Обраќање на свечената академија по повод 80-годишнината од основањето на македонскиот Црвен крст

19 мај 2025 | Обраќања, Соопштенија

Почитуван Генерален секретар на Црвениот крст, господине Саити,
Почитуван претседател на Црвениот крст, господине Велев,
Почитуван Претседател на Собранието, господине Гаши,
Ценети министри, екселенции,
Почитувани волонтери на Црвениот крст,
Драги пријатели,

Кога прифатив да бидам покровителка на овој јубилеј на македонскиот Црвен крст, не можев ниту да замислам дека деновите на радост и славење преку ноќ ќе станат денови на болка и тага поради ужасната трагедија во Кочани на 16 март годинава. Особено бидејќи веќе наредниот ден, на 17 март, се навршуваа 80 години од формирањето на Црвениот крст.

Сте се запрашале ли, зошто една од првите одлуки на асномска Македонија било формирањето на Црвениот крст на Македонија? Се прашувам, зарем новоформираната држава немала погорливи прашања на дневен ред, како разурнатата инфраструктура и индустрија, високото ниво на неписменост и сеприсутната сиромаштија? Зарем немало поитни закони што требало да се донесат или поважни институции што требало да се воспостават?

Основоположниците на асномска Македонија биле свесни дека ниту најдобрите закони, сами по себе, не се доволни за да се изгради чувство на заедништво и на солидарност. Со закон може да се регулираат надворешните дејствија, но не и внатрешните мотиви на луѓето. Со закон можете да санкционирате лошо поведение, но не можете да создадете пожртвувани луѓе. Бидејќи човековото срце чука според ритамот на многу поразличен, етички закон на хуманоста којашто ги поврзува луѓето од различни вери, светогледи и епохи.

Имануел Кант пишувал за „ѕвезденото небо над нас и моралниот закон во нас“. Алберт Швајцер го именувал како „длабока почит кон животот“. Симон Вејл посочувала дека таа почит не е вербална туку конкретна и подразбира практична помош кон ранливите, сиромашните, бегалците, бездомните, жртвите на социјални неправди и хуманитарни катастрофи. Калил Џибран потсети дека вистински даваме не тогаш кога даваме од она што го поседуваме, туку кога се даваме себеси.

Наречете го како сакате. Она што е важно е дека тој непишан закон на хуманоста стапува на сила во моментот кога ќе се соочиме со страдањето на другиот. Тогаш ние сме исправени пред одлуката: да го свртиме погледот и да се скриеме во нашиот комфор или да застанеме и да му помогнеме на страдалникот најдобро што можеме.

Самото движење на Црвениот крст се роди од една таква средба. Во 1859 година, соочен со ужасот по битката кај Солферино, швајцарецот Анри Динан не можел да остане рамнодушен. Онаму каде што двете завојувани страни гледале ранети непријатели, Динан гледал беспомошни луѓе коишто молеле за милост. Со повикот „tutti fratelli” – „сите се браќа“, тој го мотивирал локалното население да се вклучи во спасувањето на преживеаните, независно која униформа ја носеле и под кое знаме се бореле. Сите се браќа. Тоа ме потсетува на мотото на нашиот 80-годишен јубилеј. Ние не гледаме припадници на оваа или на онаа етничка, верска, социјална, политичка група, „ние гледаме луѓе“.

Со своите „Спомени од Солферино“, Динан го разоткрил грдото лице на војната и помогнал да се создаде Меѓународниот комитет на Црвениот крст од којшто произлегоа бројни национални здруженија, меѓу кои и македонското, коишто денес се обединети во Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Подеднакво важно, тој помогнал да се воспостави меѓународното хуманитарно право како заштита за ранетите, цивилите и хуманитарните организации во конфликтните подрачја.

Динан го послушал Законот на хуманоста и со тоа го направил светот похумано место. Не случајно, движењето на Црвениот крст, заедно со неговиот идеен основач, е четворократен лауреат на Нобеловата награда за мир.

Затоа, кога асномската генерација ја воспостави македонската држава како наш единствен заеднички дом, таа истовремено го воспостави и Црвениот крст на Македонија како наше училиште на хуманоста и на солидарноста, каде што треба да учиме како да си помагаме без дискриминација и да се однесуваме како едно големо семејство.

Почитувани присутни,

Од сега па натаму, во нашата индивидуална и колективна меморија, 16 март – денот на кочанската трагедија и 17 март – денот на Црвениот крст ќе бидат врежани како датуми во кои страдањето и солидарноста, тагата и утехата, болката и хуманоста ќе бидат нераздвојно поврзани.

Заедно со државните институции, Црвениот крст ги координираше хуманитарните активности, давајќи голема материјална, логистичка, но и психолошка поддршка за семејствата на починатите и на повредените. Тимовите на Црвениот крст даваа прва помош за повредените, психосоцијална помош за семејствата, севкупна поддршка за достоинствен погреб на починатите од Кочани, Штип, Пробиштип, Виница, Струмица, Куманово и Скопје. Преку Црвениот крст до сега се собраа околу 140 милиони денари за помош на настраданото население. На апелот за донации на Црвениот крст се одзваа голем број граѓани, компании, општини, институции, невладини организации, здруженија на граѓани и други домашни, но и странски донатори.

Волонтерите на Црвениот крст меѓу првите даваа морална поддршка при соочувањето со оваа голема национална траума. Во тој момент, волонтерите на Црвениот крст и сите хумани и солидарни поединци беа проширено семејство.

Бескрајно сме им благодарни и на сите пријателски држави коишто во моментите на национална трагедија и шок, понудија и сè уште нудат навремена и несебична помош, водени од принципите на солидарност и на хуманост. Со нивните медицински тимови, отворањето на здравствените установи за повредените граѓани, како и активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита, испратија недвосмислена и силна порака дека во најтешките моменти не сме сами.

Не случајно, со македонската независност во 1991 година, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста беа вградени како темелни вредности на нашиот уставен поредок. Тоа значи дека државата постои за да им овозможи на македонските граѓани, независно дали се христијани, муслимани, Евреи, атеисти, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и други, активно да придонесуваат за општото добро и за јавниот интерес.

Водејќи се од овие хумани принципи, Црвениот крст го мобилизираше македонското општество во некои од најкризните периоди, како што беа косовската бегалска криза од 1999-тата, конфликтот во 2001-та и мигрантска криза од 2016-та. Црвениот крст помагал и продолжува да помага во справувањето со последиците од елементарните непогоди, пожарите, поплавите, земјотресите. Црвениот крст е мостот за нашата помош кон настраданите во странство.

Но, изминативе 30-тина години како држава и како општество се соочивме и со многу внатрешни кризи предизвикани, меѓу другото, и од неправедните блокади на нашиот европски пат. Овие неправди создадоа услови за партизација на институциите, етнизација на политиката, поларизација на општеството и безмилосна трка за профит и за моќ, во којашто малкумина се добитници, а многумина губитници.

Социјалната нееднаквост и општествената недоверба го обесхрабрија волонтерството. Иако се гордееме дека сме татковина на Мајка Тереза, сепак, меѓу последните сме во Европа според нивото на волонтерство и на активизам. Сè до кочанската трагедија, седум од десет млади беа општествено неактивни граѓани. Девет од десет млади никогаш не биле дел од граѓанска организација или иницијатива поврзана со социјални прашања. Едвај 8% од младите кај нас презеле конкретен чекор за да решат некаков општествен проблем. Две третини млади не се задоволни со своето место во општеството, па многумина се иселуваат во странство.

Споредено со состојбата од пред 80 години, луѓето денес се можеби статусно и материјално побогати, но се емоционално и социјално многу посиромашни. За тоа зборува и крикот на младиот кочанчанец на плоштадот „Македонија“: „толку брзо ли нѐ заборавивте нас од Кочани?“. На тоа ќе ги додадам „Ласкарци“, „модуларната болница“ во Тетово, „Беса Транс“ и многу други. Како да го живееме македонското Солферино, во коешто наместо жртви на бојно поле, имаме жртви на хроничен стрес, анксиозност, депресија, негрижа, социјална неправда, корупција, семејно и врсничко насилство, рамнодушност, отуѓеност, па и самоубиства. Не случајно сме вброени меѓу најнесреќните нации во Европа.

Ако сето ова е македонското Солферино, тогаш каде е македонскиот Анри Динан, да нѐ потсети на нашата обврска да го почитуваме Законот на хуманоста и да им помагаме на ближните, на оние што страдаат? Каде е оној што ќе ја разбуди совеста и ќе нѐ поттикне на солидарност во акција?

Јас верувам дека Анри Динан е помеѓу нас, преку вас, волонтерите на Црвениот крст. Вие сте неговите наследници. Вие сте тивките, ненаметливи херои на македонското општество.
Вие имате мандат од асномската генерација да бидете наши учители на солидарноста и на хуманоста.
Вие можете да ни помогнете со емпатијата и со човечноста да го спасиме македонското општество од најголемата опасност којашто му се заканува, а тоа е рамнодушноста.

Одговорот на кочанската трагедија ни покажа дека сè уште има надеж. Ќе ги спомнам младите херои коишто ги извлекуваа своите другари и другарки од пожарот, пожарникарите, медицинските тимови, психолозите, шоферите на Брзата помош. Но, благодарни сме им и на нашите сограѓани од исламска вероисповед кои во знак на солидарност ги откажаа ифтарските вечери и кои приредуваа „софра на мирот“ за семејствата на повредените.
Ќе ги споменам и средношколците од Тетово коишто ја испратија моќната порака дека иако говориме различен јазик, сепак плачеме исто. Тука е и неформалната група на млади „Support Kocani“ коишто херојски се борат за да им се помогне на семејствата на починатите, на повредените и на нивните блиски. Секој од нив, секој од вас, и со најмалиот гест на добрина покажа дека духот на солидарноста и хуманоста сè уште е жив.

Но, таа солидарност и хуманост не смее да запре со Кочани. Како да останеме верни на асномскиот аманет и да му го дадеме на волонтерството местото коешто навистина му припаѓа? Како да го направиме волонтерството повторно актуелно, модерно и популарно? Кул, би рекле младите.

Реков дека ниту најдобрите закони не можат да создадат пожртвувани и солидарни луѓе. Но, законите можат да создадат услови за солидарните и за пожртвуваните да бидат почитувани и вреднувани. Мислам дека е крајно време да се размисли за измена и дополнување на Законот за волонтирање којшто системски би го вреднувал неплатениот труд на волонтерите како личен придонес за унапредување на животот на луѓето. Со посебни бенефиции за вложениот труд ќе се поттикне омасовувањето на волонтерството во македонското општество. Секоја единица крв којашто сте ја дарувале, секој час вложен во грижата за болни и стари лица, секоја обука за Прва помош што сте ја посетиле или споделиле, секој несебичен чин на хуманост, мора да биде соодветно вреднуван. Така ќе го обновиме духот на хуманоста и на солидарноста во македонското општество.

А овој голем 80-годишен јубилеј којшто го одбележуваме во сенката на најголемата трагедија е неповторлива можност за почеток на таа обнова, нашата човечка обнова.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова: Родовата еднаквост не е давање предност, туку отстранување на пречките и создавање еднаков терен за сите

Сиљановска-Давкова: Родовата еднаквост не е давање предност, туку отстранување на пречките и создавање еднаков терен за сите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на настанот за промоција на наодите од Родовата самопроценка и Родовиот акциски план за унапредување на родовата еднаквост во Министерството за одбрана и во Армијата како дел од сеопфатната реформа на...

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во посета на Гостивар

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во посета на Гостивар

На 19-ти мај, Денот на сеќавањето на големиот реформатор и основач на Турската Република, Кемал Ататурк, како и Денот на младите и спортот, којшто го слават припадниците на турската заедница, Сиљановска-Давкова ги посети OOУ „Мустафа Кемал Ататурк“ и здружението...

Сиљановска-Давкова ја прими Беате Мајнл-Рајсингер, министерка за европски и меѓународни работи на Република Австрија

Сиљановска-Давкова ја прими Беате Мајнл-Рајсингер, министерка за европски и меѓународни работи на Република Австрија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Беате Мајнл-Рајсингер, сојузна министерка за европски и меѓународни работи на Република Австрија, на којашто беа потврдени одличните политички односи, засновани на почит и разбирање и нотирана   развиената и...

Сиљановска-Давкова на средбата со Кошта: Не смееме да бидеме колатерална штета на ветото и на билатерализацијата на процесот на евроинтегрaција

Сиљановска-Давкова на средбата со Кошта: Не смееме да бидеме колатерална штета на ветото и на билатерализацијата на процесот на евроинтегрaција

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на која нагласи дека во процесот на европската интеграција не смееме да бидеме колатерална штета на ветото и на билатерализацијата на процесот на...