Обраќање на претседателот Пендаровски на 15. конференција на началниците на Генералштабовите на армиите од балканските земји

16 јуни 2022 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на 15. конференција на началниците на Генералштабовите на армиите од балканските земји, што денеска се одржува во Охрид.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани началници на генералштаб,
Генерале Ѓурчиновски,
Ценети екселенции и гости,

Ја имам честа да ви се обратам на оваа значајна годишна конференција на која вие, началниците на генералштабови на балканските армии ќе имате можност да дискутирате за вашата досегашна и идна соработка, како и за современите предизвици и закани со кои се соочуваме сите ние како регион кој е дел од пошироката Евро-Атланска сфера.

Пред 11 години, во Јуни 2011, исто тука во Охрид ние бевме домаќини на конференција на балканските началници на генералштаб. Од тогаш до денес, многу работи се изменија, мојата земја која беше долгогодишен аспирант за членство во НАТО, после 21 година успеа да ја реализира својата децениска визија и стана полноправна членка, со што беше поставен уште еден стабилен безбедносен столб во регионот. Регион кој ја зајакнува континенталната безбедност и што е уште поважно – придонесува за мирот и безбедноста во целата Евро-Атланска зона на одговорност.

Како земја која го има тоа искуство, цврсто верувам дека членството во НАТО е најголемиот стабилизирачки фактор во регионот и од тие причини ги подржувам аспирациите и на другите земји од Балканскиот регион кои сакаат да станат членки на НАТО. А, проширувањето на НАТО, самото по себе, не може да биде безбедносна закана.

За да стигнеме до членството во оваа организација, бевме подготвени да направиме сериозни компромиси. Тука мислам на Преспанскиот договор со Грција кој беше достоинствен и балансиран документ кој понуди рационален излез за еден билатерален проблем. Само со взаемно почитување на двете страни и соодветно ниво на историска одговорност за иднината на државите и иднината на регионот и на Европа е можно да бидат постигнати вакви договори со стратешки пропорции.

Почитувани,

Засилувањето на балканската соработка и стабилност, нема да го има потребното темпо и квалитет без еден друг, многу значаен континентален интегративен процес, а тоа се европските перспективи на балканските земји. Нашата политичка посветеност за таков еден потфат ја имаме покажано и потврдено одамна, меѓутоа, потребно е и Европската Унија да има идентичен став со нашиот. При тоа, не мислам на политичката реториката, туку на конкретни активности со кои таа цел ќе стане реалност. Балканот едноставно не смее да биде оставен на маргините на Европа затоа што со тоа се остава отворен простор за продор на трети актери кои не нудат демократски вредности.

Најсилен пример за ова што го говорам е бруталната агресија во Украина од страна на Руската Федерација, која, ако ги оствари своите цели таму, сигурно ќе се обиде да се прошири и на други земји, со воени и со невоени средства, а еден од регионите кој во таков случај сигурно ќе биде таргет на Москва ќе биде западниот Балкан.

Почитувани генерали,

Вие самите најдобро знаете дека руската агресија врз Украина ја загрозува посредно и непосредно и самата Европа. Руската инвазија предизвика и енергетска криза, висока инфлација, прехранбена криза и забавување на пост-пандемиското опоравување на националните економии. Уверен сум, дека Балканот во Европската Унија, ќе ја направи и Европа, постабилна и посигурна, а НАТО и ЕУ се двата гаранти за безбедна и просперитетна иднина на континентот.

Ценети присутни,

Соработката и интеграциите се исклучително значајни, а, тоа ние на Балканот најдобро го разбираме. Наскоро ќе ја предводам делегацијата на Република Северна Македонија на НАТО самитот во Мадрид каде што ќе дадеме поддршка на интеграцијата на Шведска и Финска во НАТО, затоа што верувам дека со тоа ќе ја зајакнеме безбедноста и стабилноста на НАТО, на Европа, на Балканот, а, во тие рамки и на мојата земја.

Војната во Украина, уште еднаш ни го потврди критичното значење и на трансатланската врска и колку е значајно да ја сочуваме и засилиме таа релација. Историјата не учи дека секогаш кога двете страни на Атлантскиот океан добро се разбирале и имале синхронизиран настап, тогаш и Европа и Балканот биле постабилни.

Војната во Украина покажа дека во 21 век нема локални војни, туку дека сите воени конфликти се глобални и нивните последици ги трпат милијарди луѓе. Затоа ги подржуваме партнерствата на НАТО и со други воневропски земји кои делат исти вредности со нас.

Агресијата врз Украина, која вие како војници најдобро ја разбирате, верувам дека ќе не отрезни сите нас, ќе не направи посвесни за сложените геополитички предизвици со кои се соочуваме и за заедничкиот одговор кој треба да го дадеме на овој, до сега, најголем предизвик од завршувањето на Втората светска војна.

Почитувани,

Не смееме да си дозволиме ирационални проблеми да бидат пречка за интеграцијата на регионот. Апелирам да бидеме свесни дека ќе треба да одговараме пред генерациите кои доаѓаат кои ќе не прашаат што сме направиле за нивната подобра иднина. Политиката на НАТО за отворени врати треба да важи и во Европската Унија. Ако во таа смисла бидеме и понатаму нерешителни, само ги отвораме широко вратите за јакнењето на авторитарни опции дома, придружени со хибридни активности и дезинформациони кампањи од надвор, но, тие опции се антиевропски и антизападни.

Искрено се надевам дека кога после 9 години ќе дојде редот повторно да се сретнат балканските началници кај нас, можеби повторно во Охрид, и кога ќе им обраќа некој друг претседател, повеќе нема да зборуваме за европските интеграции на Балканот, туку за некој други, поубави работи.

Ве поздравувам и ви посакувам успешна работа во следните два дена во нашиот Охрид.

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод празникот Свети Климент Охридски

Честитка од претседателот Пендаровски по повод празникот Свети Климент Охридски

Претседателот Стево Пендаровски, по повод христијанскиот празник Свети Климент Охридски упати честитка до Господин Господин Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и до сите верници од православната вероисповед. Почитувани, Имам особено...

Претседателот Пендаровски на Самит во Брисел: ЕУ е најдобрата алтернатива и патеката од која нема да се откажеме

Претседателот Пендаровски на Самит во Брисел: ЕУ е најдобрата алтернатива и патеката од која нема да се откажеме

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Брисел учествуваше на Самитот ЕУ - Западен Балкан во организација на аналитичкиот центар (тинк – тенк) Пријатели на Европа. На сесијата во рамки на Самитот,...

Претседателот Пендаровски во посета на Врховната команда на сојузничките сили за Европа на НАТО

Претседателот Пендаровски во посета на Врховната команда на сојузничките сили за Европа на НАТО

Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Монс, Белгија ја посети Врховната команда на сојузничките сили за Европа на НАТО, каде оствари средба со Врховниот командант, генерал Кристофер Каволи. На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со тековните...

Претседателот Пендаровски во работна посета на Белгија

Претседателот Пендаровски во работна посета на Белгија

Претседателот Стево Пендаровски денеска - 7 декември 2022 година, среда, ќе престојува во работна посета на Кралството Белгија. Претседателот Пендаровски, во Монс, на церемонија со воени почести ќе биде пречекан од страна на Врховниот командант на сојузничките сили во...

Претседателот Пендаровски во посета на Ристо Донев интернационален мајстор во дописен шах

Претседателот Пендаровски во посета на Ристо Донев интернационален мајстор во дописен шах

Претседателот Стево Пендаровски денеска го посети 60-годишниот Ристо Донев, лице со церебрална парализа, носител на титулата интернационален мајстор во дописен шах. Тој го запозна претседателот Пендаровски со неговите шаховски...