Обраќање на претседателот Пендаровски на одбележувањето 20 години ДКСК

16 ноември 2022 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски, вчеравечер се обрати на свечената церемонија по повод одбележувањето на 20-годишнината од основањето на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Во продолжение e интегралниот текст од обраќањето.

Почитувана претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата,
Почитуван претседател на Собранието, почитувани министри, амбасадори,
Ценети присутни,
Дами и господа,

Чест ми е да се обратам по повод 20-годишнината од основањето на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Секое праведно општество со еднакви можности за сите и високо ниво на граѓанска кохезија се темели на владеење на правото и на транспарентноста на институциите. Борбата против корупцијата е круцијална за изградба на општество во кое доминира политичка култура фундирана врз јавниот интерес. А за сето тоа треба да се грижи јавна администрација регрутирана според највисоки критериуми.

Со атак на овие темелни вредности, корупцијата, де факто, станува најголем генератор на неправда и нееднаквост, а со тоа, и најголема пречка за демократскиот развој на државата.

Корупцијата генерира неправда затоа што ја етаблира културата на неказнивост. Ниската доверба во нашите правосудни институции е последица на раширената увереност меѓу граѓаните дека митото е пресудно за исходот на судските процеси, или, дека е невозможно да се излезе од правосудниот лавиринт без да се познаваат вистинските луѓе на вистинските позиции. Но, кога граѓаните ќе ја изгубат вербата во правдата, тие, всушност, ја губат вербата во својата држава.

Законите кои не важат за сите еднакво, генерираат не само правна, туку и социо-економска и политичка нееднаквост. Корупцијата ги претвора правата за сите, во привилегии за малкумина, а должностите во право на избор, бидејќи оние кои можат да подмитат добиваат приоритетен пристап до јавните услуги. Познато е дека во секоја коруптивна трансакција на пари и моќ, највисоката цена ја плаќаат сиромашните и ранливите, кои немаат пари за поткуп, ниту моќ за да се оддолжат со услуга. Со други зборови, корупцијата го жртвува општото добро за личниот интерес и за интересот на елитите.

Нееднаквоста од своја страна ја продлабочува недовербата на граѓаните во институциите. Најголем дел од поединците влегуваат во коруптивни шеми не само затоа што не мислат дека прават нешто нечесно и неморално, туку, и затоа што најчесто не гледаат друго решение. Нема поопасна состојба за една држава од чувството на граѓаните дека системот што треба да работи за нив, всушност, работи против нив.

Поради низа внатрешни и надворешни фактори, со децении сме заглавени во циклуси на раширена корупција, висока нееднаквост и ниска доверба, што меѓусебе само се засилуваат. Македонските граѓани, за жал, секојдневно ги чувствуваат ефектите од оваа надолна спирала. Сведочиме на сиромаштија, партизација на институциите, голема поларизација во општеството, недоволен економски раст и масовно иселување на младите. За последново, сите ги знаеме и причините и мотивите: кога младите и квалитетни кадри ќе престанат да веруваат дека можат да напредуваат врз основа на своето знаење, тие заминуваат онаму каде што само тоа е критериум за работен ангажман.

Сево ова зборува дека долго време ги потценувавме негативните ефекти од корупцијата, а напорите кои ги вложуваме за нејзино сузбивање беа повеќе реторика, а, помалку акција. Затоа, денес наместо општество со еднакви шанси за сите, имаме општество во кои некои се поеднакви од другите.

Сепак, дека не е се така црно, најдобра потврда ни дава последниот извештај на Транспарентност Интернешнл во кој Македонија направи огромен скок од 24 места на ранг листата која го мери индексот на корупција.

А, вечерва сме собрани за да ја изразиме нашата поддршка на една од клучните институции чија цел е да се бори против корупцијата како закана за стабилноста на државата и просперитетот на граѓаните, за подобра сегашност и иднина.

Почитувани присутни,

Изминативе неколку години сме охрабрени од проактивноста на Државната комисија за спречување на корупцијата, особено по донесувањето на новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси и на Националната стратегија.

Изминативе години, Комисијата адресираше повеќе случаи на непотизам, кронизам и политичко влијание при вработувањето во државната и јавна администрација и при именувањето на членови на надзорни и управни одбори. Беа отворени и неколку предмети против актуелни функционери што се немаше случено долги години.

Со својата професионалност, неутралност и гласност, што е јасно констатирано и во годишните извештаи на Европската комисија, Државната комисија покажува дека борбата против корупцијата не е изгубена и дека не смее да биде изгубена за доброто на секој од нас. И дека како држава имаме потенцијал да ги спроведеме клучните реформи и да изградиме праведно и просперитетно општество.

Меѓутоа, за да бидеме доследни во таа борба, препораките и забелешките на Државната комисија не смеат да бидат игнорирани. Во секој единечен случај, институциите мора да го отстранат и најмалиот сомнеж, ако постои, за злоупотреба на позицијата, за евентуални партиски влијанија или однапред договорени огласи и тендери.

Ценети присутни,

Комисијата мора да добие целосна политичка и институционална поддршка од сите државни органи за да продолжи, без компромиси, да отвора предмети и јавно да бара и да добива, информации за крупни коруптивни случаи. Се разбира, треба да ги земеме во предвид и да ги имплементираме и препораките на ГРЕКО и Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија по области.

Во тој контекст, започнатите преговори за членство во Европската унија значат дополнителен мотив за суштински реформи. Европската интеграција има уникатен потенцијал да биде катализатор за доаѓање до далеку подобри параметри во областа на владеење на правото и борбата против корупцијата. При тоа, иако товарот на обврските лежи најмногу врз нас, очекуваме проактивна улога и на Европската Унија во овој процес.

Сакам посебно да потенцирам дека реалната борба против корупцијата не е задача само на една институција и таа не треба да трае само во еден мандат. Борбата против корупцијата е перманентна обврска за секоја институција, за секоја од трите гранки на власта, се разбира, најмногу за владеачката коалиција, но и за опозицијата, и на централно и на локално ниво.

Само по тој пат ќе стигнеме до општество засновано на највисоки етички вредности и до политички лидери со личен интегритет и образ, кои на своите граѓани ќе им гарантираат еднаков пристап до правдата и ќе изградат одговорни и транспарентни институции што ги почитуваат и штитат човековите слободи и права.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Посета на ученици од ООУ „7 Марси“ и ООУ „Љубен Лапе” во рамки на Отворен Кабинет

Посета на ученици од ООУ „7 Марси“ и ООУ „Љубен Лапе” во рамки на Отворен Кабинет

Ученици од ООУ„7 Марси“ од Липково и од ООУ „Љубен Лапе" од Скопје, во рамки на активноста Отворен Кабинет, денеска се сретнаа и поразговараа со претседателот Пендаровски за неговата работа, за претседателските надлежности и активности. [gallery...

Ѓоргиевска: Мора системски, институционално да се искорени дискриминацијата и задскриената маргинализација

Ѓоргиевска: Мора системски, институционално да се искорени дискриминацијата и задскриената маргинализација

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на завршната регионална конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ – Гласно и храбро ги поместуваме границите“. Конференцијата е во...

Активности на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска со сопругата на австрискиот претседател, Дорис Шмидауер

Активности на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска со сопругата на австрискиот претседател, Дорис Шмидауер

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска заедно со Дорис Шмидауер, сопруга на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван Дер Белен коишто престојуваат во официјална посета на Република Северна Македонија, денеска во Канцеларијата на...

Претседателите Пендаровски и Ван дер Белен се обратија на Македонско-австрискиот економски форум

Претседателите Пендаровски и Ван дер Белен се обратија на Македонско-австрискиот економски форум

Претседателот Стево Пендаровски и претседателот Александер Ван дер Белен, во рамки на официјалната посета на австрискиот претседател на Република Северна Македонија, денеска се обратија на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу...

Претседателот Пендаровски и претседателот Ван дер Белен положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“

Претседателот Пендаровски и претседателот Ван дер Белен положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“

Во рамки на официјалната посета на сојузниот претседател на Република Австрија на Република Северна Македонија, претседателот Стево Пендаровски и претседателот Александер Ван дер Белен положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св....