Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на свеченото отворање на академската 2023/2024 година на Меѓународниот Балкански Универзитет во Скопје.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Почитувани студенти,
Почитувани професори,
Дами и господа,
Меѓународниот Балкански Универзитет во Скопје, од своето основање во 2006-та година, до денес, 17 години во континуитет, бележи нагорна линија во својот развој, со постојано зголемување на бројот на факултети, истражувачки центри и студиски програми што им ги нуди на своите студенти. Во таа насока, за нивото и релевантноста на универзитетот, во рамките на нашиот образовен систем, придонесува и ангажманот на респектибилниот број на ангажиран наставно-научен кадар од различни профили.
Според мене, посебна додадена вредност на оваа институција е што наставата се одвива на повеќе јазици, затоа што сум длабоко убеден дека еден мултиетнички и мултикултурен амбиент подобро ги подготвува студентите за светот кој е глобализиран, особено во научно- истражувачкиот сегмент.
Почитувани,
Ќе ми дозволите да кажам неколку збора и за новиот Стоматолошко едукативен здравствен центар кој според своите капацитети е најголем не само кај нас, туку и во целиот регион. Најпрво, сакам да им честитам на оние кои ја одбрале стоматологијата како наука која сакаат да ја изучуваат, затоа што тоа зборува за нивната хуманост и желба да им помагаат на луѓето. Тоа е комплексна наука, бара многу труд и напори за да навлезете во сите нејзини професионални тајни, но, на крајот, сатисфакцијата е најголема кога ќе ги видите лицата на луѓето на кои сте им помогнале.
За ова ви зборувам од лично искуство затоа што имам доктор по стоматолошки науки во фамилијата.
Стоматологијата е исклучително динамична област кое постојано се развива со напредокот на материјалите и технолошките процедури, а преку отварањето на еден ваков современ центар студентите ќе имаат можност да ги изучуваат и применуваат најновите техничко-технолошки достигнувања на тој план.
Почитувани студенти,
Како човек кој пред 40 години поминал низ студентските амфитеатри, можам да ви кажам дека пред вас се најубавите години од животот, кога ќе учите,но, и ќе се дружите меѓу себе. Секој од вас до крајот на животот ќе ги памети најтешките предмети, најдобрите професори, но, и сите убави работи, се разбира и оние помалку убави, кои се случуваат само кога сте млади.
Мојот совет е да не ги разбирате испитите и студирањето само како обврска која треба што побрзо и полесно да ја завршите. Трудете се да стекнете што повеќе знаења за утре да бидете конкурентни не само на домашниот пазар на трудот, туку било каде во Европа и светот. Вашето знаење, заедно со младешката енергија и ентузијазам кои ги носите во себе се апсолутно неопходни за развојот на нашата заедничка држава во светот кој станува се поконкурентен.
Почитувани професори,
Како човек кој долги години бил дел од оваа професија, и повторно ќе биде, и кој потекнува од семејство на учители, исклучително ве почитувам и целосно сум свесен за вашата критична улога во образовниот процес. Знам што значи темелно да се подготвуваш за часовите, а, потоа, да поминеш низ, веројатно, најтешкиот дел – да го пренесеш знаењето на студентите, да им помогнеш да го остварат својот потенцијал и да ги реализираат своите визии.
Меѓутоа, никогаш не сум мислел дека е доволно само да го пренесете знаењето на овие млади луѓе. Многу е битно да им понудите вредности и морална вертикала која ќе биде стожер на нивниот личен и професионален интегритет. Од најстари времиња е познато дека да бидеш некому учител во животот е најблагородната, но, истовремено и најтешката задача. Меѓутоа, јас сум длабоко убеден дека вие имате и капацитет и мотивација да им помогнете на овие млади луѓе да се остварат и на професионален и на личен план.
Дозволете на самиот крај, на сите да ви посакам добро здравје, среќа и успех, а на студентите во сите години, студии исполнети со интересни содржини и стекнување на нови знаења и вештини кои од вас ќе направат подобри луѓе.
Ви посакувам успешна академска година!
Başarılar dilerim!
Ju uroj suksese!
Good luck!
Со среќа!