По повод 12 мај – Меѓународниот ден на медицинските сестри, претседателот Стево Пендаровски ја упати следната порака:
„Пандемијата ги покажа хроничните недостатоци на нашиот здравствен систем, вклучително и несоодветните работни услови и недоволниот број на здравствен персонал.
Но, истовремено, оваа најголема здравствена криза на нашето време ја потврди посветеноста и пожртвуваноста на здравствените работници, вклучително и на медицинските сестри. Тие го носеа, и сè уште го носат, најголемиот товар на пандемијата. Соочени со стрес и изнемоштени од деноноќните дежурства, диспропорционално изложени на ризикот од зараза, медицинските сестри се вистинските херои на нашето време што продолжуваат секојдневно да се грижат за здравјето и животите на луѓето.
На 12 мај – Меѓународниот ден на медицинските сестри, се сеќаваме на вашите колешки кои ги загубија своите животи во борбата против вирусот. Верни на хуманиот повик до крај – Виолета Кацарска, Дијана Макошевиќ Димоска, Елица Андрееска, Ирена Дојчиноска Милошевска, Нашиде Емини и Мирлинда Алими ги положија своите животи за да спасат други животи. Нивната голема и скапа жртва не обврзува со благодарност да се сеќаваме на нив и да се угледаме на нивната солидарност. Но, и да вложуваме во унапредување на положбата на медицинските сестри во Северна Македонија. Бидејќи само така ќе придонесеме кон подобрување на здравствената заштита на сите граѓани и на целото македонско општество.
Нека ви е честит Mеѓународниот ден на медицинските сестри!“