Обраќање на претседателот Пендаровски на чествувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката во Пелинце

2 август 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски, денеска по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката беше покровител на чествувањето на државниот празник во Пелинце.

Претседателот Пендаровски положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, имаше свое обраќање и ја посети спомен собата во Меморијалниот центар. Во рамки на чествувањето настапи Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија.

Во продолжение е интегралниот текст на говорот на претседателот Пендаровски.

Почитувани мои сонародници,

Денес, на ден Илинден, недалеку од овде, во манастирот Св. Прохор Пчински, ќе положиме цвеќе пред спомен-плочата посветена на првото државотворно заседание на АСНОМ.

Историските извори сведочат дека во свечено украсената манастирска просторија, пред многубројните делегати биле истакнати портретите на Тито, Сталин, Рузвелт, Черчил и на Гоце Делчев. На една од паролите во салата било запишано: „Слава на Гоце Делчев, првоборецот на македонската народна ослободителна борба“. Отворајќи го заседанието, стариот илинденец Панко Брашнаров во својот говор спомнал само една личност, а тоа е Гоце Делчев. И Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ зборува за борбата „запоена со духот на Делчев“ и завршува со повикот: „Дигнете го уште повисоко знамето на Делчев! Гответе се за последните удари на фашистичкиот окупатор! Гответе се за ослободуение на Македонија!“

Иако живеел само 31 година, а неговата револуционерна дејност траела помалку од деценија, тој успеал да му влее верба на народот дека само со сопствени сили и добро подготвено востание ќе може да се ослободи. Делчев ги обедини двата врвни идеали на секоја млада генерација, а тоа се политичката слобода и социјалната правда.

Делчев вистински му припаѓа на оној народ кој ќе го оствари неговиот завет, а неговиот завет бил слободна македонска држава. Затоа, тој и беше симболичен сведок на државотворниот АСНОМ каде што делегатите ја формираа слободната македонска држава со неговата слика пред очите.

Три четвртини од делегатите на АСНОМ биле помлади од 40 години. Речиси половина делегати биле помлади од 30 години. Просечната возраст во свечената манастирска сала била 31 година, точно толку колку што живеел и Делчев. Нашите народни херои, на почетокот на НОБ во 1941-та биле со просечна возраст од само 21 година. Затоа и ветеранот Брашнаров ѝ се обратил на „младата македонска војска“, а Манифестот на АСНОМ им посветил цело поглавје на младите, велејќи дека низ борбата се создава „поарна младинска иднина“ и дека на младите останува да ги спроведат решенијата на АСНОМ и да ја изградат слободна Македонија.

Оваа врска меѓу младоста и борбеноста најдобро ја опиша големиот македонски поет Ацо Шопов, кој евоцирајќи спомени за своето учество во НОБ како 20-годишник, рече: „борбата … беше единствената можност да се најде смисла на животот, единствен начин да се сочува младоста, поточно да се даде младост на младоста“.

И навистина, водени од прогресивни републикански и демократски идеали, младите беа вистинските двигатели на двата Илиндена. Младите први се кренаа во борба против фашизмот и станаа најборбеното јадро на народноослободителната војска. Крсте Мисирков на 29 години ја објави студијата „За македонцките работи“. Кочо Рацин ја напиша „Бели Мугри“ на 31 година. Младите девојки Роса Плавева и Накие Бајрам во 1908-та ги организираа првите демонстрации за рамноправност на жените. Самиот АСНОМ беше, пред сè, заседание на младите. Во вистинска смисла на зборот, ние денес имаме слободна македонска држава благодарение на младата антифашистичка генерација.

Драги сограѓани,

Сето ова потврдува дека младите се клучни за каква било општествена трансформација, од народни востанија и револуции, па сè до креирање политики и спроведување реформи. Во речиси секој подвиг кај нас, од борба за човекови права, преку солидарност кон ранливите, па сè до еколошкиот активизам, се вклучени млади луѓе. Но, за нивниот критичен глас да доведе до општествена промена, младите мора да бидат и критична маса во општеството. Наместо тоа, денес, младите се загрозено малцинство. Уделот на младите луѓе во вкупното население опадна од 28% во 1970 на само 16% во 2021 година. Ние, за жал, веќе ги достигнавме демографските проекции на Обединетите нации за 2030 година.

Со сегашното темпо на иселување, постои реална опасност многу брзо да ја достигнеме критичната демографска точка по која нема враќање. Доколку веднаш не му се застане на патот на овој опасен тренд и истиот не се успори со посветени политики и конкретна, во пракса реализирана стратегија за младите, нас нè очекува многу полоша иднина од онаа која во моментов ја антиципираме.

Сите ја знаеме причината за овој егзодус. Успешните млади луѓе кои си заминуваат во туѓина, најпрво се чувствуваат отуѓени во сопствената држава. Од независноста наваму, наместо активни партнери во трансформација на општеството, младите се маргинализирани и сведени на пасивни приматели на политиките. Младинската енергија е често злоупотребувана за тесно партиски цели и интереси. Не случајно, секој втор млад човек не верува дека неговиот или нејзиниот глас на избори ќе донесе вистинска промена. Сè помалку млади луѓе веруваат дека со личен труд можат кариерно да напредуваат и да придонесуваат за општото добро и јавниот интерес, затоа што партиската книшка, роднинските врски или етничката припадност се често поважни од знаењето и квалитетот.

Со тоа се отвора широка врата за корупцијата, а секоја коруптивна трансакција на пари и моќ воспоставува двојни стандарди, ја поништува еднаквоста пред законите, ја руши довербата во институциите и конечно, ја обезвреднува државата. Како најголем генератор на неправда и нееднаквост, корупцијата е една од главните причини за масовното иселување на младите. Иселувањето не е ништо друго освен конечен протест на младите генерации.

Почитувани сограѓани,

Од АСНОМ па до денес, се потврдува една вистина: тешко е да се дојде до слободна држава, но уште потешко е да се изгради и одржи слободно и праведно општество. Додека првото е дело на една генерација, второто станува обврска на сите наредни поколенија. Вистинската слобода зависи од владеење на правото и социјалната правда, од поредок во кој правата на едните нема да бидат на сметка на правата на другите.

Затоа ни се потребни европски реформи. Најбрз и најсигурен начин за суштински реформи, без бирократски импровизации и партиски и бизнис-махинации се преговорите за членство во Европската Унија. Европската интеграција е незаменлив катализатор за длабока трансформација на секоја општествена сфера. Интеграцијата ќе ни помогне да изградиме функционална правна држава со независен и ефикасен судски систем како предуслов за економски раст и одржлив развој. Преговорите ќе ни помогнат да ја направиме корупцијата помалку општествено прифатлива, а културата на неказнивост да ја замениме со култура на одговорност и личен, морален интегритет.

При тоа, треба да ни е јасно дека добра алтернатива за европските реформи – не постои! Надворешните пречки не смеат да бидат алиби за забавување на реформите. Напротив, мора да го мобилизираме секој сегмент од општеството во искоренување на корупцијата, непотизмот и криминалот. Уште поважно, токму европските реформи ќе ни помогнат да го оствариме нашиот витален национален интерес, а тој е, да ги мотивираме младите да останат во државата и да се вклучат во изградбата на европска Македонија.

Затоа, без одлагање да ги надминеме разликите, да се сплотиме околу итно почнување на преговорите, во спротивно ќе го изгубиме виталниот дел од општеството.

На што ќе бидат сведени нашите животи без убавината, идеализмот, спонтаноста и енергијата на младите? Како ќе се постигне општествена мобилизација околу важните прашања без ентузијазмот, храброста и активизмот на младите? Кој ќе изразува револт против општествените, социјалните неправди? Кој ќе биде двигател на дигиталната трансформација? Кој ќе се вклучи во „културниот натпревар меѓу народите“?

Драги сограѓани,

Делчев со право бил против избрзано востание што ќе доведе до големо крвопролевање. Тој не се залагал само за слобода на македонската земја, туку и за слобода и на македонскиот народ, бидејќи не сакал земја без народ. Ако поради преурането востание, младата илинденска генерација беше безмалку десеткувана, денес, поради задоцнети европски реформи постои опасност нашата млада генерација да биде раселена.

Затоа, денес, на ден Илинден, сеќавајќи се на трите македонски републики – Крушевската од 1903-та, АСНОМ-ската од 1944 и независната од 1991 година, треба да бидеме свесни дека само од нас зависи дали четвртата македонска република ќе биде европска или емигрантска.

За век и векови да го славиме, честит Илинден на сите Македонци и македонски граѓани!

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во посета на Кабинетот на Претседателот

Студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во посета на Кабинетот на Претседателот

Кабинетот на Претседателот, денеска го посетија студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. За време на престојот во Кабинетот се сретнаа со претседателот Пендаровски и...

Одбележување на 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членови на делегацијата

Одбележување на 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членови на делегацијата

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата во авионската несреќа во Босна и Херцеговина, денеска положи венец со свежо цвеќе на гробот на претседателот Борис...

Претседателот Пендаровски се обрати на конференцијата „Украина – две години хероизам”

Претседателот Пендаровски се обрати на конференцијата „Украина – две години хероизам”

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Украина – две години хероизам“ организирана од Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија во соработка со невладината организација ЦИВИЛ – Центар за слобода, а која се одржа по повод 2...

Одбележување на 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата

Одбележување на 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата

Претседателот Стево Пендаровски, утре, 26 февруари 2024 година, понеделник, во 12:00 часот ќе положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата, по повод одбележувањето на 20-годишнината од нивното загинување во...

Средба на претседателот Пендаровски со ректорката на УКИМ проф. д-р Билјана Ангелова

Средба на претседателот Пендаровски со ректорката на УКИМ проф. д-р Билјана Ангелова

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими ректорката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Билјана Ангелова и проректорот за финансии, инвестиции и развој проф. д-р Лазо Пендовски. На средбата претседателот Пендаровски беше информиран за...