Почитувани млади,
Ви го честитам Меѓународниот ден на младите, инициран од Обединетите Нации пред точно 20 години. Денеска, но и секој следен ден Ви посакувам да го следите вашиот сон, да бидете активни чинители во заедницата. Волонтирајте, помагајте им на послабите, не се обесхрабрувајте од неуспесите и учете од грешките, тие сепак се дел од вашето искуство.
Имајќи ја предвид тематa на #WorldYouthDay2019 – „Трансформација на образованието“, наша задача е да создадеме уште поквалитетно образование кое ќе ви нуди повеќе можности, образование во кое има место за сите и во кое секој ученик ужива исти права.
Истовремено, драги млади, ве охрабрувам да бидете гласни. Да барате, но и да бидете критични кога не ги исполнуваме своите ветувања. Мора да направиме се, за Ваша лична и професионална сатисфакција, бидејќи местото Ви е тука, дома.
Сакам да знаете дека како претседател секогаш ќе бидам достапен за Вас, а подготвуваме и неколку новини:
➡️досегашното признание за најдобар млад научник го проширивме во категориите најдобар млад научник од техничките и од општествените науки, најдобар млад иноватор, воведуваме признание за млади таленти и за млади со атипичен развој;
➡️есенва ќе отпочне со работа Центарот за политичко образование, каде младите ќе научат повеќе и ќе може да се вклучат во општествените прашања.
➡️во канцеларијата во центарот на Скопје, Вие младите ќе развивате дигитални вештини. МладиХаб ќе биде менаџиран во партнерство со Националниот младински совет и МАСИТ. Канцеларијата е ваш простор, а заеднички ќе организираме различни младински иницијативи – дебати, изложби, обуки, концерти.