Обраќање на претседателот Пендаровски на конференцијата „Стратегија за Роми, тек и следни чекори“

6 април 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Стратегија за Роми, тек и следни чекори“ којашто под негово покровителство се одржа во Скопје, а чија цел е преку дискусија да се идентификуваат напорите и заложбите на сите релевантни чинители кои се дел од имплементацијата на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 година, за текот и идните чекори кои целат кон остварување на мерливи и видливи резултати за унапредување на правата и квалитетот на живот на ромската заедница во Република Северна Македонија.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека иако во регионот Република Северна Македонија важи за држава која прави најголеми напори за унапредување на состојбата на Ромите, сепак, скромниот напредок во одредени приоритетни области, меѓу кои е образованието, не треба да не држи во комфорната зона, затоа што со години се провлекуваат истите проблеми.

„Токму ова беше причината зошто уште на почетокот на мојот мандат реков дека ја давам мојата целосна поддршка за градење на амбиент во кој сите креатори на политиките, заедно со граѓаните ќе покажат проактивност за решавањето на овие проблеми. Денес тука се присутни речиси сите релевантни чинители на овој воспоставен механизам на меѓусебна соработка и наша обврска е да понудиме конкретни решенија“, нагласи претседателот Пендаровски.

На настанот се обрати и шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, а беше презентирана и Стратегијата за Роми 2022-2030 од страна на Институтот за истражување и анализи РОМАЛИТИКО.

Во рамки на првата панел дискусија „Стратегија за Роми, тек и следни чекори“ се обратија министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, министерот за здравство, Фатмир Меџити, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и заменик министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи.

За интервенција на тема антициганизам, свое обраќање имаше Мустафа Јакупов, претставник на Известувачки и информативен центар за антициганизам од Германија.

На втората панел дискусија „Како институционалната поставеност во државата одговара на текот и следните чекори на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030“ се обратија претставници на институции и невладини организации, како и претставник на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани граѓани,
Ценети екселенции,
Почитувани претставници на институциите, меѓународните организации, невладиниот сектор, медиумите,
Почитувани присутни,

За да поттикнеме поголем општествен и економски развој, нужно е нашите стратешки приоритети да ги опфатат потребите и капацитетите на сите граѓани, гарантирајќи правични услови за развој на секоја индивидуа. Тоа ќе овозможи градење генерации кои ќе останат тука и со својот ум ќе придонесат за подобар квалитет на животот на сите, подеднакво.

Вклучувањето во европското семејство претпоставува создавање општество кое е на линија со вредностите на Европската Унија, а, тие се, меѓу другите, ги знаеме, демократија, човекови права, владеење на правото, функционална пазарна економија.

Ромската заедница и во историска и во актуелна перспектива е нераскинлив дел од нашиот мултикултурен мозаик. За жал, кога говориме за Ромите во последниве три децении, ние дискутираме за базичните проблеми на луѓето – проблем со пристапот до вода, до електрична енергија, соодветна инфраструктура, квалитетно образование и здравствени услуги, зборуваме за висока невработеност и за ограничен пристап до правдата. Загрижувачката состојба во којашто со децении се наоѓа поголемиот процент од ромската заедница укажа на потребата од усвојување и спроведување на таргетирани политики, со цел, надминување на таквиот статус. Соочени со сите овие проблеми, како држава воспоставувавме механизми со дефинирани цели за унапредување на положбата на ромската заедница. Зад нас имаме усвоено две стратегии за инклузија на Ромите во 2005 и во 2016 година, имаме донесено национални акциски планови, а минатата година е усвоена и новата Стратегија за инклузија на Ромите 2022–2030 година.

Реално, овие механизми дадоа скромни резултати бидејќи постојат многу структурни недостатоци кои влијаат на секојдневниот културен и општествен живот на ромската заедница. Извештаите на Европската комисија редовно укажуваат дека националните акциски планови не се реализираат во целост поради што е забележан само ограничен напредок. Или најновиот Годишен извештај за состојбата со човековите права за 2022 година на Стејт департментот на САД кој укажува дека не може да се остварат основните човекови права на Ромите кои не се евидентирани во матичните книги на родените. Потоа, постојат низа слабости поради исклученоста на ромските населби од генералниот и од деталните урбанистички планови на општините. Како предизвици се јавуваат и преминот од основно во средно образование, краткиот животен век на Ромите, стапката на смртност кај новороденчиња и ограничениот пристап до социјални и до здравствени услуги.

За жал, сѐ уште постои нетрпеливост кон различните од мнозинството во образовниот систем, при што се појавуваат примери на сегрегација во училиштата. Ромите сѐ уште немаат матична установа за промовирање и за негување на својата богата ромска култура. Жената Ромка трпи повеќекратна дискриминација и се соочува со родови бариери. Недостигот на учебници по изборниот предмет „Ромски јазик и култура“ објективно го ограничува правото на учениците Роми да го изучуваат овој предмет. Антициганизмот, како резултат на еден комплексен историски процес на насилство, стигма, говор на омраза и дискриминација, доведува до исклучување на ромската етничка заедница од развојните текови на општеството. Овие структурни неповолности како домино-ефект уназадуваат генерации, што влијае на севкупниот просперитет на таа заедница, но, и на просперитетот на целата држава.

Иако во нашиот регион, Северна Македонија важи за држава која прави најголеми напори за унапредување на состојбата на Ромите, сепак, скромниот напредок во одредени приоритетни области, меѓу кои е образованието, не треба да не држи во комфорната зона, затоа што со години се провлекуваат истите проблеми. Токму ова беше причината зошто уште на почетокот на мојот мандат реков дека ја давам мојата целосна поддршка за градење на амбиент во кој сите креатори на политиките, заедно со граѓаните ќе покажат проактивност за решавањето на овие проблеми. Денес тука се присутни речиси сите релевантни чинители на овој воспоставен механизам за меѓусебна соработка и наша обврска е да понудиме конкретни решенија.

Почитувани,

Потребно е да се соочиме со фактите и да ги преиспитаме досегашните практики кои покажале скромен резултат во унапредување на состојбата на ромската заедница. Од исклучителна важност е да се воспостави функционална меѓуинституционална координација, мониторинг и евалуација на активностите поврзани со остварување на целите на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 – 2030. Притоа, најзначајно е да се издвои буџет за политиките за Роми и да постои реална, а не декларативна политичка волја, за да постигнеме прогрес во унапредувањето на правата на ромската заедница и на нивниот квалитет на живот, а со тоа и севкупен просперитет на Република Северна Македонија.

Ние, политичарите, следејќи ги цивилизациските вредности, имаме обврска да создадеме еднаква шанса за просперитет на сите граѓани. Имаме уште многу работа во оваа област и затоа мојата поддршка за унапредување на состојбата на ромската заедница – останува. Во оваа прилика сакам јавно да се заблагодарам на сите вклучени страни во креирањето на новата Стратегија за инклузија на Ромите 2022 – 2030 година.

Ви посакувам успешна работа и разјаснување на дилемите за да имаме ориентиран и фокусиран тек за успешна реализација на целите на новата Стратегија за инклузија на Ромите 2022 – 2030 година.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Отворен Кабинет за основци од 3 скопски училишта и ученици – членови на здружението „Несил“ од Скопје

Отворен Кабинет за основци од 3 скопски училишта и ученици – членови на здружението „Несил“ од Скопје

Кабинетот на претседателот Пендаровски, во рамки на Отворен Кабинет денеска го посетија основци од училиштата „Мустафа Кемал Ататурк“, „Тихомир Милошевски”, „Гоце Делчев“, како и ученици – членови на здружението „Несил“ од Скопје, посветено на едукативни активности за...

Сопругата на претседателот со најмладите во рамки на фестивалот „Литера“

Сопругата на претседателот со најмладите во рамки на фестивалот „Литера“

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска учествуваше на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“ што се одржува во Музејот на град Скопје. Во рамки на настанот, г-ѓа...

Средба на претседателот Пендаровски со Ден Шехтман, добитник на Нобелова награда за хемија во 2011 година

Средба на претседателот Пендаровски со Ден Шехтман, добитник на Нобелова награда за хемија во 2011 година

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Ден Шехтман, добитникот на Нобелова награда за хемија во 2011 година, кој престојува во посета на нашата држава во организација на Македонската академија на науките и уметностите и Сојузот на хемичари и технолози на...

Средба на претседателот Пендаровски со американскиот сенатор Крис Марфи

Средба на претседателот Пендаровски со американскиот сенатор Крис Марфи

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими американскиот сенатор Крис Марфи. На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, за состојбите во поширокиот регион во контекст на руската агресија врз Украина, како и за аспирациите на...

Положување цвеќе по повод 24 Мај – Денот на Свети Кирил и Методиј

Положување цвеќе по повод 24 Мај – Денот на Свети Кирил и Методиј

Претставник од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, денеска положи свежо цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј на плоштадот во Охрид и...