Интервју на претседателот Стево Пендаровски за „Азија Тајмс“

20 април 2022 | Интервјуа

Господине претседател, како земја членка на НАТО, Северна Македонија го изрази своето противење и осуда на руската инвазија на Украина. Дали сте за вклучување на НАТО за одвраќање на Русија од натамошна агресија или верувате дека тоа ќе предизвика зголемена нестабилност? Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го повикува НАТО да воведе зона на забранети летови над Украина за да ги зголеми трошоците за воената ескалација на Владимир Путин. Дали сметате дека безбедносната алијанса треба да размисли за такво нешто?

Неиспровоцираната и неоправдана воена агресија на Русија против Украина ја врати војната во Европа и сериозно го крши меѓународното право и начелата на Повелбата на ОН, поткопувајќи ја европската и глобалната безбедност и стабилност. Северна Македонија, најновата членка на Алијансата, целосно ги поддржува напорите на НАТО за брз одговор и распоредување на војници на територијата на нашите сојузници, за зајакнување на безбедноста на источното крило на Алијансата и ние придонесуваме во овие напори со нашите капацитети. Ова е прашање на нашата колективна безбедност и прашање на европскиот мир и одржување на меѓународниот поредок. Во исто време, сојузниците се обединети и во обезбедувањето поддршка на Украина, како поддршка на правото на самоодбрана. Исто така, сојузниците се обединети кога станува збор за тоа дека НАТО не треба да распоредува сили на теренот или во воздушниот простор на Украина. Треба да дадеме се од себе за најпрво да ја запреме руската воена инвазија за да осигураме дека војната нема да ескалира надвор од Украина.

Вашата земја постојано беше провоцирана од страна на Русија пред приемот во НАТО во 2020 година, а руските власти дури се заканија дека во случај на евентуално воено разгорување, Северна Македонија ќе биде „легитимна цел“. Сега кога јасно застанавте зад Украина и понудивте поддршка, дали сте загрижени дека руската агресија може да се прошири и на вашите граници?

Ние сме гласни во нашата поддршка за правото на Украина да го брани својот територијален интегритет, суверенитет и независност во рамките на нејзините меѓународно признати граници, како и правото на самоопределување – исклучително важно идентитетско прашање и за нас, цврсто уверени дека тоа е од огромно значење да се поддржи која било земја во светот да го зачува своето основно право на самоодбрана, слобода и демократија. Поминаа две години откако Северна Македонија влезе во НАТО и докажавме дека сме високо ценет сојузник, кој промовира безбедност, стабилност и напредок во регионот на Западен Балкан. Сега сме дел од системот за воздухопловно патролирање на НАТО. Борбени авиони од Грција патролираат на нашето небо. Ова е солидарност на НАТО во пракса. Сојузниците стојат заедно за да се заштитат и бранат едни со други. НАТО е посветен на мирно решавање на споровите. Ако дипломатските напори не се успешни, Алијансата има воена моќ да преземе операции за управување со кризи. Тие се спроведуваат според клаузулата за колективна одбрана од основачкиот договор на НАТО – член 5 од Вашингтонскиот договор или под мандатот на Обединетите нации, сами или во соработка со други земји и меѓународни организации.

Владата на Северна Македонија започна со подготовки за прием на украински бегалци кои бегаат од војната во својата земја. Колку бегалци примивте досега? Дали сте убедени дека ги одржувате ресурсите за сместување на масовен прилив, ако има таков, имајќи предвид дека веќе се обврзавте да примите 750 авганистански бегалци, по преземањето на Кабул од страна на талибанците?

Има помал број на украински државјани пристигнати во Северна Македонија кои бараат засолниште. Бројката е над 500 лица, кои се поврзани со нашата земја поради семејни роднини или пријатели. Постои меѓуагенциска соработка на нашите институции кои се подготвуваат да бараат поддршка за украинските државјани кои бегаат од својата матична земја.

Претседателот на Украина во неодамнешните изјави рече дека Украина мора да признае дека нема да влезе во НАТО. Во февруари, портпаролот на претседателот Зеленски изјави дека пристапувањето во алијансата е приоритет. Ваквата декларација за неутралност е можеби нешто што Русија го бараше толку долго, и сега се чини дека Украина ја прави отстапката што Кремљ се залагаше да ја издејствува. Дали сметате дека ова е смирување наспроти руската агресија или неопходен дипломатски пресврт што ќе спречи натамошно крвопролевање и насилство во Источна Европа?

Останува на Украинците сами да одлучат за својата иднина, на светот е да признае дека независна и суверена Украина е од суштинско значење за глобалната безбедност. Историјата нè научи дека смирувањето може да поттикне натамошна агресија. Дијалогот и дипломатијата мора да надвладеат. Дипломатски излез е единствениот прифатлив пат за решавање на конфликтот на начин на кој ќе се осигура дека актуелните спорови за суштинските прашања се решаваат со преговори а не со војна.

Вашата земја е кандидат за членство во Европската унија, а Украина, соочена со огромната руска агресија, исто така поднесе брза апликација за пристап во ЕУ. Дали сметате дека членството во ЕУ ќе ја зајакне безбедноста на Украина и ќе ја заштити од идна агресија на Русија? Имајќи предвид дека проширувањето на ЕУ има противници, како што е францускиот претседател Емануел Макрон, кој верува дека треба да се реформира договорот пред секоја идна епизода на проширување, дали очекувате дека обидот на Украина ќе биде успешен?

Северна Македонија е еклатантен пример дека патот за членство во ЕУ е тежок. Не постои начин да се скрати робусниот процес на пристапување. Во нашиот случај, сè уште е неоправдано долготраен, имајќи предвид дека не сме ни започнале со преговори. На последниот самит на ЕУ во Версај, лидерите ги потврдија европските аспирации и европскиот избор на Украина, како што е наведено во Договорот за асоцијација. На 28 февруари 2022 година, искористувајќи го правото на Украина да ја избере сопствената судбина, претседателот на Украина ја поднесе апликацијата на Украина за членство во Европската унија. Советот дејствуваше брзо и ја покани Комисијата да го достави своето мислење за оваа апликација во согласност со релевантните одредби од Договорите, кои ја утврдуваат постапката за пристапување кон блокот. Но, договорите поставуваат и многу други работи – вклучувајќи ги критериумите за членство и фактот дека земјите можат да се приклучат кон ЕУ само со едногласна согласност на сите постоечки членки.

Русија не е еден од главните трговски партнери на Северна Македонија, но сепак бевте поканети од Русија да се приклучите на Евроазиската економска унија уште во 2019 година, а меѓу европските нации, Северна Македонија најмногу зависи од руски природен гас, увезувајќи ја речиси целата своја потрошувачка на гас од Русија. Сепак, вие се приклучивте на САД и ЕУ кои воведоа санкции против Русија. Дали овие казнени мерки ќе и наштетат на економијата на Северна Македонија?

Северна Македонија никогаш не добила покана да биде дел од Евроазиската економска унија. Во однос на санкциите, како  членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ, логичен чекор беше да ја прифатиме заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и пакетот санкции на Унијата, вклучително и пакетот мерки од 2014-та година. Северна Македонија е мала земја и сме мали потрошувачи на природен гас, во споредба со другиот дел од Европа. Можеби нема да се соочиме со сериозна криза, но исто така точно е и дека немаме друга алтернатива во однос на снабдување со гас.

Очекувано е дека новонастанатата ситуација нема да влијае поволно на нашата економија, ниту на македонско-руските економски односи.

Да ја оставиме украинската криза на страна, би сакал да разговарам со вас за кандидатурата на Северна Македонија за членство во ЕУ. Една од најзначајните пречки за интеграција на земјата во ЕУ беше отстранета кога Грција го повлече својот приговор по решавањето на спорот за името во 2019 година. Сега, Бугарија го попречува патот и одби да ја одобри преговарачката рамка на Унијата за Вашата земја. Дали верувате дека можете дипломатски да ја ангажирате Бугарија за да го реши спорот и да го „поплочи“ патот за пристапување во ЕУ? Кои би можеле да бидат други можни пречки?

Искрено се надевам дека доколку успееме да ја надминеме блокадата од Бугарија, нема да имаме други пречки на патот кон ЕУ.  Сé останатото, би било повеќе неодржливо на долг рок и очајно за нашите граѓани. Актуелните случувања во Украина и најновите геополитички трендови во меѓународните односи, како никогаш досега, укажуваат на потребата од целосно интегрирање на регионот во ЕУ. Во моментов се соочуваме со растечки еврсоксптицизам и негативни тенденции во регионот на Западен Балкан. Доколку за брзо време,  европските институции не изнајдат модалитет за деблокада на македонскиот евроинтеграциски процес, сериозно ќе се доведе во прашање политиката на проширување и кредибилноста на Европската унија во целост.

За жал, македонско – бугарскиот спор е ирационален и парадоксален. Ние сме во нерамноправна положба, бидејќи сме надвор од „клубот“, и клучно за нас во овие преговори е да се почитува принципот на еднаквост меѓу двете страни. Членството во ЕУ е наша стратешка цел, за кое немаме друга алтернатива. Оттука, имаме силна политичка волја да го продолжиме дијалогот со Бугарија, и да изнајдеме конечен компромис, кој нема да го загрози македонскиот идентитет. Друго решение, освен да продолжиме да преговараме во духот на добрососедството, нема.

Северна Македонија и Грција беа заплеткани во 27-годишен спор што ја засени стабилноста на Балканот и ги затегна вашите односи со клучниот сосед. Сега кога спорот е решен, какви се перспективите за соработка со Грција во рамките на НАТО и Советот на Европа, каде што двете земји членуваат? Дали ќе се потпрете на Грција како главен трговски партнер?

Грција е, и била, еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија и сега и претходно. Сиве овие изминати години, додека траеше билатералниот спор, релациите меѓу двете бизнис заедници не прекинаа. Факт е дека Преспанскиот договор што успеавме да го постигнеме по повеќе од  две децении преговори, беше тежок чекор за двете држави, но го постигнавме во интерес на нашата заедничка иднина. Она што потоа стана реалност за нас е членството во НАТО, каде што сме формални сојузници. Посветени  сме на промовирање и одбрана на заедничките вредности, во функција на стабилноста и просперитетот на регионот и на целата евроатлантска зона. Денес, Грција е поддржувач и на европската перспектива на Северна Македонија. Во однос на економската соработка, Грција е петти најголем трговски партнер за македонската економија и седми најголем извозен пазар за македонските производи. Статистиката покажува дека во изминатите пет години далеку повеќе се зголемувал увозот од Грција, наспроти малиот раст на извозот, но голем удел во ваквите трендови има и пандемијата на Ковид-19.  Во доменот на економијата, енергетските и инфраструктурни проекти и натаму остануваат на врвот на нашите приоритети. Во доменот на политиката, преку јакнење на регионалната соработка да придонесеме за стабилен, безбеден и просперитетен регион.

Во 2013 година, Северна Македонија се приклучи на иницијативата „Појас и пат“ на кинеската влада. Северна Македонија беше првата земја од платформата за соработка 17+1 која капитализираше од кредитната линија од 10 милијарди американски долари наменета за инфраструктурни проекти. Кои се инфраструктурните иницијативи што очекувате да ги спроведе Кина како дел од оваа иницијатива? Како вклучувањето во оваа амбициозна кинеска шема ќе ја поттикне националната економија?

Односите меѓу Северна Македонија и Кина се развиваат во духот на пријателство, меѓусебно разбирање и почитување подолг период. Составна компонента на односите е процесот 16+1. Навистина, Северна Македонија беше првата земја што потпиша конкретен договор за користење финансиски средства за инфраструктурни проекти. Меѓутоа, во реалноста, Северна Македонија сè уште нема значајна корист од иницијативата 16+1. Во однос на вклученоста во оваа иницијатива, нашата земја првично беше рангирана на осмото и класифицирана како „амбициозна“ земја, а потоа падна на тринаесеттото место.

Изградбата на двата автопати преку кинескиот државен проект Синохидро, финансиран од кредитна линија од 10 милијарди американски долари обезбедена од Кина, беше планирана како еден од клучните проекти на иницијативата 16+1. Сепак, се чинеше дека проектот не е успешен поради внатрешните домашни контроверзии и не беа предложени други значајни иницијативи.

Затоа, сметам дека соработката во рамките на 16+1 треба да биде насочена кон конкретни проекти и да има конкретни резултати, особено во делот на економската и трговската размена и капиталните инфраструктурни проекти. За да има вистински напредок и зголемена соработка, треба да се овозможи слободна трговија, без административни оптоварувања, натамошно отворање на кинескиот пазар за производи од ЦИЕ, фер конкуренција, еднаков третман на компаниите од ЦИЕ на кинеските пазари, почитување на принципите на реципроцитет и взаемна корист, почитувајќи ги мултилатералните трговски правила на СТО, во согласност со прописите, политиките, вредностите и принципите на ЕУ.

 Дали вашата влада има долгорочна визија за посилни партнерства со земјите од Блискиот Исток, каде што дипломатскиот удел на вашата влада се чини дека е слаб? На пример, дали има планови за отворање амбасади во Иран, Саудиска Арабија, Кувајт, Јордан и други големи држави во регионот со кои не сте соработувале тесно? Дали Северна Македонија е подготвена да има корист од зголемената трговија со овие нации, кои се значително богати во однос на природните ресурси и енергетските резерви?

Република Северна Македонија, како мала земја, практикува политика на отвореност кон сите, и кон истокот и кон западот. Отсекогаш сме биле подготвени да градиме односи и да развиваме соработка со сите добронамерни земји во светот. Со државите кои ги споменавте Северна Македонија има воспоставено дипломатски односи, но за жал немаме интензивен и активен политички дијалог и размена на посети, што од друга страна е предуслов за продлабочување на билатералната соработка. Оттука, потребни се обострани напори за да се трасира тој пат, да се унапреди договорната рамка и да се создадат услови за искористување на економските потенцијали и трговска размена. Што се однесува до отворањето на дипломатски претставништва, тоа не зависи само од нашата политичка волја, туку пред се и од нашите капацитети и ресурси.

https://asiatimes.com/2022/04/north-macedonias-pendarovski-bravely-blasts-at-russia/

 

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...