Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, денеска присуствуваше на отворањето на нова сензорна соба во ООУ „Блаже Конески“ во општина Аеродром – Скопје. Сензорната соба е дополнителна можност за учениците со посебни образовни потреби да имаат подобри услови за вклученост во образовниот систем.
Активноста се реализира како дел од работата на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Проектот е во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“.
Сопругата на претседателот, г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска со своето присуство на отворањето на сензорната соба даде поддршка на напорите на граѓанскиот сектор и институциите за зајакнување на инклузијата во образовниот систем со цел поголема вклученост на повеќе ученици со посебни образовни потреби.
Проектот „Биди ИН, биди Инклузивен, биди ИНклудиран“ придонесува кон унапредување на можностите за образование на учениците со посебни образовни потреби и развој на инклузивно основно образование. Досега се отворени четири сензорни соби и три инклузивни игралишта, а две училишта добија помошна технологија и дидактички материјали за лица со попреченост. Во наредниот период ќе се работи на подобрување на пристапноста во 40 училишта, а како дел од проектот се доделуваат месечни стипендии за 320 ученици со попреченост. Во оваа учебна година оваа бројка ќе се зголеми за дополнителни 150 стипендисти.
Проектот се реализира со финансиска поддршка од Европската унија. Сензорните соби во ООУ „Блаже Конески“ и во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром се направени со донација на Евроинс Осигурување АД Скопје и општината Аеродром.
Претседателот Пендаровски минатата година имаше средба со претставниците на Фондацијата „Чекор по чекор“ на која ја изрази својата целосна поддршка за подигнување на јавната свест за подобрување на инклузијата во нашето општество и унапредување на можностите за образование на учениците со посебни образовни потреби.