Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Брисел учествуваше на Самитот за проширувањето на Европската Унија, во организација на „Јуроњуз“(Euronews).
Сиљановска-Давкова потсети на мислењето на Бадинтеровата комисија од 1992 година, со кое беше утврдено дека Словенија и Македонија ги исполнуваат условите за меѓународно признавање, особено во поглед на уставното уредување и заштитата на човековите и малцинските права.
Според неа, по повеќе од три децении, прашањето зошто едната држава е членка на Европската Унија, а другата сè уште чека на својата европска перспектива, упатува на отсуството на политичка волја кај одредени соседи.
Осврнувајќи се на уставните измени, претседателката рече дека во 2018 година, со Преспанскиот договор, државата го промени уставното име, при што на граѓаните им беше претставено дека станува збор за последната пречка на патот кон европската интеграција.
Таа истакна дека повторното барање за промена на Уставот, досега менуван 36 пати, најчесто под надворешен притисок, не може да го гарантира, оти одлуката е во надлежност на Собранието, додека нејзиниот легитимитет извира од граѓаните.
За Сиљановска-Давкова, Европската Унија не е само политичка и бирократска машинерија, туку заедница на вредности и принципи. Повикувајќи се на одредбите од основачките документи на ЕУ коишто се однесуваат на почитување на националниот и културниот идентитет, таа рече дека различноста е една од темелните вредности на европското единство.
Надоврзувајќи се на претходниот говорник, хрватскиот премиер Пленковиќ, таа потсети дека македонската држава очекува еднаков третман со другите земји кандидатки, заснован врз примена на истите правила и стандарди.
Таа очекува рамноправно вклучување во подготвителните активности за пристапните преговори и можност за напредување согласно исполнетите услови.
Претседателката се осврна и на потребата од суштински дијалог меѓу Европската Унија и земјите кандидатки, во кој и двете страни ќе имаат можност да ги изнесат своите аргументи.
Според неа, политичката волја не може постојано да се очекува само од земјите кандидати, туку треба да се покаже и од страна на Унијата, особено во изнаоѓањето креативни решенија за надминување на долгогодишниот застој.
Како можност за придвижување на процесот, Сиљановска-Давкова гледа во постепената интеграција, преку пристап до единствениот пазар, комитолошките механизми, дигитализацијата и другите европски политики.
Претседателката истакна дека државата има целосна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија, а како кредибилна членка на НАТО има јасна евроатлантска определба.
Во однос на реформите, таа оцени дека постојат капацитети за напредок во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата, но дека нивното спроведување бара внатрешна политичка волја, а и поттик од Европската Унија.
Говорејќи за односите со Бугарија, Сиљановска-Давкова потсети на досегашните средби со бугарските претседатели и владини претставници, истакнувајќи дека ќе продолжи да се залага за дијалог.
Самитот беше посветен на следната фаза од проширувањето, напредокот на земјите кандидатки и реформите, како и на институционалните предизвици пред земјите аспиранти и Европската Унија.






