Обраќање на претседателот Пендаровски на панел „Човековите права во образовните перспективи“ на Меѓународниот Балкански Универзитет

15 декември 2022 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствуваше и се обрати на панел дискусијата насловена „Човековите права во образовните перспективи“, што се одржа во организација на Меѓународниот Балкански Универзитет во Скопје.

Почитувани присутни,

Ценети професори и студенти,

Дами и господа,

Задоволство ми е да бидам со вас денеска. И благодарам на управата на Меѓународниот Балкански Универзитет во Скопје за поканата да се обратам на овој настан посветен на инклузивното образование.

На 10 декември го одбележавме Меѓународниот ден на човековите права и се потсетивме на усвојувањето на Универзалната декларација за човековите права во 1948 година. Нејзините автори успеаја да го сублимираат стремежот на многу генерации за признавање на вроденото човечко достоинство и на еднаквите и неотуѓиви права и слободи.

Едно од тие фундаментални права е и правото на образование насочено кон сестран развој на личноста. Ако Универзалната декларација е во симболична смисла – дом на човековите права, тогаш правото на образование е клучот што ја отвора вратата или кодот што е неопходен за разбирање и уживање на сите други права и слободи. Без соодветно образование многу права ќе бидат само декларативни. Не случајно, образованието е полето на кое се воделе, а и се уште се водат, некои од најважните битки за човековите права.

И денес, образованието кај нас, но, и во многу други држави, се соочува со повеќе предизвици, од кои денес, во оваа прилика, би сакал да издвојам два.

Првиот предизвик е дискриминацијата. Иако усвоено, правото на образование не било насекаде и веднаш спроведено. Со години постепено биле отстранувани наталожените нееднаквости и стереотипи, почнувајќи од расни, национални, социјални, културни, економски, статусни, па се до политички, родови и генерациски. Дискриминацијата во образованието е една од најдеструктивните бидејќи го поткопува човековото достоинство и го уназадува развојот на човековата личност, а најчести жртви се децата и младите.

Вчера, на 14 декември се навршија 62 години од усвојувањето на Конвенцијата против дискриминација во образованието. Како најстар правно-обврзувачки меѓународен инструмент на УНЕСКО, оваа конвенција ја забранува дискриминацијата врз основа на раса, боја на кожа, пол, јазик, религија, политичко или друго убедување, национално или социјално потекло, економска состојба или раѓање. Иако Конвенцијата придонесе за значаен напредок, сепак, се уште егзистираат нови и стари форми на дискриминација во образованието.

Последниот Извештај за човековиот развој на УНДП потврди дека се шири јазот на нееднаквоста во државите, вклучително и јазот во дигиталното образование. Највисоката цена ја плаќаат најсиромашните, кои се најранливи во кризни времиња. Познато е дека, на пример, пандемијата ги исклучи оние ученици и студенти кои немаа пристап до брз интернет или до соодветен компјутер за да ја следат онлајн наставата.

Но, освен новите имаме и стари форми на дискриминација, како што се стереотипите и предрасудите што водат до маргинализација и врсничко насилство. Вo февруари годинава македонската јавност дозна за случајот на 11-годишното девојче од Гостивар кое поради Даунов синдром беше маргинализирано во наставниот процес. Минатиот месец, се сретнав со семејството на ученикот од едно основно училиште во Градско, кој бил изложен на континуирано врсничко насилство од страна на соучениците во последните две години. Ова се само два од, за жал, многубројните случаи што оставаат трауми во животите на учениците и на нивните семејства. Овие два случаи покажуваат дека подеднакво можат да бидат дискриминирани и децата со типичен, но и оние со атипичен развој.

Инклузијата во образованието не е само формално-правна, тоа е и наша морална обврска. Државата мора, во соработка со наставниот кадар и семејствата, да ја прекине спиралата на насилство. При тоа, секој треба да биде свесен за последиците од своите постапки. А токму тоа е функцијата на образованието, но и на воспитанието – да им помогнат на младите да станат одговорни членови на заедницата.

Инклузивното образование е многу повеќе од можност за физичко вклучување во секој сегмент од општеството. Тоа подразбира и промовирање на инклузивни вредности. Не е доволно да има пристапни рампи во училиштата и универзитетите за учениците и студентите со физичка попреченост, ако тие, од прагот, натаму не се чувствуваат добредојдени и прифатени.

Ценети присутни,

Вториот голем предизвик со кој се соочува образованието во Северна Македонија е демотивацијата. Проблемот со демотивацијата не враќа на суштината на образованието. Која е неговата функција? Каде е позиционирано образованието во општеството и во државата? Колку се вложува во него? Дали образованието е прилагодено на реалните потреби на пазарот на трудот или не?

Краткиот поглед врз состојбите открива дека имаме ниски вложувања во образованието и раширена перцепција дека тешко се напредува врз основа на сопствените квалитети. Оттука се и лошите резултати и ниското рангирање на меѓународните тестови за ученици и студенти. Кога младите луѓе не се убедени дека образованието ќе им помогне да напредуваат и да успеат, тогаш бараат алтернативни коридори.

За разлика од моќта и парите што се намалуваат кога се делат, кај образованието не важи истата логика. Никој не изгубил знаење со тоа што го споделил со другите. Од научната револуција во Европа во 16 и 17 век, па се до дигиталната револуција на крајот на 20 и почетокот на овој век, се помасовното споделување на знаењето водеше до големи пробиви во науката и подобрување на квалитетот на животот на луѓето.

Еднаквото човечко достоинство во општеството не се постигнува преку еднаква распределба на богатството или моќта, туку преку еднаков пристап и можноста за квалитетно образование. Многу повеќе од богатството и од моќта, токму образованието е клучот за човечкото достоинство.

За да го решиме проблемот со демотивацијата, неопходно е образованието да добие вистински третман во општеството. Потребни се системски зафати за да имаме сеопфатно, квалитетно и дигитализирано образование, прилагодено на современите светски трендови и на пазарот на трудот. Мора да вложуваме далеку повеќе во секоја етапа од образованието, да ја зајакнеме релацијата меѓу образовните институции и компаниите, да ја подигнуваме функционалната писменост и подготвеноста на младите за кариерен развој.

Современото, квалитетно и инклузивно образование треба да биде канал за социјална мобилност, што ќе им помогне на младите да имаат квалитетен и поисполнет живот од оној на нивните родители.

Притоа, да не заборавиме дека преку образованието не стекнуваме само вештини потребни за пазарот на трудот, туку и светоглед што треба да ни помогне да се ориентираме во животот. Инклузивното и квалитетно образование е предуслов за слободна размена на идеи и знаења што го прават животот вреден за живеење.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Обраќање на сопругата на претседателот на тркалезната маса „Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против семејното насилство во Република Северна Македонија“

Обраќање на сопругата на претседателот на тркалезната маса „Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против семејното насилство во Република Северна Македонија“

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска се обрати на тркалезната маса „Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против семејното насилство во Република Северна Македонија“ што се одржа во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а по повод...

Претседателот Пендаровски се обрати на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Пендаровски се обрати на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, денеска се обрати на Сегментот на високо ниво на Светскиот самит за климатски активности....

Средба на претседателот Пендаровски со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо во Дубаи

Средба на претседателот Пендаровски со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо во Дубаи

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Дубаи, за време на неговото учество на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени - COP28, оствари средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо. ...

Средби на претседателот Пендаровски на маргините на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи

Средби на претседателот Пендаровски на маргините на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 во Дубаи оствари кратки средби со британскиот крал Чарлс Трети, со кралот на Јордан Абдула Втори, со претседателката на Република Словенија Наташа...

Средба на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот со заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија

Средба на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот со заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија

Генералниот секретар на Кабинетот на претседателот Миле Бошњаковски, денеска прими делегација предводена од заменик – министерот за надворешни работи на Јапонија, Јоичи Фуказава, којашто престојува во земјава по повод учеството на Министерски совет на ОБСЕ. [gallery...