Претседателот Стево Пендаровски преку видео порака се обрати пред учесниците и организаторите на 31. годишен светски состанок на Меѓународното здружение „Кенгур без граници“ што се одржува во Охрид, под покровителство на претседателот.
Почитувани учесници,
Почитувани организатори,
Драги пријатели,
Покровителството на 31-от годишен светски состанок на Меѓународното здружение „Кенгур без граници“ за мене претставува особена чест и големо задоволство. Бездруго станува збор за значаен настан кој претставува своевиден столб на активностите на „Кенгур без граници“ и кој заслужува должно внимание и почит. Со оглед на фактот дека поради претходно преземени обврски не сум во можност да бидам со вас во Охрид, ја користам оваа прилика да ви се обратам преку видео-порака.
За значењето на математиката како една од основните науки од која понатаму се развиваат и многу останати, нема потреба да зборуваме. Благодарение на вашите натпревари, вие досега на милиони деца низ светот им ја имате всадено љубовта кон математиката. Она што е додадена вредност на Кенгур-натпреварите е што покрај математичките знаења и вештини, тие ги развиваат и когнитивните способности на учесниците и го стимулираат нивното логичко размислување.
На тој начин, освен проширување на знаењата и всадување на афинитет кон решавањето на математички задачи, се придонесува и за оформување на мислечките процеси кај младите, а, се разбира, и за зајакнување на нивниот натпреварувачки дух.
Затоа ги заслужувате сите пофалби.
Драги пријатели,
Би сакал во ова видеообраќање да упатам искрени честитки до Сојузот на математичари на Македонија „Армаганка“, како претставник на нашата земја во „Кенгур без граници“, за посветената работа и за ангажманот околу организацијата на состанокот, но и за сите тековни активности поврзани со организацијата на Кенгур-натпреварите кај нас. Ви посакувам и понатаму мотивирано да работите и да постигнувате успеси со младите македонски математичари.
На крајот, дозволете, уште еднаш да посакам успешен настан, натамошен развој на „Кенгур без граници“ и, секако, пријатен престој во македонскиот бисер, Охрид.
Ви благодарам.