Претседателот Стево Пендаровски заедно со сопругата Елизабета Ѓоргиевска присуствуваа на одбележувањето на 65-годишнината од постоењето на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина ,,13 Ноември “- Скопје.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека за да ја исполни својата вистинска улога, македонскиот систем за социјална и здравствена заштита треба да учи од добрите примери и практики, а за тоа не треба да одиме подалеку од специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“.
„Јадрото на болницата сте вие, докторите, медицинските сестри и техничари, негуватели, лаборанти, физиотерапевти, социјални работници и другите вработени посветени на својата работа, кои имате јасна слика за вашата улога во животот на пациентите. Со вашиот професионализам и пожртвуваност, вие сте чувари на добробитта на пациентите и нивните семејства, а со тоа и на репутацијата на оваа здравствена установа градена со години“, нагласи претседателот Пендаровски.
ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина ,,13 Ноември “- Скопје е единствена јавна здравствена установа во Република Северна Македонија која работи во полето на геријатриската и палијативната грижа. Установата има за цел да ја следи состојбата, да проучува, евалуира, известува и планира проекцијата на идните здравствени потреби и функционалните онеспособености на старите лица во институција и надвор од институцијата.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Почитувани присутни,
Чест ми е да ве поздравам на овој ден на кој го празнуваме ослободувањето на Скопје, но и го одбележуваме 65-годишниот јубилеј од основањето на специјализираната болница „13 Ноември“.
Основната функција на оваа болница е да им помогне на неколку исклучително ранливи категории, а тоа се старите и изнемоштени лица, и пациентите на коишто им е неопходна интензивна нега и палијативна грижа. Односот кон најранливите е вистинското мерило за карактерот на едно општество. Но, оваа важна задача е сѐ поголем предизвик за македонскиот здравствен систем, и тоа поради неколку причини.
Прво, нашето население старее и бројот на возрасни лица на кои им е неопходна помош се зголемува. Второ, поради иселувањето, бројот на квалитетни, професионални здравствени работници се намалува. Сѐ поголемиот товар на системот паѓа врз сѐ помал број здравствени работници кои се соочуваат со синдромот на преоптовареност, или прегорување. Трето, акумулираните системски недоследности и злоупотреби ја намалија довербата на граѓаните во здравството.
Највисоката цена ја плаќаат најранливите наши сограѓани кои, наместо да бидат третирани како личности со свое достоинство, се перципираат како товар за системот. Дури во јавноста се наметнува и прашањето дали ние се соочуваме со тивка дискриминација кон постарите лица. Како воопшто да се грижиме за старите и изнемоштени лица во времиња што ја форсираат младоста само заради возраста?
За да ја исполни својата вистинска улога, македонскиот систем за социјална и здравствена заштита треба да учи од добрите примери и практики. А за тоа не треба да одиме подалеку од специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“. Јадрото на болницата сте вие, докторите, медицинските сестри и техничари, негуватели, лаборанти, физиотерапевти, социјални работници и другите вработени посветени на својата работа, кои имате јасна слика за вашата улога во животот на пациентите. Со вашиот професионализам и пожртвуваност, вие сте чувари на добробитта на пациентите и нивните семејства, а со тоа и на репутацијата на оваа здравствена установа градена со години.
Верувам дека таквите резултати не се случајни и дека вие, всушност, ги почитувате и се водите според вредностите во кои верувале двете најмаркантни хуманитарки на 20-от век чии имиња ги носат домот за стари лица во Злокуќани и хосписите за палијативна нега во Скопје и во Битола.
Првата е нашата сограѓанка, Мајка Тереза, позната како мајка на милосрдието која верувала дека „најголемата болест на денешницата … е чувството дека сте непосакувани, незгрижени и напуштени од сите“ и дека најдобриот лек е љубовта изразена преку добри и хумани дела.
Втората е нејзината современичка, британката Сју Рајдер која го посветила својот живот на ранливите категории откако видела многу луѓе кои биле буквално заборавени при обновата на Европа по Втората светска војна.
Мајка Тереза и Сју Рајдер дејствувале во различни делови на светот и во различен социјален контекст. Првата се соочувала со неправедниот кастински систем што ги истиснувал сиромашните и болните на маргините на индискиот подконтинент. Втората, пак, се борела со последиците од тоталитарните идеологии и режими во Европа што ја идеализирале младоста и силата, а ги дехуманизирале болните, слабите и старите.
Но, независно од разликите, Мајка Тереза и Сју Рајдер имале една иста, заедничка мисија. Наместо да очајуваат поради потребите за помош и нега на огромен број на луѓе, секоја од нив била фокусирана да им помогне на конкретни индивидуи. Сју Рајдер велела „направи сѐ што можеш за личноста што е пред тебе“, а, многу сличен е ставот и верувањето на мајка Тереза која велеше „никогаш не се грижи за бројките. Помагај им на луѓето, еден по еден, и секогаш започни со личноста која е најблиску до тебе“.
Двете нѐ потсетуваат дека пациентите се многу повеќе од нивната болест. Дека старите и изнемоштени лица се многу повеќе од нивната слабост и од потребата за нега. Тие се личности со вродено достоинство и неотуѓива вредност коишто заслужуваат хуман однос и грижа. Тие се нечии родители, баби, дедовци, роднини кои поради потребата од интензивна нега или палијативна грижа му се доверени на здравствениот систем, а должност на системот е да им даде здравствена заштита без притоа да ги третира како товар или статистика.
Водени од нивната длабока вера во Бога, но и љубов кон луѓето, овие две маркантни жени создадоа многу повеќе од институции. Како и нивната претходничка Флоренс Најтингејл и нивниот современик Алберт Швајцер, тие инспирираа цело движење на луѓе посветени на негата кон најранливите членови на општеството. И сето тоа го постигнаа во далеку потешки услови од оние во кои се наоѓа македонското здравство денес. Со своите примери тие покажаа дека и во скромни услови може да им се даде достоинствена грижа на болните, старите и изнемоштени лица.
Низ годините, болницата „13 Ноември“ ги усвои овие благородни вредности и затоа денес може да биде пример за многу јавни и приватни установи за тоа како треба да се грижат за своите пациенти. Токму поради тоа, државата, заедно со добротворните организации, треба да продолжат да вложуваат во нејзиниот кадар и во материјално-техничката опременост на оваа болница.
Се разбира, болницата „13 Ноември“ не е изолиран остров затоа што на дневна основа соработува со некои од најважните здравствени установи во Македонија во надминување на предизвиците со кои се соочуваат. Поради огромното искуство и професионалниот кадар, „13 Ноември“ е институција која има увид во реалните здравствени потреби на македонското општество за геријатриска и палијативна грижа.
Имено, поради тој факт, болницата „13 Ноември“ не смее да биде заобиколена при изработката на стратегиите и политиките што треба да ја вратат грижата за здравјето и за животот на пациентот во центарот на македонскиот здравствен систем.
На крај, честитајќи ви го овој голем јубилеј – 65 години од основањето, во името на сите поранешни, сегашни и идни пациенти и на нивните најблиски, ви благодарам за сѐ што правите за доброто здравје на сите нас.