Обраќање на претседателот Стево Пендаровски на 50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

1 септември 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Охрид присуствуваше и се обрати на отворањето на јубилејната, 50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“.

Потенцирајќи дека во овие педесет години видни научници, слависти и македонисти од различни меридијани на светот заедно со домашните учесници оставија дела кои сведочат за богатството на македонскиот јазик, претседателот Пендаровски истакна дека голем дел од нив се посветени вљубеници во македонскиот јазик и промотори на македонската литература и култура.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани учесници на 50-тата Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура,
Почитувани организатори,
Почитувани гости,

Дозволете најпрво да ви посакам срдечно добредојде во најубавиот македонски град – Охрид и  да ви се заблагодарам на вашиот научен интерес за македонскиот јазик.  Можноста да се обратам на јубилејното педесетто издание на Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот Кирил и Методиј, за мене претставува особена чест и би сакал да го честитам овој, за сите нас, значаен јубилеј.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, годинава го има своето 56 издание, а Конференцијата, како негов составен дел, годинава ја заокружува петтата деценија од своето постоење. Во овој половина век, видни научници, слависти и македонисти од различни меридијани на светот, заедно со нашите домашни учесници оставија дела кои сведочат за богатството на македонскиот јазик. Најголемиот дел од нив, од вас, почитувани, се посветени вљубеници во македонскиот јазик и промотори на македонската литература и култура со години, за што најискрено ви благодарам и посакувам и понатаму посветено да продолжите да придонесувате во таа насока.

Во оваа прилика, неопходно е да истакнеме дека овој јубилеј се совпаѓа со две значајни годишнини, а, тоа се: 120- години од излегувањето на книгата „За македонцките работи“, на Мисирков како едно од најзначајните дела на нашата јазична, културна и воопшто национална историја, и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.

Впрочем, споменатите годишнини се и меѓу темите на конференција која започнува денес и од она што може да се види од програмата, тие побудуваат особен интерес кај учесниците, за што сум особено среќен како покровител на одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на македонскиот поетски великан Ацо Шопов која достојно се одбележува благодарение на државата и особено, на напорите кои ги прави неговото семејство преку фондацијата “Ацо Шопов – поезија”.

Драги пријатели,

Пред само неколку денови завршија Струшките вечери на поезијата и како што знаете, годинава, добитник на главната награда на оваа светска манифестација, на престижниот „Златен венец“ е македонскиот поет Влада Урошевиќ. По тој повод, деновиве, многумина од нас имавме прилика да поразговараме за неговото плодно творештво како поет, прозаист, преведувач, есеист, критичар, но и за достигнувањата и развојот на македонската литература од првите пројави на македонскиот стандарден литературен јазик до денес. Тоа се милиони и милиони страници литература како потврда на една висока естетика, но и доказ за виталноста на нашиот македонски јазик. Урошевиќ тоа убаво го сублимира, цитирам „Изминавме еден долг пат, и притоа докажавме дека имаме предиспозиции да се развиваме понатаму, дека македонскиот јазик е еден јазик кој може да се справи со најтешките задачи што книжевното творештво ги поставува пред него, и дека на планот на книжевните идеи имаме што да му кажеме на светот“.

А за актуелните негирања на македонскиот јазик, Влада Урошевиќ кратко и јасно вели “не треба да се впуштаме во полемики за македонскиот јазик, тоа според мене е губење време. Треба да ги оставиме нека зборуваат што сакаат, ние си ја знаеме својата вистина”, затворен цитат.

Впрочем, целокупниот опус на академик Влада Урошевиќ  е  пример за богатството на македонскиот јазик, на неговата лексичка ризница. При тоа, Урошевиќ кој самиот е дводомен автор, чиј мајчин јазик не е македонскиот, покажува како еден јазик може да се развива и да живее во книжевноста, во уметноста, во животот.

Оттука македонската литература е несомнено еден од главните стожери на  македонистиката и се разбира, при тоа, таа не е единствениот наш стожер. Благодарение на Меѓународната научна конференција и на Меѓународниот семинар, секоја година имаме потврда за спецификите и посебностите на македонскиот јазик, литература и култура.  Импозантната бројка на научници и дела, оставени во наследство од сите досегашни конференции се непроценливо богатство за нашата лингвистика и култура, воопшто за нашиот народ и држава.

Дозволете, на крајот, да ви посакам пријатен престој во Охрид и успешна работа на 50-тата Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Ви благодарам.


Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Денеска Кабинетот на Претседателот, во рамки на активноста Отворен Кабинет, го посетија ученици од шесто одделение при ООУ „Григор Прличев“ од Скопје. За време на посетата, учениците беа запознаeни со историјатот на објектот во...

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ организирана по повод Меѓународниот ден за еднакви плати. Говорејќи за значајноста на зајакнувањето на економската сигурност на жените во...

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Викендов во Кавадарци се одржа третиот модул на Школата за политики за 2023 година, при Претседателскиот центар за политичко образование. Третиот модул на Школата го отворија д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за...

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на затворањето на 44. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Во своето обраќање, претседателот Пендаровски кој е...

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети црквата „Св. Ѓорѓија“ во с.Курбиново кадешто се одвива првата фаза од проектот за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во ентериерот на црквата којашто е ставена под заштита како културно-историски...