Обраќање на претседателот Пендаровски по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука

22 ноември 2023 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука –  22 ноември и 115. годишнината од одржувањето на конгресот во Битола, каде беа поставени темелите за стандардизација на албанскиот јазик.

Почитувани гости,

Дами и господа,

Имаме чест, денес, да ја одбележиме 115-тата годишнина од Конгресот во Битола – клучен момент во историјата на албанскиот народ, кој ги постави темелите за стандардизација на албанскиот јазик. Доколку денес, по повеќе од еден век, сакаме да направиме евалуација на тој историски настан, можеме да заклучиме дека се работи не само за чин со фундаментално значење за културниот идентитет и јазичното единство на албанската нација.

Имено, тоа што конгресот е одржан во Битола укажува на неспорниот факт дека во историска перспектива, во Македонија живееле, коегзистирале и се уште живеат и ќе живеат, едни со други, различни етнички заедници, вклучувајќи ги Македонците и Албанците. Ова значи, прво, дека темелите на современата македонска држава и општество допираат длабоко во историјата, а, второ, не помалку важно, дека во основата на тие темели е почитта и промоцијата на мултијазичноста и мултиетничноста, што бездруго придонесува за нивниот опстанок и траење низ вековите.

Конгресот во Битола, одржан во ноември 1908-та, бил собир на лингвисти и визионери кои ја препознале потребата од создавање на единствена јазична платформа која ќе ги поврзува локалните албански заедници на Балканот. Главната цел на кодификацијата била и повеќе од јасна: да се создаде азбука и јазичен стандард што ќе послужи за премостување на празнините меѓу различните дијалекти кои ги зборувал албанскиот народ. Таа 1908 година во Битола биле надминати регионалните разлики со што било унифицирано богатото јазично наследство на Албанците.

Поради нашите историски премрежија и оспорувања од соседите, ние Македонците, најдобро знаеме какво значење имаат одлуките од Конгресот во Битола за нашите сограѓани – Албанци. Усвојувањето на современата албанска азбука беше критичен предуслов за зацврстување на нивниот јазичен и етнички идентитет. Унифицираното албанско писмо стана камен-темелник на културната преродба, поттикнувајќи го чувството на национална гордост и солидарност меѓу Албанците.

Република Северна Македонија, поради својата специфична внатрешна структура, секогаш придавала исклучително значење на зачувувањето, развојот и почитувањето на јазичното и културното наследство на секоја заедница. Ние, со години наназад, како држава, во континуитет, потврдуваме дека ги препознаваме и вреднуваме различните јазични и културни идентитети и во таа смисла сме редок позитивен пример на целиот Европски континент. Тоа не значи дека на тој пат сите дилеми и предизвици се расчистени или дека меѓуетничката толеранција и почитта кон поинаквите од нас е дефинитивно научена лекција.

Меѓутоа, неспорен факт е дека македонскиот модел на мултикултурна коегзистенција ги инхибира потенцијалните тенденции за внатрешно раслојување и поделби што, според моето длабоко уверување ќе придонесе наредниве години и македонскиот и албанскиот јазик, после долго патување, да станат дел од заедничкиот европски јазичен простор во рамките на Европската унија.

Во тој контекст, не смееме да ги игнорираме или потцениме предизвиците, но немаме ниту една причина да не ги потенцираме и славиме успесите кои ја имаат обликувано еволуција на македонскиот и албанскиот јазик.

Наследството од битолскиот Конгрес, иако оформено пред повеќе од едно столетие, е актуелно и во современиот јазичен контекст. Стандардизираниот албански јазик овозможи генерации и генерации ефективно да комуницираат меѓу себе, надминувајќи ги географските и социјалните бариери. Во глобалната ера во која комуникациите го унифицираат светот, нациите нема да можат да учествуваат без опасност по својот идентитет, ако претходно не се унифицирани во рамките на својот јазичен дискурс.

Прославувајќи го овој јубилеј, потребно е повторно да се навратиме на основниот принцип кој ги водел учесниците на битолскиот конгрес, а, тоа е дека секој јазик, помеѓу останатото, треба да биде извор на единство, на разбирање и на гордост.

Денес, 115 години подоцна, треба да гледаме кон иднината со оптимизам и обновена посветеност кон нашата заедничка република, како мултикултурна заедница која го признава и почитува различното етничко и културно потекло, како и јазичниот идентитет на сите своите граѓани.

Почитувани,

Северна Македонија се соочува со вечниот предизвик на балансирање на меѓуетничките односи, со цел, промовирање на еднакви можности за сите граѓани, и тоа го правиме во нестабилно надворешно опкружување оптоварено со територијални конфликти, историски фрустрации и национализам. Меѓутоа, единствениот пат кон инклузивна држава е преку етаблирање на систем во кој доследно, а не само формално се почитуваат воспоставените правни рамки и се креираат политики кои никого не дискриминираат.

При тоа е јасно дека идентитетот на државата се гради преку негување на посебните идентитети на секоја етничка заедница. Додека се движиме  низ комплексностите на мултикултурализмот треба да разбереме дека вистинскиот, а не реторичкиот мултикултурализам подразбира да не бидат запоставени јазиците и на другите помалку бројни етнички заедници.

Мултикултурализмот е драгоцено богатство и во историски и во современи контексти. Акцентот на јазичната, културната и етничката разновидност ја нагласува важноста од поттикнување на инклузивност, разбирање и соработка во сите сфери од нашето заедничко живеење и работење.

Почитувани,

Државите не се распаѓаат заради јазичниот плурализам, најмалку заради зголемувањето на квантумот на јазични права на било која етничка заедница. Државите назадуваат, ако не го користат потенцијалот на секој свој граѓанин, а секој од нас во своите животни и професионални битки влегува со она што го носи во себе – своите знаења и вештини, своето искуство и својата совест. Но, во сите животни битки влегуваме пред се, со нашето име и идентитет. А тие се потпираат врз нашиот мајчин јазик.

Нека е честит и вековит денот на албанската азбука!

Gëzuar Dita e Alfabetit të Gjuhës Shqipe!

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски ја посети компанијата ,,Везе Шари” и општина Пласница

Претседателот Пендаровски ја посети компанијата ,,Везе Шари” и општина Пласница

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“ денеска во селото Требош, Општина Желино ја посети компанијата „Везе шари“. За време на посетата, претседателот Пендаровски беше запознаен со тековната работа на компанијата, која...

Изјава на претседателот Пендаровски на денешната прес-конференција

Изјава на претседателот Пендаровски на денешната прес-конференција

Претседателот Стево Пендаровски денеска одржа прес-конференција. Во продолжение е интегралниот текст на изјавата на претседателот Пендаровски. Почитувани медиуми, Почитувани граѓани, Благодарам за вашето присуство. Повод за...

Претседателот Пендаровски присуствуваше на завршниот настан „Иднината почнува дома“

Претседателот Пендаровски присуствуваше на завршниот настан „Иднината почнува дома“

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер присуствуваше на завршниот настан „Иднината почнува дома“, на којшто беа доделени признанија на триесет и двајцата номинирани личности, кои со нивната индивидуална ангажираност придонеле како двигатели на позитивни промени во...

Отворен Кабинет за претставници на Mладински клуб на Турците и ученици од ООУ „Браќа Миладиновци“

Отворен Кабинет за претставници на Mладински клуб на Турците и ученици од ООУ „Браќа Миладиновци“

Кабинетот на претседателот, денеска го посетија претставници на Mладински клуб на Турците и ученици од ООУ „Браќа Миладиновци“ од Аеродром, Скопје, во рамки на активноста Отворен Кабинет. [gallery...

Обраќање на сопругата на претседателот на панел дискусија по повод Денот на ретките болести

Обраќање на сопругата на претседателот на панел дискусија по повод Денот на ретките болести

  Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на панел дискусија посветена на Денот на ретките болести во организација на Националната алијанса за ретки болести на Македонија – НАБРМ.   [gallery...