Претседателот Стево Пендаровски денеска го посети кампот на Сојузот на извидници на Македонија и се обрати на отворањето на 13. извидничка смотра, што под негово покровителство годинава се одржува во Крушево.
Почитувани извидници,
Почитувани учесници и организатори,
Имам особена чест и задоволство да бидам покровител на 13-тата извидничка смотра на Сојузот на извидници на Македонија, една од најстарите и најреспектабилни младински организации кај нас. Имајќи предвид дека Сојузот годинава прославува голем јубилеј – 70 години постоење, би сакал да ви честитам и јавно да ја изразам мојата поддршка за вашите активности.
Користејќи ги извидничките знаења, вештини и искуства, вие промовирате активизам и здрав живот кај младите. Вашите програми помагаат за интелектуален, психички, социјален и емотивен развој кај луѓето на млада возраст. Како една од невладините организации со бројно членство, вие придонесувате за квалитетно неформално образование, активно граѓанство и севкупен развој на заедницата.
Како дел од светската скаутска мрежа на околу 150 национални движења, посакувам и понатаму да ја остварувате својата мисија и достојно да ја претставувате нашата држава на меѓународните настани.
Токму и оваа 13-та смотра, освен настан од особено значење за Сојузот на извидници на Македонија, е значаен настан и во календарот на светската скаутска организација, за што сведочи и бројот на извидници, гости кои ни доаѓаат од различни страни на светот.
Драги пријатели.
Не се сомневам дека овој собир ќе придонесе за осмислување на времето на младите нудејќи можности за разонода, но и можности за учење и развој во рамките на неформалното образование. Во Крушево имате извонредни услови за вашиот престој и активности кои ќе придонесат за стекнување на нови знаења, искуства и вештини, секако и за многу дружење и забава.
Знам дека организирањето на ваков настан бара многу труд, енергија и посветеност. Затоа сакам да им оддадам големо признание на сите старешини, членови и волонтери на Сојузот на извидници на Македонија за подготовките на смотрата. Благодарност и до сите кои логистички и финансиски ја помагаат 13-та извидничка смотра.
Почитувани,
На крајот, дозволете да им честитам на сите учесници кои се дел од оваа смотра и од програмите на македонските извидници. Ви посакувам да имате дружења кои ќе ви останат во вашите сеќавања. Учење нови вештини и знаења, но, стекнувајте и градете и нови пријателства.
Имајќи предвид дека кампот е подготвен, и сите нестрпливо очекуваат смотрата да започне, би сакал и формално, да ја прогласам 13-тата извидничка смотра за отворена.
Ви благодарам.