Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на настанот „Национален дијалог во пресрет на СОР31“, организиран од УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
За Сиљановска-Давкова климатските промени не се само прашање на заштита на природата, туку системска криза што ги погодува сите сегменти на општеството и бара итност, одговорност и заедничка акција.
Таа ја нагласи важноста од брзо усвојување на Законот за климатска акција, кој, како што истакна, е еден од најважните документи во реформската агенда поврзана со ЕУ, а за кој е добиено зелено светло од Европската Комисија во однос на усогласеноста со европското законодавство.
Во пресрет на COP31, во Анталија, каде што претседателката ќе ја предводи македонската државна делегација, таа порача оти треба да настапиме со јасни национални приоритети, подготвени проекти и конкретно дефинирани потреби за финансирање.
Според неа, Конференцијата е можност не само да ги артикулираме нашите приоритети, туку и да покажеме дека сме подготвени климатските обврски да ги претвориме во конкретни инвестиции и мерливи резултати.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Почитуван постојан претставник на УНДП,
Ценети министри,
Почитувани присутни,
Чест ми е да ве поздравам на овој национален дијалог во пресрет на Конференцијата на страните, СОР31 во Анталија.
И годинава, за жал, климатскиот самит ќе се одржи во услови на геополитички тензии и воени конфликти. Звукот на оружјето одекнува насекаде во светот. Во 2024 година, војните однесоа околу 239.000 животи, што е највисокиот годишен број во последниве години, според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот – SIPRI. Но, среде разурнувањето, една жртва останува речиси невидлива, а нејзиното страдање сѐ повеќе се потиснува на маргините на вестите и насловните страници. Таа жртва е нашата планета, нашиот единствен дом што го уништуваме.
Жртвата е игнорирана, исто како и самата војна на човештвото против природата. А таа војна е однапред изгубена.
Да потсетам. Емисиите на стакленички гасови ја загреваат нашата планета, а последиците од климатските промени се одвиваат пред нашите очи. Летото 2026 беше едно од најтоплите во Европа. Се проценува дека само на нашиот континент околу 50.000 луѓе починаа поради високите температури. Топлотните бранови предизвикаа суши и го намалија водостојот на големите реки, вклучително и Дунав. Недостигот на вода го наруши производството на енергија, а во Унгарија дури го ограничи и работењето на нуклеарната централа.
Последиците се надоврзуваат една на друга: еколошкиот проблем прераснува во енергетски предизвик, создава економски притисок и ја загрозува нашата – човековата безбедност. Затоа климатските промени не се само прашање на заштита на природата. Тие се системска криза што ги погодува сите сегменти на општеството. И бараат од нас итност, одговорност и заедничка акција.
Мојата, нашата држава, се наоѓа во еден од климатски најранливите региони на светот, Медитеранот. Извештајот на Светската банка за климатските промени и развојот кај нас предупредува дека загубите од катастрофи и екстремни климатски настани во претходните 20 години се проценуваат на 667 милиони американски долари. Без инвестиции во адаптација, годишните очекувани штети би можеле да достигнат 4% од БДП до 2050 година.
Овие бројки не се само економски показатели. Тие се предупредување за ресурсите што можеме да ги изгубиме, за развојните можности што можеме да ги пропуштиме и за човечката цена со којашто не смееме да се помириме.
Македонските граѓани и македонската економија веќе ги чувствуваат последиците. Да ги споменам сушите, поплавите, шумските пожари, аерозагадувањето, коишто ги намалуваат приносите од земјоделството и го загрозуваат нашето – здравјето на луѓето.
Ако ризиците се познати, ако последиците се мерливи и ако превенцијата е можна, зошто сè уште дејствуваме најчесто дури откако штетата ќе настане?
Токму овие прашања беа во фокусот на тематската седница „Климатски промени, ризици и предизвици“, што се одржа на 7 април годинава во мојот Кабинет. Мнозина од нив ги гледам овде и учам од нив. Денес ме радува што меѓу нас се и дел од учесниците од научната и експертската јавност, кои тогаш ги анализираа климатските промени и ризиците од повеќе агли и понудија сеопфатен пристап кон решавањето на овој проблем и предизвик. Од нивната дискусија, ќе издвојам три прашања што бараат конкретна институционална реакција.
Прво, националниот удел. Во светски рамки, македонскиот удел кон емисијата на стакленички гасови, а со тоа и кон глобалното затоплување, е занемарливо мал. Но, на национално и локално ниво, овој удел претставува сериозен здравствен, економски и безбедносен ризик. Малите држави, како нашата, незсразмено повеќе ги чувствуваат последиците. Затоа, ние не смееме да правиме компромиси со иднината.
Второ, законската рамка. Предлог-законот за климатска акција, мислев и сѐ уште мислам, е еден од најважните документи во реформската агенда поврзана со ЕУ. Пред два дена добивме зелено светло од Европската Комисија дека е усогласен со европското законодавство. И тоа мене ме радува. Без навремена и предвидлива законска рамка не може да има ефикасна превенција. Затоа, законот за климатска акција мора да биде усвоен што е можно поскоро.
Но, иако е неопходна, добрата законска рамка сама по себе не е доволна. Покрај превенцијата, мора посветено да работиме и на адаптацијата кон климатските промени и на јакнењето на отпорноста на државата.
Во таа насока, на тематската седница беше предложено воспоставување Национален интегриран мултихазарден информативен систем за превенција од катастрофи, како стратешки национален проект.
Здравиот разум ни кажува дека, како мала држава со ограничени ресурси, не смееме да ги расфрламе јавните средства, ниту да дозволиме секоја институција одделно да набавува исти или слични системи. Наместо да дуплираме и да создаваме паралелни капацитети, треба да ги поврземе и да ги надградиме постојните, за ресурсите да ги користиме поефикасно и поодговорно.
Таквиот интегриран пристап би овозможил подобро искористување на достапните податоци, навремено предупредување и поефикасна реакција при топлотни бранови, суши, бури, поплави и шумски пожари. Зад оваа иницијатива стои едноставна, но суштинска цел: подобро да ги заштитиме човечките животи, имотот и безбедноста на македонските граѓани. Предупредувањето што не стигнува до граѓанинот навреме не ја исполнува својата цел.
Сепак, и законите и системите ќе дадат резултат само ако зад нив стојат потребните ресурси и ако има континуитет во спроведувањето. Успешната адаптација кон климатските промени не зависи само од политичките заложби, туку и од обезбедувањето предвидливи и одржливи финансиски средства.
Решенија постојат, а достапни се и европски и меѓународни механизми за финансирање, техничка поддршка и трансфер на технологии. Нашата задача е активно да ги користиме. Тоа значи да подготвуваме квалитетни проекти, да ги поврземе науката, институциите, општините и приватниот сектор и да обезбедиме инвестициите да носат јасни и мерливи резултати.
Во пресрет на COP31, треба да настапиме со јасни национални приоритети, подготвени проекти и конкретно дефинирани потреби за финансирање. COP31 треба да биде можност не само да ги артикулираме нашите приоритети, туку и да покажеме дека сме подготвени климатските обврски да ги претвориме во конкретни инвестиции и мерливи резултати.
Затоа, да го искористиме овој дијалог за да преминеме од заложби кон обврски, од планови кон инвестиции и од реакција кон превенција.
Науката може да ги препознае ризиците. Стручната јавност може да понуди решенија. Но државата мора да создаде услови тие да станат реалност. Нашата обврска денес не е повторно да докажуваме дека проблемот постои, туку да се договориме што ќе преземеме, кој ќе биде одговорен за што и со кои средства.
Драги пријатели,
За да се случат суштински промени, најважно е да се промени начинот на размислување. Од политичарот до бизнисменот, од новинарот до работникот, секој мора да знае дека не смее да ни биде судбина грст луѓе, водени од краткорочни економски интереси, користејќи ги празнините, да не речам дупките во процедурите за брза заработка, да ја затемнуваат иднината на секој граѓанин што живее во мојава и во вашата земја. Дека тоа не е непроменлива судбина, мора да ги учиме децата од најмала возраст, преку нашиот образовен систем.
Во оваа област никој не е виновен, секој сноси вина. Некој со чинење, а некој со нечинење. Ниту бизнисменот што заради профит не ги почитува правилата, ниту надлежните државни инспекциски служби што не секогаш вршат соодветен инспекциски надзор, ниту родителите што не го учат своето дете дека не смее да фрла отпадоци низ прозорецот на автомобилот, ниту новинарот што не ги држи овие прашања доволно во фокусот на јавноста. Сите ние, сите сме виновни и токму затоа сите мора да бидеме дел од решението и да бдееме над неговото спроведување.
И, со сето тоа, да изградиме општествен договор со природата, односно, она што еден умен француски филозоф Мишел Сера го нарече природен договор, со којшто природата ќе ја третираме како наш партнер, а не како противник.
Ви благодарам.






