Обраќање на претседателот Пендаровски на презентацијата на проекциите на населението во Република Северна Македонија до 2070 година на ДЗС

15 декември 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на презентацијата на проекциите на населението во Република Северна Македонија до 2070 година, изработена од Државниот завод за статистика, што се одржа во Собранието.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека населението забрзано старее, а државата забрзано се празни. Според изготвените проекции до 2070 година населението би се намалило за дури 35%, односно, од сегашните 1.8 на одвај 1.2 милиони жители.
Претседателот Пендаровски изрази уверување дека проектираната демографска иднина не мора да стане наша неизбежна судбина, истакнувајќи дека само благодарение на ваквите професионално изработени проекции и анализи, можеме да носиме правилни одлуки и долгорочни политики засновани врз реални факти.

Според претседателот Пендаровски, единствен начин за да го намалиме иселувањето, да ги зголемиме повратните миграции и да го поттикнеме наталитетот е ако изградиме демографски отпорно општество. Тоа, според претседателот, подразбира да создаваме општество во кое луѓето ќе сакаат да живеат и да формираат семејства.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани присутни,

Би сакал да му се заблагодарам на Државниот завод за статистика за поканата да ви се обратам на оваа презентација на проекцијата на населението до 2070 година.

Демографијата е судбина е реченица која му се припишува на францускиот социолог Огист Конт кој меѓу првите образлагал за тоа како популациските трендови и дистрибуцијата на населението можат да ја одредат судбината на една држава.

Позагрижувачки од тоа да имате неповолни демографски трендови е да не бидете свесни за тоа. Целта на пописот и на проекцијата на населението е да нѐ соочат со демографската реалност и да ни дадат појасна претстава за тоа каква би била демографската иднина на Македонија.

За жал, ние како држава цела деценија го одлагавме спроведувањето на пописот поради една типична балканска перцепција, според која пописите не се доживуваат како статистичка операција, што во суштина се, во целиот демократски свет, туку како политички или, поточно речено, како етно-политички проект.

Кога конечно во 2021 година најдовме политичка волја да се преброиме, реков дека резултатите ќе нѐ соочат со нашите најголеми стравови. При тоа не мислев на стравовите од другите, различните од нас, туку стравови за тоа колку всушност малку нѐ има во нашата држава. Резултатите го потврдија она што го тврдам со години дека најголемата закана за нашата национална безбедност и, воопшто, за иднината на Северна Македонија е демографијата.

Населението забрзано старее, а државата забрзано се празни. Ние веќе ги достигнавме демографските проекции на Обединетите Нации кои тие ги предвидуваа за нас за 2030 година. Врз основа на пописот, Државниот завод за статистика ги изготви проекциите, според кои, до 2070 година населението би се намалило за дури 35%, односно, од сегашните 1.8 на одвај 1.2 милиони жители.

Од трите клучни демографски двигатели – наталитетот, морталитетот и миграцијата, најзагрижувачки е третиот. Барем засега, намалувањето на населението многу повеќе се должи на високата стапка на иселување, отколку на ниската стапка на наталитет. Светскиот извештај за миграција за 2020 година ја вбројува Северна Македонија меѓу 20-те држави со највисока стапка на иселување.

Според предвидувањата на експертите се очекува оваа тенденција да продолжи. Со намалувањето на бројот на работоспособно население ќе се зголемува товарот врз здравствениот, социјалниот и пензискиот систем. Во болниците сѐ помалку здравствени работници ќе треба да се грижат за сѐ повеќе пациенти. Ќе се намалува бројот на деца во градинките, на ученици и студенти во училиштата и на факултетите. Понудата на пазарот на трудот ќе се намалува, а економијата ќе стагнира. Освен, ако не успееме навреме да ги сопреме овие трендови.

Според многумина, еден од најголемите двигатели на иселувањето е корупцијата. Штетните ефекти на корупцијата ги среќаваме во секоја сфера – зголемена сиромаштија и социјалната неправда, загаден воздух, бетонизацијата на зелените површини, подпросечните резултати во образованието, одложена правда, поделби во македонското општество. Сето тоа заедно создава амбиент на бесперспективност и безнадежност кај многу наши сограѓани. Евидентно е дека сѐ повеќе луѓе си заминуваат не толку поради висината на платата, туку поради (не)квалитетот на животот.

Ценети присутни,

Верувам дека проектираната демографска иднина не мора да стане наша неизбежна судбина. Целта на овие проекции не е да нѐ втурне во апатија, туку да нѐ отрезни. Само благодарение на ваквите професионално изработени проекции и анализи, можеме да носиме правилни одлуки и долгорочни политики засновани врз реални факти.

Како да го постигнеме ова? Единствен начин за да го намалиме иселувањето, да ги зголемиме повратните миграции и да го поттикнеме наталитетот е ако изградиме демографски отпорно општество. Тоа подразбира да создаваме општество во кое луѓето ќе сакаат да живеат и да формираат семејства.

Добрата вест е што не почнуваме од нула. Ја имаме усвоено Стратешката рамка за развој “МКД 2030” која идентификува четири развојни приоритети: забрзан економски развој, повисока заштита на животната средина и реформа на енергетската политика, дигитализација и, последно, и најважно, образование, млади и инклузивен раст. Врз овие четири области треба да се фокусира државата, со цел, подобар живот на граѓаните до крајот на оваа деценија.

Сето ова ќе ни помогне да го димензионираме македонското образование според реалните потреби на пазарот на трудот, а, здравствените и социјалните политики според потребите на населението.

Заедно со Националната развојна стратегија 2021-2041, овие два документи треба да им помогнат на носителите на одлуки во изградбата на инклузивно и праведно општество во кое, наместо етничката припадност или партиската книшка, знаењето, вештините, професионалноста и интегритетот на личноста, ќе бидат пресудни за успехот.

Истовремено, мора да водиме фронтална борба против корупцијата за да имаме функционална правна држава со владеење на правото како нејзин фундамент. Тоа е важно за преговорите за членство во Европската Унија, но, уште поважно за нашите граѓани. Ако сакаме македонските граѓани да не се иселуваат во Европската Унија, европските вредности треба да ги имплементираме тука, кај нас.

Само така ќе успееме да ги намалиме миграциите, да го поттикнеме наталитетот и да го развиваме воопшто човечкиот капитал.

Да завршам, ако демографијата е судбина, тогаш само од нас зависи дали таа судбина ќе биде црна или просперитетна.

Благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателот Пендаровски ја посети компанијата ,,Везе Шари” и општина Пласница

Претседателот Пендаровски ја посети компанијата ,,Везе Шари” и општина Пласница

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“ денеска во селото Требош, Општина Желино ја посети компанијата „Везе шари“. За време на посетата, претседателот Пендаровски беше запознаен со тековната работа на компанијата, која...

Изјава на претседателот Пендаровски на денешната прес-конференција

Изјава на претседателот Пендаровски на денешната прес-конференција

Претседателот Стево Пендаровски денеска одржа прес-конференција. Во продолжение е интегралниот текст на изјавата на претседателот Пендаровски. Почитувани медиуми, Почитувани граѓани, Благодарам за вашето присуство. Повод за...

Претседателот Пендаровски присуствуваше на завршниот настан „Иднината почнува дома“

Претседателот Пендаровски присуствуваше на завршниот настан „Иднината почнува дома“

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер присуствуваше на завршниот настан „Иднината почнува дома“, на којшто беа доделени признанија на триесет и двајцата номинирани личности, кои со нивната индивидуална ангажираност придонеле како двигатели на позитивни промени во...

Отворен Кабинет за претставници на Mладински клуб на Турците и ученици од ООУ „Браќа Миладиновци“

Отворен Кабинет за претставници на Mладински клуб на Турците и ученици од ООУ „Браќа Миладиновци“

Кабинетот на претседателот, денеска го посетија претставници на Mладински клуб на Турците и ученици од ООУ „Браќа Миладиновци“ од Аеродром, Скопје, во рамки на активноста Отворен Кабинет. [gallery...

Обраќање на сопругата на претседателот на панел дискусија по повод Денот на ретките болести

Обраќање на сопругата на претседателот на панел дискусија по повод Денот на ретките болести

  Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на панел дискусија посветена на Денот на ретките болести во организација на Националната алијанса за ретки болести на Македонија – НАБРМ.   [gallery...