Обраќање на претседателот Пендаровски на конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“

31 мај 2022 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“, којашто се одржува во организација на Фондацијата Метаморфозис, а со цел градење на мулти-секторски пристап за решавање на овој важен проблем преку заеднички ангажман на државните институции, независните медиуми, граѓанските организации, академската заедница и приватниот сектор.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани присутни,
Дами и господа,

Благодарам на Фондацијата Метаморфозис за поканата да се обратам на овој настан посветен на исклучително важна тема.

Дезинформациите не се ништо ново, бидејќи се стари колку и човековата историја. Нова е брзината и опфатот со кои се шират во нашево дигитално време, преку социјалните мрежи и медиуми. Пандемијата на КОВИД-19, руската инвазија на Украина и економската и енергетска криза ја покажаа не само моќта на дезинформациите да се шират лесно, туку и колку е тешка борбата за нивно препознавање и сузбивање.
На глобално ниво, има три двигатели на дезинформациите.

Прво, човековата тенденција да им веруваме на оние информации што го потврдуваат нашиот светоглед. Дигиталните алгоритми само го засилуваат овој ефект бидејќи ги изолираат луѓето преку процесите на информирање со филтрирани информации според интересите кои самите тие ги изразиле на дигиталните платформи, на тој начин формирајќи тн. информациски меури во кои тешко пробиваат поинакви ставови од нашите. Филтрирањето на различните, па и спротивните мислења придонесуваат за вкоренување на одредени предрасуди и вредности, со што се зголемува недовербата и се продлабочуваат поделбите во општеството.

Второ, ширењето на дезинформациите е поврзано и со инстантната глобална комуникација и притоа, инстинктивно, вниманието ни го привлекуваат информациите што предизвикуваат страв и несигурност.

Третиот, можеби и најголем проблем со ширењето на дезинформациите е сѐ почестата појава на сомнежи во мислењата на науката и експертското знаење, што го доведува во прашање постоењето на објективна вистина, тренд кој станува сѐ повидлив на глобално ниво.

Ова, според мене се трите двигатели на дезинформациите на глобално ниво, но, кај нас, според мене, има два дополнителни фактори.

Прво, закочените европски интеграции. Народот е уморен од чекање. Резултатите од истражувањето на Метаморфозис покажува дека најголем дел од македонските граѓани се согласуваат нашата земја да влезе во Европската Унија, но, не по цена на компромиси со соседните држави. Второ, поради закочените интеграции, ние со години, наместо со суштински европски реформи се бавевме со самите себе. Тоа негативно се одразува на функционалноста на институциите и владеењето на правото во земјава, што содава плодна почва за ширење на дезинформациите. Гледаме дека цената која заради тоа ја плаќаме е огромна. Нејзин највидлив и најдевастирачки аспект е иселувањето на луѓето.

Според истражувањето на Метаморфозис, дезинформациите се опасни и по јавното здравје и животот на луѓето. Еве само неколку бројки кои запрепастуваат: над 60% од македонските граѓани веруваат дека светските сили го создале КОВИД-19 заради економска и политичка корист. Половина од граѓаните веруваат дека светските елити го создале вирусот за да го намалат бројот на луѓе на планетата. Над 45% граѓани не веруваат во постоењето на вирусот и сметаат дека наративот е дел од некаков си заговор на светската елита за да ни ја одземе слободата. Поради овие дезинформации многу наши сограѓани платија со своето здравје, а, 9.300 и со своите животи.

Дезинформациите ги поткопуваат демократските вредности. Кампањите за дезинформирање ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси, ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и ја еродираат општествената кохезија. Сведоци сме на истражувања во последните години дека големо мнозинство од младите во Северна Македонија имаат наклонетост кон лидери со цврста рака, односно, политичари со авторитарни тенденции. Ова, меѓу другото, е директна последица на поддршката на авторитарните наративи што се шират преку дезинформациите.

Дезинформациите се насочени и против нашата евро-атлантска ориентација. Особено по почетокот на руската инвазија на Украина, Северна Македонија е мета на кампањи на дезинформации што имаат за цел да поттикнуваат анти-западно расположение кај македонските граѓани, и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции. Поради нивниот потенцијал да ги поткопуваат стратешките определби, дезинформациите, во одреден контекст, можат да придонесат за дестабилизирање и на самата држава.

Почитувани присутни,

Најдобра заштита од кампањите за дезинформации и од малигните геополитички влијанија, е постоењето на општествена, системска, медиумска, но, пред сѐ, лична отпорност кон дезинформациите. Неопходен ни е заеднички пристап на национално ниво, со консензус на клучните политички чинители за справување со дезинформациите.

Мора да градиме култура на критичко мислење, бидејќи критичкиот ум што ги проверува и преиспитува информациите е најголемата одбрана од дезинформациите. Затоа, треба да ги поддржиме иницијативите за медиумска писменост не само за младите, туку за сите генерации, бидејќи и пандемијата, а, сега и војната во Украина покажуваат дека и возрасните се подложни на дезинформации.

Притоа, не смееме да изгубиме од предвид дека борбата против дезинформациите е истовремено борба за заштита на фундаменталните слободи на говор, на мисла, совест и верување.

Наместо едноумие, треба да градиме демократски амбиент во кој преку различните мислења и погледи, не преку пропаганда, ќе доаѓаме до вистината. А вистината е базична претпоставка за да има доверба меѓу луѓето и доверба на граѓаните во институциите. Без тоа нема прогрес.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Активности на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска со сопругата на австрискиот претседател, Дорис Шмидауер

Активности на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска со сопругата на австрискиот претседател, Дорис Шмидауер

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска заедно со Дорис Шмидауер, сопруга на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван Дер Белен коишто престојуваат во официјална посета на Република Северна Македонија, денеска во Канцеларијата на...

Претседателите Пендаровски и Ван дер Белен се обратија на Македонско-австрискиот економски форум

Претседателите Пендаровски и Ван дер Белен се обратија на Македонско-австрискиот економски форум

Претседателот Стево Пендаровски и претседателот Александер Ван дер Белен, во рамки на официјалната посета на австрискиот претседател на Република Северна Македонија, денеска се обратија на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу...

Претседателот Пендаровски и претседателот Ван дер Белен положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“

Претседателот Пендаровски и претседателот Ван дер Белен положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“

Во рамки на официјалната посета на сојузниот претседател на Република Австрија на Република Северна Македонија, претседателот Стево Пендаровски и претседателот Александер Ван дер Белен положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св....

Прес-конференција на претседателите Пендаровски и Ван дер Белен: Австрија е докажан пријател на регионот

Прес-конференција на претседателите Пендаровски и Ван дер Белен: Австрија е докажан пријател на регионот

Во рамки на официјалната посета на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен на Република Северна Македонија, претседателите Пендаровски и Ван дер Белен одржаа заедничка прес-конференција. Во продолжение е интегралниот текст од изјавата на...

Церемонија со највисоки државни и воени почести – претседателот Пендаровски го пречека сојузниот претседател на Австрија, Александер Ван дер Белен

Церемонија со највисоки државни и воени почести – претседателот Пендаровски го пречека сојузниот претседател на Австрија, Александер Ван дер Белен

На церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска го пречека сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен, кој во придружба на неговата сопруга, Дорис Шмидауер, престојува во официјална посета на...