Изјава на претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност

29 октомври 2020 | Обраќања, Соопштенија

Денеска ја одржавме 9-та седница на Советот за безбедност на која присуствуваа сите постојани членови на советот, освен професорот Марковиќ, кој е отсутен поради професионални обврски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е позитивен на вирусот и на кого сите ние му посакуваме брзо закрепнување. Надвор од постојаниот состав, а на моја покана присутен беше министерот за здравство Венко Филипче.

На дневен ред имавме само една точка – актуелната ситуација со Ковид-19 и мерките и активностите на надлежните органи за сузбивање на пандемијата.

Министерот Филипче не информираше за најновата состојба, за ангажираните капацитети, човечките и материјалните ресурси, за работата на Комисијата за заразни болести и за плановите за работа на болниците низ земјата заради прифаќање на напливот на нови пациенти.

Премиерот информираше детално за мерките на Владата за поддршка на домашната економија и на сите категории на граѓани кои се најмногу погодени од пандемијата.

Бевме информирани и за функционирањето на Централниот кризен штаб. Луѓето во кризниот штаб на дневно ниво следат што се случува во регионот и во Европа и се подготвени во најкус можен рок практично да ги применат најдобрите модели и кај нас.

Поради есенскиот бран на пандемијата здравствениот систем се реорганизира, се ангажираат дополнителни капацитети, се прават максимални напори да се тестираат што е можно повеќе лица, и да се згрижат и третираат што е можно повеќе пациенти. За жал, сведоци сме дека ситуацијата не се подобрува, секојдневно имаме значителен број на заболени, а бројот на оние чии животи згаснаа поради Ковид-19 исто така е во пораст.

Почитувани,

Сведочиме дека и најразвиените земји и најбогатите економии тешко излегуваат на крај со оваа ситуација без преседан. Велејќи го ова, не сакам да барам оправдување за секој потег на нашите власти кој е преземен во последните 8 месеци. Меѓутоа, во однос на сетот на мерки кои нашите здравствени авторитети ги применуваат, јасно е дека не постојат мерки кои се препорачани од СЗО или се применуваат во некои други држави и даваат позитивни ефекти, а не се применуваат кај нас. Главнината на здравствените мерки е иста, разликата е само во нивото на нивно почитување од страна на граѓаните и нивото на имплементација на законите од страна на државните институции.

Во оваа прилика сакам посебно да нагласам дека ниту во владата, ниту во министерството, ниту во комисијата за заразни болести не е собран сиот ум и сето искуство во светот, така што секоја добронамерна и конструктивна критика за подобрување на нашиот национален, државен одговор на пандемијата е добредојдена. Кај министерството и во владата во целина, постои и мора да постои добра волја и подготвеност сите корисни идеи и предлози да бидат прифатени.

Се разбира, лично не очекувам и мислам дека никој не очекува оваа ситуација да се користи за добивање на политички поени, затоа што, не знам како некој воопшто мисли да добива политички поени кога реално сите сме губитници со високите бројки на заразени и починати наши сограѓани кои ги бележиме секој ден.

Дозволете ми уште еднаш, во името на сите присустни на состанокот, да им оддадам признание на сите поединци, служби и институции во здравствениот сектор кои деноноќно работат на превенирање и сузбивање на последиците од пандемијата. Ситуацијата е исклучително сериозна, човечките и материјалните ресурси се ангажирани практично до својот максимум, а со оглед на тоа што доаѓа сезоната на сезонски грипови следните недели сигурно нема да биде полесно.

Со цел да истраеме, како никогаш до сега, потребни ни се одговорност, меѓусебна солидарност и претпазливост. И уште еден апел до граѓаните – во отсуство на вакцина или лек за оваа болест, нема друга алтернатива освен доследно почитување на заштитните протоколи – физичка дистанца, носење маски и драстично, драстично намален број на дружби и семејни собири.

Ве молам, направете го тоа за себе и за своите најблиски.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...