Обраќање на претседателот Пендаровски на конференцијата на ИЗИИС – Градиме издржливост

25 јули 2023 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – Градиме издржливост, којашто ИЗИИС ја организира по повод 60- годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

Потенцирајќи дека на 26 јули 1963 година останаа затрупани 1070 биографии, претседателот Пендаровски рече дека разорната моќ на земјотресот, засекогаш го промени лицето на градот. Оттука, подвлече тој, обновата на Скопје значеше не само изградба на објекти и инфраструктура, но и подигнување на стандардите за градба. Токму за таа цел, во 1965 година беше и формиран Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

Почитувани присутни,

Одбележувањето на 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје е можност, да се присетиме, пред сѐ, на сите наши сограѓани кои трагично ги изгубија своите животи. Под урнатините на градот тоа 26-то јулско утро во 1963, останаа затрупани 1070 биографии, радости, дилеми, планови за иднината. Девастирачката елементарна непогода ги одзеде животите на наши роднини, наши пријатели и другари, наши соседи, наши најмили.

Над 3000 наши сограѓани беа повредени, а, неколку стотина поради сериозноста на повредите се здобија со траен инвалидитет. Земјотресот сруши многу домови, згради, јавни објекти, беше оштетена без малку целата инфраструктура, едноставно, природната стихија со својата разорна моќ го промени лицето на нашиот град, засекогаш. И по шест децении, живи се сеќавањата на омилените места, на познатите маала, на паднатите објекти – белези на градот. Ние, преживеаните од земјотресот, го паметиме нашето детство и Скопје на нашата младост кое остана да живее само на црно белите фотографии, во филмовите, во историските записи и во нашите спомени.

Освен темните мемории, оваа годишнина е можност да се потсетиме и на фактот дека Скопје по земјотресот стана глобално познат како град на солидарноста, место каде што човештвото наспроти идеолошките разлики се обедини со цел да помогне нашиот главен град да се врати во живот. За неверојатниот изблик на хуманост и помош која пристигна буквално од сите меридијани на светот сведочат и имињата на објекти и улици во Скопје кои и денес ги носат имињата на нашите добротвори, а меѓу нив беа и држави, градови и истакнати личности кои ни подадоа рака кога ни беше најтешко.

Обновата на Скопје значеше не само изградба на објекти и инфраструктура, но и подигнување на стандардите за градба. За таа цел, во 1965 година беше и формиран Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (на почетокот наречен, Институт за општа и инженерска сеизмологија), со задача да ја надгледува реконструкцијата, да помогне во обновата на градот и да обезбеди континуирани истражувања на полето на сеизмологијата и земјотресното инженерство.

Во децениите кои се зад нас, ИЗИИС прерасна во респектибилна институција која овозможува обука на професионалци – градежни инженери, архитекти и планери на највисоко ниво, со цел, унапредување на планирањето и проектирањето со примена на најсовремени техники, методи и процедури. Денес, брендот на ИЗИИС е препознаен и потврден во стручната јавност не само кај нас, и не само во поширокиот регион, туку и во глобални рамки.

Почитувани,

Сакам да истакнам една работа и тоа не затоа што денеска се наоѓам во просторите на ИЗИИС, туку затоа што ниту еден објективен проследувач на состојбите во оваа област не би можел да ја минимизира или релативизира улогата и придонесот на Институтот во реконструкцијата и обновата на Скопје. Се разбира, за поздравување се и вашите активности по повод одбележувањето на шест децении од земјотресот, при што, особено значајни за сензибилизирање на пошироката јавност се интерактивните едукативни работилници за збогатување на знаењата, зајакнување на свеста и зголемување на подготвеноста на децата и младите кои ги одржавте во повеќе основни и средни училишта во главниот град.

Почитувани,

Вие во ИЗИИС знаете подобро од мене и од сите нас, не само затоа што го имаме трагичното искуство од 1963-та, дека живееме во држава и во регион кои се означени како трусни подрачја, каде што идни потреси со слична магнитуда не се исклучени. Во меѓувреме, најмногу заради вашиот ангажман и истражувачка работа, воспоставивме високи стандарди за асеизмичко градење и по ниту една цена не смееме да дозволиме тоа што со децении го создавате да биде девалвирано. Стручната експертиза и професионалните стандарди мораат да бидат остро спротивставени при секој обид на било кој политички, бизнис фактор или деловен интерес да бидат заобиколени воспоставените правила и критериуми при изведбата на објектите. Се разбира, потребен е и ваш натамошен, континуиран ангажман и за подобрување и надградување на стандардите со следење на најновите светски трендови и иновации во областа.

Клучот за просперитетна и безбедна држава е вложување во научно – образовните и истражувачки институции како што е ИЗИИС. Со тоа, освен придонес за подобрување на условите за живот на нашите граѓани, го штитиме и најскапоценото што го имаме – животите на луѓето.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Денеска Кабинетот на Претседателот, во рамки на активноста Отворен Кабинет, го посетија ученици од шесто одделение при ООУ „Григор Прличев“ од Скопје. За време на посетата, учениците беа запознаeни со историјатот на објектот во...

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ организирана по повод Меѓународниот ден за еднакви плати. Говорејќи за значајноста на зајакнувањето на економската сигурност на жените во...

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Викендов во Кавадарци се одржа третиот модул на Школата за политики за 2023 година, при Претседателскиот центар за политичко образование. Третиот модул на Школата го отворија д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за...

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на затворањето на 44. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Во своето обраќање, претседателот Пендаровски кој е...

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети црквата „Св. Ѓорѓија“ во с.Курбиново кадешто се одвива првата фаза од проектот за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во ентериерот на црквата којашто е ставена под заштита како културно-историски...