Доделено признанието „Инженерски прстен 2023“ на 12 најуспешни дипломирани инженери

5 јуни 2023 | Обраќања, Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги врачи инженерските прстени на 12 најуспешни дипломирани студенти од македонските факултети што негуваат инженерски дисциплини. Манифестацијата „Инженерски прстен“, која традиционално е под покровителство на претседателот на државата, а во организација на Инженерската институција на Македонија и на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, се одржа во претседателскиот Кабинет.

Претседателот Пендаровски во обраќањето на 20. јубилејна церемонија на „Инженерски прстен“ нагласи дека оваа манифестација во континуитет ја симболизира посветеноста на генерации млади луѓе кон инженерската професија и претставува потсетник за обврската да не се отстапува од високите професионални и етички стандарди на струката. Упатувајќи честитки до годинешните добитници, Претседателот истакна дека од нив зависат идниот развој и напредок на македонското општество и посочи на одговорно користење на знаењата и на вештините за општо добро. Тој ги охрабри младите инженери да се вклучат во глобалниот натпревар на идеи и решенија што можат да придонесат за поодржлив раст и развој за Северна Македонија, за регионот и за Европа.

Добитници на признанието „Инженерски прстен 2023“ се:

  • Елена Настеска – Архитектонски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,
  • Димитар Гошев – Градежен факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,
  • Моника Шаревска – Машински факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,
  • Вероника Стојановска – Технолошко-металуршки факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,
  • Бојан Софрониески – Факултет за електротехника и информациски технологии, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,
  • Симона Цветковска – Факултет за земјоделски науки и храна, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,
  • Милена Трајаноска – Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,
  • Ники Петрески – Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,
  • Ева Ристова – Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,
  • Антонио Андоновски – Природно математички факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје,
  • Ана Михаиловска – Факултет за природни и технички науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип,
  • Сара Петковска – Технички факултет Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Почитувани добитници на признанието „Инженерски прстен“,

Ценети декани и професори,

Драги пријатели,

Пред точно 20 години, на иницијатива на Инженерската институција на Македонија, а под покровителство на претседателот на државата, започнавме да го доделуваме признанието „Инженерски прстен“ за најдобрите дипломирани студенти од областа на инженерските науки. Оттогаш до денес, овој „Инженерски прстен“ во континуитет ја симболизира посветеноста на генерации млади луѓе кон инженерската професија.

Во оваа прилика ќе ми дозволите да споделам со вас неколку аспекти што, според мене, во себе ги содржи ова признание.

Прво, признанието има за цел да ве мотивира да се стремите кон извонредност. Императив во животот е постојано да се надградувате, да ги унапредувате своите технички знаења и дигитални вештини, да ги ширите вашите видици. Трудете се да размислувате интердисциплинарно бидејќи најголемите научни, технички и технолошки пробиви се случуваат кога ќе излезете од комфорната зона на вашата потесна струка и ќе се соочите со идеите и концептите на различните дисциплини.

Второ, за да бидете успешни во новите комплесни, динамични и софистицирани услови креирани од дигиталната револуција, вие не можете да се потпрете само на знаењето и на технологијата. Неопходен е и нов начин на работа и за вас и за компаниите за кои ќе работите или кои можеби самите ќе ги основате. Затоа е нужно, час поскоро да се вклучите во иновациските екосистеми за многу полесно да го најдете вашето место во Индустријата 4.0.

Трето, признанието создава обврска. Инженерскиот прстен е потсетник за вашата обврска да не отстапувате од високите професионални и етички стандарди на струката. Инженерски еквивалент на Хипократовата заклетва е таканаречената Архимедова заклетва, што подразбира одговорно користење на знаењата и на вештините за општото добро, водејќи сметка, меѓу другото и за квалитетот на животот на луѓето и за заштита на животната средина.

Не случајно денешнава 20. јубилејна церемонија се совпаѓа со Светскиот ден на животната средина. Инженерите имаат клучна улога во изнаоѓањето на одржливи технолошки решенија за климатските промени и за заштитата на животната околина. Успесите што многу наши млади луѓе ги постигнуваат на меѓународните натпревари и конкурси сведочат дека македонската инженерска заедница не заостанува зад колегите од странство. Затоа, ве охрабрувам да се вклучите во глобалниот натпревар на идеи и решенија што можат да придонесат за поодржлив раст и развој за Северна Македонија, за регионот и за Европа.

Четврто, признанието сведочи и за должноста на нашата држава да се грижи за вас, да го следи вашиот кариерен напредок и да ги поддржува вашите професионални потфати. Државните институции, заедно со академската заедница и со бизнис-секторот мора да продолжат да вложуваат во вас, бидејќи од вас зависат идниот развој и напредок на македонското општество. Само така ќе станеме подобро место за живеење во кое македонските граѓани ќе имаат шанса да ги реализираат своите потенцијали дома, а не во странство.

На самиот крај, изразувам благодарност на Инженерската институција на Македонија и на професорите кои се посветени на вашиот развој, а вам, на годинешните добитници, ви честитам за признанието и ви посакувам многу успех на секој план.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Денеска Кабинетот на Претседателот, во рамки на активноста Отворен Кабинет, го посетија ученици од шесто одделение при ООУ „Григор Прличев“ од Скопје. За време на посетата, учениците беа запознаeни со историјатот на објектот во...

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ организирана по повод Меѓународниот ден за еднакви плати. Говорејќи за значајноста на зајакнувањето на економската сигурност на жените во...

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Викендов во Кавадарци се одржа третиот модул на Школата за политики за 2023 година, при Претседателскиот центар за политичко образование. Третиот модул на Школата го отворија д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за...

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на затворањето на 44. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Во своето обраќање, претседателот Пендаровски кој е...

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети црквата „Св. Ѓорѓија“ во с.Курбиново кадешто се одвива првата фаза од проектот за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во ентериерот на црквата којашто е ставена под заштита како културно-историски...