Претседателот Пендаровски: Да градиме општество во кое и најранливите меѓу нас ќе ги уживаат човековите права и слободи

28 февруари 2023 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференција на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација насловена „Дали Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата“ што се одржа во Скопје. Оваа конференција е организирана во рамки на проектот „Борба против дискриминација преку поддршка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“ со поддршка на Британската амбасада Скопје, а имплементиран од Центарот за управување со промени.

Почитувани присутни,

Благодарам за поканата да се обратам на оваа конференција посветена на состојбата со системската дискриминација кај нас.

Годинава се навршуваат 75 години од донесувањето на Универзалната декларација за човекови права. Заедно со сродните конвенции и пактови, Универзалната декларација децидно стипулира дека сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Истовремено, овие документи се согласни дека една од најголемите закани за човековите права и слободи е токму – дискриминацијата.

Актуелниот Закон за спречување и заштита од дискриминација  утврдува механизми, мерки и активности за правна заштита и целосно е усогласен со легислативата на Европската Унија и меѓународните стандарди во оваа област. Меѓутоа, наша обврска, како земја која има аспирации да биде дел од меѓународните организиции на евро-атлантските демократии е да овозможиме ефикасно и неселективно спроведување на законот, како и што доликува на едно отворено и демократско општество.

Анкетата на Центарот за управување со промени и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација покажува дека ни е потребен значителен ангажман од сите надлежни чинители во општеството за подобрување на состојбите. Според истражувањето, најчести основи за дискриминација се политичката и етничката припадност, особено во областа на вработувањето, здравството и административните услуги. Посебно треба да не загрижува податокот дека над две третини од испитаниците воопшто не би поднеле претставка до државна институција во случај на дискриминација, пред се и најчесто поради недоверба во системот. Над 80% од анкетираните сметаат дека институциите не ги третираат еднакво сите граѓани. Притоа, најсиромашните, лицата со попреченост и припадниците на ромската заедница се меѓу најдискриминираните наши сограѓани.

Причините за дискриминацијата ги има повеќе, а ги знаеме и ги живеееме сиве овие години: од стереотипите и стравот од различните од нас, повеќедецениската партизација на институциите, етнизација на политиката и намалената доверба на граѓаните во државните структури, на локално и на централно ниво. За драстично редуцирање на системската дискриминација, неопходно е таа да биде адресирана од повеќе агли. Централна улога во овој процес има Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, којашто за нецели три години разгледа стотици претставки и донесе свои одлуки и мислења. Заедно со  Министерството за труд и социјална политика и Јавниот правобранител, Комисијата го чини јадрото на борбата со системската дискриминација, промовирајќи еднаквост и унапредување на човековите права, а преку тоа и елиминирање на сите видови на дискриминација. Во таа насока потребно е сите надлежни институции, вклучително и на прво место, политичките фактори, да ѝ дадат целосна поддршка на Комисијата да работи непречено и со полн капацитет.

Спречувањето и заштитата од дискриминација не е обврска само за Комисијата, туку и на секоја државна институција која треба да даде пример во таа насока. Институциите, особено правосудните органи, треба да придонесат кон овој потфат со тоа што ќе ги расчистат сите пријавени случаи за правдата да биде задоволена. Ги повикувам и граѓанските организации и активисти да бидат уште погласни и да укажуваат секогаш кога некоја од ранливите групи сограѓани се соочува со некаков вид на дискриминација. Се разбира, свој придонес треба да даде и бизнис секторот кој треба да ги сузбива случаите на дискриминација во нивната работа кога и да се појават.

Минатата година, Кабинетот на претседателот со Комисијата потпиша Меморандум за соработка, со цел, да ги координираме нашите активности за заштитата, и целосното и еднакво уживање на човековите права и слободи за сите граѓани на Северна Македонија. Во Рамката за развој МКД2030, еден од приоритетите е инклузивниот развој кој го стеснува просторот за дискриминација по било која основа и подразбира почитување на човековите права во сите сектори. Тоа значи системско вградување на меѓународните стандарди и норми, градење на подобра социјална кохезија, обезбедување на бесплатна правна помош за ранливите категории и развивање на функционални механизми за овозможување на родовата еднаквост во земјата.

Почитувани,

Сите ние се раѓаме слободни и еднакви со вродено човеково достоинство. Водени од принципите на правдата и правичноста да се стремиме да градиме општество во кое и најранливите меѓу нас ќе ги уживаат човековите права и слободи. Да живееме едни со други независно од нашите разлики, во фер општество и фер држава која ќе понуди еднакви можности за исполнет, среќен и достоинствен живот за секој од нас.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Отворен кабинет со деца од Детската градинка „8 Април“ и основци од скопските училишта „Димитар Македонски “, „Киро Глигоров“ и „Кузман Јосифовски-Питу“

Отворен кабинет со деца од Детската градинка „8 Април“ и основци од скопските училишта „Димитар Македонски “, „Киро Глигоров“ и „Кузман Јосифовски-Питу“

Во рамки на активноста Отворен кабинет, денеска Кабинетот на претседателот го посетија деца од Детската градинка „8 Април“ од Шуто Оризари и ученици од основните училишта „Димитар Македонски“ од Аеродром, „Киро Глигоров“ од Центар и „Кузман Јосифовски-Питу“ од Кисела...

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на ромски фондации

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на ромски фондации

  Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Ромската Фондација за Европа и Фондацијата Ромите за демократија Скопје. На средбата соговорниците го запознаа претседателот Пендаровски со планираните активности на...

Обраќање на претседателот Пендаровски на комеморативниот настан по повод 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата

Обраќање на претседателот Пендаровски на комеморативниот настан по повод 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер се обрати на комеморативниот настан по повод 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата, што се одржа во Националната опера и балет. На комеморативниот настан присуствуваа...

Студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во посета на Кабинетот на Претседателот

Студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во посета на Кабинетот на Претседателот

Кабинетот на Претседателот, денеска го посетија студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. За време на престојот во Кабинетот се сретнаа со претседателот Пендаровски и...

Одбележување на 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членови на делегацијата

Одбележување на 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членови на делегацијата

Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата во авионската несреќа во Босна и Херцеговина, денеска положи венец со свежо цвеќе на гробот на претседателот Борис...