Обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова на Свечената академија по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик

5 мај 2025 | Обраќања

Почитуван Претседател на Македонската академија на науките и уметностите, академик Живко Попов,
Ценети присутни,
Драги пријатели,

Денеска се собравме во нашиот храм на науката и уметноста за да се потсетиме на еден од најважните моменти во македонската историја, а тоа е кодификацијата на стандардниот македонски јазик.

На 5 мај 1945 година, на страниците на нашиот прв дневен весник „Нова Македонија“ било објавено решението на тогашната народна влада на Македонија за македонската азбука. Еден месец подоцна, на 7 јуни, бил усвоен и македонскиот правопис. Со овие одлуки бил заокружен долгиот процес на оформување и кодификација на македонскиот литературен јазик.

Не можете да кодифицирате непостоечки јазик. Патот којшто го поминал македонскиот јазик од својот зачеток во мугрите на словенската писменост, па сè до својата конечна литературна кодификација во многу нешта наликува на тој што го поминале и другите литературни јазици. Следејќи го, ќе видиме дека тoj пат минувал низ лавиринтот на средновековните редакции, се пробивал низ долгите векови на народното творештво коешто било трпеливо собирано од преродбениците Миладиновци и Цепенков. Попатно ги среќаваме моралните поуки на Крчовски и Пејчиновиќ, учебниците на Зографски, Шапкарев и Мачуковски, беседите на Прличев, речниците на Пулевски. Следејќи го тој пат, чекориме со Лозарите, со Младата македонска книжевна дружина и Македонското научно-литературно другарство на Чуповски за, конечно, да се сретнеме со монументалното дело на нашиот најголем лингвистички гениј Крсте Петков Мисирков.

Токму Мисирков со својата книга „За македонцките работи“ направи смел и длабоко промислен подвиг во развојот на нашиот литературен јазик. Тој бил свесен дека токму од решавањето на јазичното прашање зависи дали македонскиот народ ќе продолжи по патот на слободата или, пак, ќе залута во слепите улици на балканските национализми. Тој знаел дека како лингвистичка еквидистанца од соседните словенски јазици, токму централните македонски наречја треба да бидат основата на македонскиот литературен јазик. Понатаму, дека правописот треба да биде фонетски и дека речникот на македонскиот јазик треба да се збогатува со зборови од сите негови наречја.

За издржаноста на Мисирковите ставови зборува фактот дека тој ги антиципирал асномските одлуки и решенијата на Комисијата за јазик и правопис за цели четириесет години.

Почитувани присутни,

Патот до кодификацијата не бил лесен бидејќи македонскиот јазик бил систематски потиснуван и негиран од соседните пропаганди. Неговите средновековни ракописи биле разграбувани или уништувани, неговите говорители биле насилно асимилирани или прогонувани, а самиот јазик бил третиран како дијалект, те на еден, те на друг, нам туѓ јазик.

За тоа зборува и следново: многу од забранетите книги на Балканот во изминативе два века биле напишани на македонски. Речиси сите примероци од книгата „За македонцките работи“ биле уништени. „Абецедарот“, издаден на барање на Лигата на народите, никогаш не стигнал до учениците за кои бил наменет. На почетокот на Втората светска војна имало обиди да се запленат и да се уништат сите примероци на Рациновите „Бели Мугри“.

И покрај овие притисоци, кодификацијата не запрела, туку продолжила, но по партизанските патеки. Борците од Народноослободителната и антифашистичка борба станале и борци за македонскиот јазик. На македонски биле пишувани преписките, прогласите и манифестите на НОБ.

На македонски јазик се одвивало и првото, државотворно заседание на АСНОМ, чиишто делегати го усвоиле решението за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава. Не случајно, една од првите одлуки била да се формира Комисија за јазик и правопис за да ја заокружи кодификацијата на македонскиот јазик.

Блаже Конески сведочи дека „членовите на Комисијата за јазик и правопис ништо не измислувале, туку само се вслушувале во она што како прогресивно надвладеало во сфаќањата на претходниците“. Задачата на Комисијата била „да се фатат нишките на сето она што се создавало во нашата писмена дејност… за да се оформи дефинитивниот облик на македонскиот литературен јазик“.

Притоа, Комисијата одолеала на големото искушение да го одбере полесниот пат – а тоа е да побара помош од странски експерти. Наместо однадвор октроирано, тие се одлучиле за наше автохтоно решение на македонското јазично прашање, во духот на Мисирков.

Блаже Конески, Круме Кепески, Крум Тошев, Благоја Корубин, Трајко Стаматоски, Божидар Видоески се дел од великаните на таа јазикотворечка генерација којашто ни ги даде граматиките, речниците, правописите и дијалектните атласи. Таа генерација ги основа нашите најважни институции ̶ Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Друштвото на писателите на Македонија, Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, институтите за македонска литература и за старословенска писменост и многу, многу други.

Таа генерација го рашири македонскиот јазик низ меридијаните, отворајќи лекторати на некои од најпознатите европски и светски универзитети. Преку Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, тие создадоа широк круг на доверба меѓу македонските и странските слависти, коишто ги вложија своите животи во проучувањето и во промовирањето на вистината за македонскиот јазик. Преку манифестациите како што се Струшките вечери на поезијата, великаните на македонскиот збор го трасираа патот на македонската книжевност до европските и светски антологии.

Ценети присутни,

Секој од нас во оваа свечена сала израснал со слободата да зборува и да твори на македонски јазик, слобода за каква што нашите предци можеле само да сонуваат.

Сепак, денес, 80 години по кодификацијата, македонскиот јазик повторно се соочува со предизвици.

Првиот предизвик се сеништата на анахроните балкански национализми, коишто сè уште не се помирени со реалноста на македонскиот идентитет. Изминативе триесетина години имаше обиди за бришење на македонскиот јазик коишто варираа од негово грубо негирање, преку еуфемистично преименување, па сè до тавтолошко дообјаснување во фусноти во официјалните документи на некои меѓународни организации.

Повелбата за македонскиот јазик на Собранието на МАНУ од 2019 година, Меморандумот на МАНУ, МПЦ-ОА и УКИМ од 2020 година и петициите потпишани од бројни македонски и странски интелектуалци, се пример како аргументирано треба да се брани вистината за македонскиот јазик.

Освен на научниот, ние треба да се повикаме и на аргументот на творештвото. Песните на Ацо Шопов, романите на Славко Јаневски, метафорите на Радован Павловски, драмите на Горан Стефановски, преводите на Драги Михајловски, се дел од сведоштвата дека нашите автори не пелтечат на некаков си новоконструиран идиом, туку творат на зрел јазик со долг временски и просторен континуитет.

Но, многу поопасно од надворешните негирања претставува внатрешната негрижа за јазикот, што добива димензии на незапирлива епидемија. Сведоци сме за намалување на значењето на службената употреба на македонскиот јазик во државата. Во право беше Петре М. Андреевски кога предупреди дека „јазикот може да биде загрозен и од неговите говорители“, потенцирајќи дека независно дали тоа се прави од незнаење или од негрижа „предавството на јазикот е предавство и на сопствените родители и на сопствените деца“.

А многу наши деца си заминуваат во странство. Поради масовното иселување на младите, во моментов македонскиот јазик има повеќе говорители во дијаспората, отколку во татковината.

Според УНЕСКО, околу 3 000 јазици се соочуваат со опасноста да исчезнат до крајот на овој век, односно, по еден јазик може да згасне на секои две недели. Со секој јазик исчезнува и уникатниот, автентичен светоглед на неговите говорители. Ние не смееме да дозволиме таква судбина да го снајде и македонскиот јазик и мора да направиме сè за да го заштитиме.

Тоа можеме да го направиме на најмалку три начини.

Прво, со доследно почитување на уставната норма според којашто службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, и стриктна примена на Законот за употреба на македонскиот јазик. Мора да се инсистира на примарноста на македонскиот јазик во службената и во државната комуникација на сите нивоа од локалната самоуправа до Владата и Собранието и останатите институции, како и во образованието. Македонскиот јазик е дел од нашиот општествен договор и заеднички комуникациски код меѓу Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и другите.

Второ, со поддршка на образовните, академските и научните институции. Вложувањето во македонскиот јазик и литература не е трошење на ресурсите, туку градење на нашата единствена комплетна татковина, како дел од европскиот културен и образовен простор.

Трето, со дигитализација. Само преку дигитализација на македонското творештво, преку тренирање на јазичните модели на вештачката интелигенција, ќе успееме да го пренесеме македонскиот јазик и во дигиталната ера за да биде достапно за македонската дијаспора и за идните поколенија. ChatGPT, Gemini, DeepSeek веќе „прозбореа“ македонски. Минатата година во употреба беше пуштена и „Буки“ ̶ дигитална платформа за транскрипција на македонски јазик, базирана на вештачка интелигенција. Секој од нас може да придонесе кон оваа нова фаза во развојот на македонскиот јазик.

Драги пријатели,

Македонскиот јазик го легитимира македонскиот идентитет. Македонскиот јазик е наше природно и основно човеково право и чувар на нашата колективна меморија. Со таква мисла, во еден свој текст напишан пред точно 25 години, Петре М. Андреевски истакна дека „бранејќи го јазикот, ние го браниме и нашиот живот и нашето заедничко име, нашата заедничка татковина. Го браниме, всушност, највозвишеното – нашата самостојност, нашата слобода, а заедно со нив и нашата иднина“.

Но, не смееме да ја заборавиме историјата на македонскиот јазик, која е далеку подолга од 80 години. Ќе се повикам на познатиот славист и македонист Реџиналд де Бреј, кој во неговиот „ Водич на словенски јазици“ во 1951 година напиша: „ Каква иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беше последниот на кој што му се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски“.
Да потсетам дека годинава се навршуваат 150 години од објавувањето на Речникот на три јазика (тријазичникот), 145 години од „ Слогница Речовска“ , односно првата публикувана граматика на македонски јазик на Ѓорѓија Пулевски, 135 години од одбраната на првиот докторат за македонскиот јазик на Дерптскиот универзитет во Естонија од Леонард Готхилф Мазинг, како и 100 години од печатењето во Атина на „Абецедарот“, на барање на Лигата на народите, претходничката на ООН!
Се прашувам и ве прашувам: зарем овие настани и датуми не се доволни за прогласување на 2025 година за година на македонскиот јазик?

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба на Сиљановска-Давкова со Јакоб Гранит, генерален директор на СИДА

Средба на Сиљановска-Давкова со Јакоб Гранит, генерален директор на СИДА

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими Јакоб Гранит, генерален директор на Шведската меѓународна развојна агенција – СИДА, кој беше придружуван од амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џаин. Изразувајќи...

Средба на Сиљановска-Давкова со претставници на Support Kocani

Средба на Сиљановска-Давкова со претставници на Support Kocani

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на неформалната група на млади „Support Kocani“. Навраќајќи се на страотниот пожар на 16 март, тие манифестираа решеност заедно да направат сé што можат за...

Официјална посета на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ

Официјална посета на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре на 7 мај 2025 година, ќе биде домаќинка на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, кој ќе престојува во официјална посета на земјава. Хрватскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени...

Изјава од претседателката Сиљановска-Давкова за одржаната Свечена академија по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик

Изјава од претседателката Сиљановска-Давкова за одржаната Свечена академија по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик

Да се биде покровителка на Свечената академија по повод 5 Мај - Денот на македонскиот јазик, одржана во МАНУ, е ретка прилика и особена чест. Да се говори пред академици, професори, министри, дипломати и пратеници, како и врвни познавачи, почитувачи и вљубеници во...

Порака од претседателката Сиљановска-Давкова на Денот на македонскиот стандарден јазик и 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик

Порака од претседателката Сиљановска-Давкова на Денот на македонскиот стандарден јазик и 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик

Денеска, на 5 Мај, праќаме важни пораки за македонскиот јазик до сите Македонци, каде и да се, до познавачите и до почитувачите на македонскиот јазик, до идните поколенија Македонци. Денеска, камбаните одѕвонуваат на македонски јазик и за македонскиот јазик, не само...