Средба на претседателот Стево Пендаровски со претседателот на Француската Република Емануел Макрон

12 ноември 2019 | Соопштенија, Средби

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Париз оствари средба со претседателот на Француската Република, Емануел Макрон. На средбата беа разменети мислења за билатералните односи меѓу двете земји, стратешките определби на нашата земја за членство во ЕУ и НАТО, регионалните прашања и проширувањето на ЕУ.

По средбата, претседателот Пендаровски изјави дека разговорот со претседателот Макрон бил отворен, динамичен и ги слушнал аргументите на претседателот Макрон кои стоеја позади неговата одлука на 18-ти минатиот месец да се одложи давањето преговори на нашата земја.

Видео и транскрипт од изјавата на претседателот Пендаровски по средбата со претседателот Макрон:

Новинарско прашање: Претседателе заврши вашата средба со францускиот претседател Макрон. Ги слушнавте неговите позиции од прва рака. Што вие му кажавте и што тој ви одговори?

ПРСМ Пендаровски: Разговорот беше прилично отворен. Беше динамичен и ги слушнав аргументите на претседателот Макрон кои стоеја позади неговата одлука на 18-ти минатиот месец да се одложи давањето преговори на нашата земја. Јас од моја страна ги изложив моите аргументи. Мислам дека сега можеме да зборуваме за расчистена ситуација по неколку битни точки. Прво, претседателот Макрон веќе почнал и неговиот тим, со расчистување на новата методологија. Имаат предложено еден нон пејпер до земјите членки и почнал да циркулира пред недела дена. Очекува дека тоа ќе заврши наредниве месец до два комплетно со инпут од останатите земји членки, со коментари, евентуално амандмани. Начелно, тој мисли дека методологијата најдоцна треба да биде усвоена до март. Меѓутоа, кога имате меѓународна организација која има 28 земји членки не можете да бидете сигурни. Меѓутоа, очекува и пред март да биде донесена и новата, ревидирана методологија, како ја нарекуваат. Второ, она што ми беше мене битно, бидејќи нам ни е битно во државата и за народот, му реков дека ние не би се согласиле со никаква алтернатива на полноправно членство. Тоа може да трае, не знам години и години, меѓутоа ние не прифаќаме никаква друга алтернатива во облик на Европска економска зона или не знам соседи на Европската Унија и така натаму. Ми рече прецизно – никогаш не била неговата намера да ни даде алтернатива на полноправно членство. Само, вели, сакам да го подобрам процесот, да не продуцира само бирократски успеси, а суштински неуспеси кај земјите кандидати. Во тој дел, јас реков дека нашата позиција како држава е неспорна. Значи, нека ја подобруваат, нека ја менуваат методологијата колку сакаат и како сакаат. Ние сме комплетно позади принципот на реверзибилност. Тоа значи дека ако одредено поглавје го затвориме успешно, по извесен период од време се јават проблеми во иста област, на пример слобода на медиуми, да не вратат назад, се согласувам. Дури во еден момент му реков ако сакате и како полноправна членка, кога би биле, да не исклучите од членство од Европската Унија, слободно направете го тоа, бидејќи не ми е интерес мене да бидам јас членка таму, а да не бидам демократија. Јас му реков, во неколку наврати му опишав. Значи, половина од мојот живот го поминав во автократија, во поранешна Југославија. Десетте години на Груевски плус, ги поминав во автократија. Прво, јас немам лични резони да бидам за методологија која само бирократски ќе штиклира успеси и на крај ние ќе влеземе по неколку години во Европската Унија и ќе констатираме дека назадуваме во сите витални демократски компоненти и индикатори. Тука се согласивме. Ова што е битно, значи по промената на методологијата, отприлика кажано, некаде до март би требало тоа да се заврши, тој ми рече дека потоа би можело да се очекува одлука на Европскиот Совет на следниот самит на Европската Унија во мај, на 6 мај мислам дека е веќе закажан во Загреб, од хрватското претседателство. Се разбира, не зборуваме за содржината на одлуката, зборуваме дека тоа ќе биде распоредот временски – променета методологија и после тоа, се разбира, одлука за земјите кои чекаат да отворат пристапни преговори. Она што е важно и што мислам дека е најпозитивно што произлезе од целиот состанок, е што тој самиот инсистираше и ми предложи, јас имав и формална покана да ја посети Северна Македонија, тој ми рече ќе дојдам многу брзо во вашата земја. Јас инсистирав да биде малку попрецизен во временска смисла што значи тоа брзо. Ми рече можете слободно да му кажете на вашиот народ, на вашите луѓе дека ќе дојдам во првите шест месеци од 2020. Отприлика тоа е.

Новинарско прашање: Околу методологијата, можете да бидете попрецизни што се тие методолошки…

ПРСМ Пендаровски: Во овој момент она што е предложено на првичен драфт од нивна страна содржи само идеи и принципи. Нема ништо разработено во смисла на конкретни детали, допрва ќе треба да се разработува. Колку што разбирам, тој нон пејпер е околу три, три и пол страници. Значи зборува само за начелата до кои треба да се придржуваат земјите кандидати и земјите членки кои го проценуваат нивниот прогрес. Значи тоа е сé уште во иницијална фаза.

Новинарско прашање: Значи, нема ништо конкретно во тој дел?

ПРСМ Пендаровски: Не. Во овој момент не.

Новинарско прашање: До мај велите дека не знаете каква би била содржината на одлуката, значи во мај повторно е можно одложување. Повторно е можна негативна одлука?

ПРСМ Пендаровски: Сите опции се отворени, со тоа што претседателот Макрон на средбата децидно кажа и бидејќи инсистирав да се каже заради што е одложувањето. Имате различни шпекулации и кај нас дома и во регионот, дека тоа е од не знам какви други политички причини. Тој рече не, одложувањето е зошто сега нам ни треба повеќе време, не вака. Значи дозволете ние, тој и со тоа го почна разговорот. Моја стара заложба е да има продлабочување на Унијата, подобрување на методологијата. Значи тоа се двете страни на ист процес. Продлабочувањето на оние што се веќе внатре, а методологија за оние што сакаат да станат нови членки. Вели, тие работи знам дека може да одат паралелно и ќе одат паралелно бидејќи вие сега барате само отворање на преговорите, мене ми е кристално јасно. Меѓутоа, сакам да ве уверам дека вие испорачавте прво сé, второ не ви нудам алтернатива на полноправно членство ниту други форми на соработка и вели доаѓам тоа да му го објаснам, ако е потребно да го образложам, да го аргументирам пред вашите луѓе, ќе дојдам во Скопје.

Новинарско прашање: Во меѓувреме ако има реформско назадување во Македонија…

ПРСМ Пендаровски: Може да има назадување. Јас се надевам дека ќе имаме напредување. Прва задача во таа смисла ни е знаете, да ги организираме како што доликува, како што беа и претходните неколку изборни циклуси, парламентарните избори предвремени закажани за 12 април.

Новинарско прашање: Претседателе, Франција во изминатиов период, многу конкретно барем амбасадорот Тимоние кажуваше дека они очекуваат да се донесе Законот за јавно обвинителство. Тоа беше уште еден од условите заедно со кристално чисти и фер избори. Очекувате тоа да се случи?

ПРСМ Пендаровски: Не. Значи од највисокото политичко место во оваа земја, значи од претседателот Макрон ми беше речено дека вие исполнивте сé, се разбира ако во меѓувреме има назадување од тоа што сме го направиле и да сте полноправна земја членка ќе добиете негативен извештај, се разбира. Меѓутоа, не ми го спомна воопшто законот, дека е неопходно заради ова што ви го објаснував претходно, дека е неопходно да се донесе Законот за обвинителство кое претпоставувам се мисли на инкорпорирање на она што беше СЈО некогаш. Тоа е направено, тој трансфер на предмети знаете дека е направен. Значи, не ми го спомена воопшто како тема за разговор, не да ми наметнува негови заклучоци.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски домаќин на Ифтарска вечера по повод Рамазанските пости

Претседателот Пендаровски домаќин на Ифтарска вечера по повод Рамазанските пости

  Претседателот Стево Пендаровски беше домаќин и се обрати на Ифтарската вечера, којашто ја приреди по повод Рамазанските пости и во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам. На вечерата присуствуваа претставници од државно-владиниот врв, бизнис...

Отворен Кабинет за ученици од скопските основни училишта „Љубен Лапе“ и „Димитар Миладинов“

Отворен Кабинет за ученици од скопските основни училишта „Љубен Лапе“ и „Димитар Миладинов“

Во рамки на Отворен Кабинет, ученици од ООУ „Љубен Лапе“ и од ООУ „Димитар Миладинов“, од Скопје, денеска го посетија Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Учениците имаа можност да се запознаат...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Белорусија, Сергеј Малиновски

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Белорусија, Сергеј Малиновски

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Сергеј Малиновски, новоименуваниот амбасадор на Република Белорусија во Република Северна Македонија, со седиште во Белград. Претседателот Пендаровски во обраќањето на церемонијата на предавање на...

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Египет, Надер Саад

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Египет, Надер Саад

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Надер Саад, новоименуваниот амбасадор на Арапска Република Египет во Република Северна Македонија, со седиште во Софија. Претседателот Пендаровски во...

Средба со учесниците во програмата за регионална мобилност на млади истражувачи и активисти

Средба со учесниците во програмата за регионална мобилност на млади истражувачи и активисти

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими учесници во Програмата за истражување на младински и образовни политики во Младински образовен форум (МОФ). За време на средбата младите од Албанија, Србија и од Северна Македонија,...