината, сегашните и идни судии и обвинители ќе ја засилат перцепцијата на граѓаните дека нема недопирливи пред законот.

Поради сите овие причини, мораме да ја поддржиме Академијата во нејзината мисија да обучува и подготвува генерации на судии и јавни обвинители кои ќе бидат пристрасни единствено кон правдата. Не случајно и Јустиција има превез врз очите, не затоа што е рамнодушна кон кршењето на законите, туку, затоа што е непристрасна при делењето на правдата.

Дозволете на крајот, да ви го честитам овој значаен јубилеј и да ви посакувам успеси во вашата понатамошна работа.

Ви благодарам.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...