Претседателката Сиљановска-Давкова се обрати на Петтата Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

27 јануари 2025 | Обраќања, Соопштенија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова преку видео-порака се обрати на свеченото отворање на Петтата Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што од денеска, под нејзино покровителство, се одржува на далечина.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна суштинската вредност на македонскиот јазик како темел на македонскиот ентитет и идентитет, нагласувајќи ја неговата моќ да отвора нови хоризонти и да освојува нови универзуми. Таа упати искрени честитки за сета вложена енергија и посветеност во организацијата на зимската школа, која се одликува со богати програмски содржини и висококвалитетна настава, реализирана од реномирани предавачи и лектори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Петтата зимска школа е расадник на светската македонистика преку која студентите, професорите, научните истражувачи, македонистите, филолозите, културолозите од странските универзитети во светот, имаат можност да ја растат и да ја развиваат македонистиката, да ги усовршуваат македонскиот јазик, литература и култура“, истакна претседателката, изразувајќи задоволство што македонистиката е стабилна, студиозна и аргументирана наука со долга традиција и врвни резултати.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова

Почитувани македонисти од целиот свет,
Почитувана проф. д-р Биљана Ангелова, ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје,
Почитувана проф. д-р Кристина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ,

Имам чест да се обратам на ова големо македонистичко собрание од 100-тина македонисти од целиот свет, од 18 земји, амбасадори на импресивната мисија на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Семинарот, потомок на древната Охридска книжевна школа на Свети Климент, студиозно ја развива македонистичката наука во светот и кај нас, преку летни школи, зимски школи (на далечина) меѓународни научни конференции во Охрид, и преку лекторати по македонистика на универзитетите во странство. 

Чест е да се биде покровителка на Петтата зимска школа на УКИМ, којашто е репрезент на врвната филологија и културологија.

Чест е да се биде репрезент на најстариот, најреномиран државен Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, носител на фундаменталната и стожерна мисија во високото образование и науката во Македонија, каде што го градев мојот академски пат како професорка и научна истражувачка.

Чест е да се говори пред македонистички „океан“ како овој колосален собир. Импресивна е бројката на досегашни учесници на летните и зимските школи, на меѓународните конференции на Меѓународниот семинар на УКИМ – над 4 300 учесници од 70 земји, а фасцинантен е огромниот интерес за македонистиката во светот за кој сведочи досега рекордна бројка од 100-тина учесници на оваа Петта зимска школа (на далечина).

Одлично е што постои континуитет меѓу летните школи на Семинарот во Охрид и зимските школи што се одржуваат на далечина, во согласност со најновите можности со кои и денес, сите заедно – македонствуваме: јазично, книжевно и културолошки. Петтата зимска школа е расадник на светската македонистика преку која студентите, професорите, научните истражувачи, македонистите, филолозите, културолозите од странските универзитети во светот, имаат можност да ја растат и да ја развиваат македонистиката, да ги усовршуваат македонскиот јазик, литература и култура.

И со задоволство можам да кажам дека македонистиката е стабилна, студиозна и аргументирана наука со долга традиција, врвни резултати до кои се доаѓа преку студиозен раст и развој, развој во кој стожерно значење има Меѓународниот семинар при УКИМ. Во таа грандиозна мисија, во тој раскошен македонистички „мозаик“, кој секојдневно расте, значајна улога имате вие, почитувани и драги македонисти од сите континенти, кои од денес отворате нова страница во историјата на македонистиката. 

И повторно, од денес, македонистиката ќе биде облагородена и „позлатена“ со  македонистичко „семе“, коешто ќе биде „посеано“ насекаде кон светот, та како светлина ќе зрачи и ќе ја осветли оваа прекрасна и свечена македонистичка седмица во која 100-тина македонисти раскошно ќе ја растат и ќе ја развиваат македонистиката и ќе пратат моќно македонистичко послание кон светот. Послание со пораки за развој на македонистиката како наука, како извор на мудрословија, цитати, препеви, реплики, стихови, преку „океан од стихови“ на древна култура којашто праќа драгоцени книжевни, културолошки, благородни, благопожелни, мирољубиви пораки кон светот, како и пораки за развој на соработка во високото образование, науката, културната дипломатија – како врвни цивилизациски и хуманистички придобивки.

Зимската школа на Меѓународниот семинар – нема граници, не познава бариери, гради мостови на соработка, научна и културна размена, пријателство и културна дипломатија.

Почитувани македонисти,

Македонскиот јазик е суштина на македонскиот ентитет и идентитет. Македонската реч, уметничка и научна – отвора нови хоризонти и освојува нови универзуми. Македонскиот мелос, фолклорот, историјата, археологијата – се нашите скапоцени и непресушни извори што ги споделуваме со вас.

Честитки за сета вложена енергија во подготовките на Петтата зимска школа со богати програмски содржини и квалитетна настава којашто ја одржуваат реномирани предавачи и лектори на УКИМ. Ректорката на УКИМ, директорката на Меѓународниот семинар при УКИМ и Советот на Семинарот, на најубав начин, успеаја да го кренат Семинарот на највисоко ниво. Како покровителка на летните и зимските школи на Меѓународниот семинар при УКИМ, изразувам поддршка на афирмацијата на македонистиката во светот и кај нас, како што државниот врв и институциите јасно ја искажуваат својата поддршка кон дејноста на Меѓународниот семинар при УКИМ. Сите ние треба да вложиме дел од себе, најубавиот дел од себе, како што се македонскиот јазик, македонската традиција, книжевност, уметност, култура, музика, фолклор и да ги покажеме пред светот како врвна вредност.

Повторно сме заедно почитувани македонисти иако сега на далечина ќе ткаете голем македонистички мозаик налик везот на везилката ни. Ви благодарам што ја развивате македонистиката преку мостови на оваа прекрасна мрежа на соработка. Летните и зимските школи на Меѓународниот семинар при УКИМ се извор на љубов и почит кон јазикот, литературата, науката и културата – што е срцевина на зборот филологија, но и знак за човекољубие и космополитизам.

Македонистичката мрежа е чиста сончевина. Нека зрачи и кон вашите универзитети и училници, и кон вашите срца и нека сјае како зраците на македонското знаме.

Почитувани,

Во својство на покровителка, чест ми е да ја прогласам за отворена Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и да ви посакам успешна и плодна работа.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Сиљановска-Давкова во Дубаи оствари средба со естонскиот претседател, Алар Карис

Сиљановска-Давкова во Дубаи оствари средба со естонскиот претседател, Алар Карис

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на учеството на Светскиот самит на Владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Република Естонија, Алар Карис, на којашто беа потврдени пријателските односи и естонската поддршка за македонските...

Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи

Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи

Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на...

Учество на Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на владите во Дубаи

Учество на Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на владите во Дубаи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, по повод учеството на Светскиот самит на владите. Претседателката ќе биде главна говорничка на сесија посветена на демографските промени. Таа ќе...

Изјава за медиуми и одговори на новинарски прашања по реферирањето за борбената готовност на Армијата од страна на началникот на Генералштабот

Изјава за медиуми и одговори на новинарски прашања по реферирањето за борбената готовност на Армијата од страна на началникот на Генералштабот

Новинарско прашање: Претседателке, долг состанок денеска. За што се разговараше, какви информации добивте, каква е безбедносната состојба во државава и дали има некакви закани? Претседателката Сиљановска-Давкова: Долгиот состанок не е случаен, туку е израз на...

Реферирање за борбената готовност на Армијата пред врховната командантка Сиљановска–Давковa

Реферирање за борбената готовност на Армијата пред врховната командантка Сиљановска–Давковa

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски пред претседателката и врховна командантка на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, реферираше за реализираните активности во 2025 година, степенот на опременост на Армијата и нивото на борбената...