Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствуваше и се обрати на церемонијата на откривање на спомен плоча на Факултетот за електротехника и информациски технологии, во чест на исклучителното достигнување на македонската наука со иновацијата – „Прво управување на робот со помош на сигнали од мозокот, 1988“.
Плочата е признание од Институтот на електро и електронички инженери (IEEE), за научни дострели препознати како пресвртница во светската наука.
Во продолжение е интегралниот текст на обраќањето на претседателот Пендаровски.
Почитувани домаќини на настанот,
Почитувани членови на Институтот за инженери по електротехника,
Почитувани гости,
Дами и господа,
Почестен сум да бидам денес со вас на еден навистина исклучителен настан од огромно значење за македонското инженерство, но, и воопшто за македонската наука и општество, во целина. Во рамките на програмата Milestone, на најголемата светска организација на технички професионалци, Институтот за инженери по електротехника која е чадор организација за повеќе од 420.000 професионалци од 190 земји во светот, препознаена е една македонска иновација како особена за човештвото.
Станува збор за истражување на Електротехничкиот факултет, во далечната 1988 година, именувано како Прва контрола на робот со мозочни бранови во светот. Истражувањето било предводено од проф. Стево Божиновски, поранешен професор на ФЕИТ, сега професор на универзитетот во Јужна Каролина во САД. Во чест на овој настан од денес во просториите на ФЕИТ ќе имаме плоча која ќе потсетува на ова значајно истражување и достигнување, и, се разбира, ќе биде и мотивација и инспирација за сите сегашни и идни македонски инженери.
Во оваа прилика дозволете да искажам благодарност до Историскиот комитет на Институтот за инженери по електротехника што меѓу досега околу 200 најзначајни настани, вброи и истражување случено во македонска институција од наши инженери, што е несомнено големо признание. Во овој контекст би сакал да го споменам и учинокот на македонската секција на ИЕЕЕ, која минатата година прослави голем јубилеј, 25 години од своето основање. Ги охрабрувам членовите на секцијата и понатаму посветено да продолжат со активности преку кои ги промовираат стручните достигнувања на нејзините членови и оддели и секако да продолжат со обидите за унапредување на технологиите кои значат развој и напредок на човештвото.
Драги пријатели,
Инженерите се движечката сила во секоја држава, тие придонесуваат за благосостојбата и напредокот на општествата. Нашата земја не може да биде исклучок од овие глобални трендови кои го диктираат развојот на националните економии, но, за тоа е потребно соодветно вреднување и многу поголема поддршка на инженерските струки и нивна популаризација меѓу младите.
Предуслов за тоа се координирани и перманентни активности и содржини. Како покровител на еден особено значаен настан кој несомнено придонесува во оваа насока – доделувањето на инженерските прстени на најуспешните студенти од различните инженерски дисциплини, годинава одбележавме 20 години постоење, можам да посведочам дека поседуваме исклучително квалитетен инженерски подмладок.
Дел од нив се тука, во предавалните и лабораториите на ФЕИТ. Манифестациите како Инженерски прстен и Milestone програмата даваат огромен придонес за развојот на инженерството и се мотивација и поткрепа за сите идни инженери, сегашни студенти. И моето присуство денес меѓу вас е со цел, уште еднаш, да ја нагласам мојата недвосмислена поддршка на Институтот за инженери по електротехника и нивната Milestone програма.
Поставувањето на плоча на ФЕИТ како една од нашите најрепрезентативни високообразовни институции е признание за постигнувањата на нашите инженери кои далеку ги надминуваат националните граници и претставуваат добробит за целото човештво.
Нека ова биде инспирација за сите студенти, за сите професори, за сите идни инженери да создаваат и да придонесуваат за градењето на модерен и технолошки напреден свет, но, свет создаден по мерка на човекот и поставен врз највисоки етички норми и стандарди.
Ви благодарам.