Обраќање на претседателот Пендаровски на промоцијата на Рамката за развој МКД 2030

9 јуни 2022 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на свечената промоција на Рамката за развој МКД 2030, што се одржа во Кабинетот на претседателот.

Рамката за развој МКД 2030, изготвена на иницијатива на претседателот Пендаровски, ги определува приоритетните области во кои Република Северна Македонија треба да вложува на среднорочен план, за државата да стане подобро место за живот, работа и социјално-општествени активности.

Рамката за развој МКД 2030 е достапна на https://mkd2030.mk на македонски, на албански и на англиски јазик.

Почитувани граѓани,
Ценети екселенции,
Почитувани присутни,

За да постои реална шанса за подобра иднина, од пресудна важност е клучните фактори во државната и општествена инфраструктура да стојат зад една, единствена визија за долгорочен развој. Токму поради тоа и го иницирав процесот за изработка на Рамката за развој МКД 2030 кој, иако најавен во втората половина на 2019-та, поради пандемијата дури денес имам задоволство да ви го претставам.

Ќе се задржам на проблемите што ги детектиравме, претпоставките од кои се водевме и процесот низ кој минавме за да ги утврдиме приоритетите неопходни за нашиот развој до крајот на оваа деценија.

Дијагнозата на проблемите со кои со години се соочува Северна Македонија е загрижувачка. Имаме скромен економски раст, ниско ниво на конкурентност и недоволна вклученост во меѓународните синџири на набавки. Корупцијата, клиентелизмот и сивата економија нè следат практично од независноста. Сегашниот развој е еколошки неодржлив, социјално неинклузивен, регионално неизбалансиран, енергетски ранлив.

Закочените европски интеграции доведуваа до чести политички кризи, поларизација на општеството и партизација на институциите. Скромното државно вложување во истражување и развој ја намали продуктивноста. Сето ова директно влијае врз растот на БДП, врз платите и врз животниот стандард на граѓаните, особено младите. Од бројните негативни податоци, ќе споделам само еден: во 2020 година околу 21.8% од населението живеело под прагот на сиромаштијата, што е двојно повисоко споредено со просекот на Европската Унија. Поради комбинираните ефекти на здравствената, енергетската и економската криза, таа бројка денес е повисока.

Младите масовно се иселуваат, граѓаните станаа пасивни и аполитични, а недовербата во институциите хронична. Општеството ни е длабоко поделено, а перцепцијата дека е невозможно да се напредува врз основа на сопствените квалитети и способности е сеприсутна.

Почитувани,

Соочени со сите овие сериозни проблеми, си го поставивме следното прашање: како до крајот на оваа деценија да поттикнеме севкупен економски и општествен развој, да ја зголемиме довербата во институциите и да го намалиме иселувањето на младите? Или со обичен јазик кажано, како да ја вратиме надежта кај луѓето?

Од остварувањето на оваа голема задача зависи дали ќе исполниме една од клучните цели наведени во преамбулата на Уставот, имено, дека државата се конституира за „да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.“ Ако државата постои заради граѓаните, а, само заради нивните интереси и треба да постои, токму тоа беше стожерот околу кој го градевме овој документ.

Зошто во насловот на рамката ставивме МКД и зошто 2030-та? МКД стои не само затоа што ова е документ за развој на нашата држава, туку, затоа што станува збор, пред сѐ, за наша, автентична рамка, втемелена врз нашите специфични потреби и потенцијали на македонското општество и напишана од македонскиот ум. А, зошто токму 2030-та? Бидејќи таа година е доволно далеку за да ги направиме сите потези и интервенции неопходни за развојот, но, доволно блиску за оваа генерација политичари да не може да ја избегне својата одговорност пред граѓаните за пропуштеното или лошо направеното.

МКД 2030 не е кабинетски, туку теренски документ. Експертите не го пишуваа изолирани во своите кабинети, туку го создаваа преку широки консултации во инклузивен и транспарентен процес. Некои од нашите најдобри умови ни ја ставија на располагање својата експертиза и искуство. Над 60 организации и поединци од граѓанските здруженија, стопанските комори, академската заедница, медиумските и младинските организации, беа вклучени во различни фази од изработката на овој стратешки документ. Во оваа прилика сакам јавно да им се заблагодарам на сите кои придонесоа, денес, Рамката за развој да ја имаме пред нас.

За време на самиот процес бевме соочени со бројни предизвици. Да се формулира документ за развој во услови на симултани кризи е исклучително тешка работа. Меѓутоа, уверен сум дека е добро тоа што токму во вакви времиња ја подготвивме МКД 2030, бидејќи на тој начин развојната рамка ја калибриравме водејќи сметка за најнегативните сценарија и најпесимистичките прогнози. Токму поради тоа и очекувам МКД 2030 да го издржи тестот на времето.

Од процесот кој траеше со месеци, беа искристализирани четири приоритети, со 166 конкретни препораки, групирани во 24 области.

Првиот приоритет е забрзан економски раст. Тоа подразбира зголемување на продуктивноста, подигнување на конкурентноста на економијата, масивно вложување во иновациите и технолошкиот развој, нови домашни и странски инвестиции, намалување на сивата економија и формирање на флексибилен и динамичен пазар на трудот.

Вториот приоритет е заштита на животната средина на ниво на европскиот просек и редефинирана енергетска политика. Квалитетот на животот и на здравјето директно зависи од квалитетот на животната средина. Во тие рамки зборуваме за квалитетен воздух, развивање на ефективен систем за управување со отпадот и интегрирано управување со водите, заштита на природата и биодиверзитетот. Редефинираната енергетска политика ќе треба да биде долгорочно насочена кон задоволување на внатрешните потреби, пред сѐ, од обновливи извори на енергија, и истовремено да биде отпорна на надворешните енергетски шокови.

Третиот приоритет е дигитализацијата, што е истовремено и цел самата за себе, но, и средство за постигнување на другите развојни приоритети. Оттука, неопходно е забрзување на дигиталната трансформација и промовирање на дигитална економија и образование, целосна дигитализација на јавните услуги, подигнување на дигиталната писменост и форсирање на многу посилен развој на македонскиот ИТ сектор.  

Четвртиот приоритет се образованието, младите и инклузивниот развој, три области кои се органски поврзани. За да излеземе од надолната спирала на сиромаштија, социјална исклученост и масовно иселување, потребно ни е образование адаптирано на потребите на пазарот на трудот. Приоритет е да работиме на намалување на сиромаштијата и на социјалната исклученост, да развиваме современи културни политики, да промовираме почитување на човековите права, и да вложуваме во медиумската писменост неопходна за разликување на вистината од лагата.

Почитувани,

Овие четири приоритети се меѓузависни и подеднакво важни за развојот на Северна Македонија и затоа треба да се имплементираат, истовремено, без нивно рангирање. Тимовите кои беа ангажирани постигнаа широк експертски консензус и следејќи ја таа позиција, дозволете да ги истакнам следните три мои очекувања.

Прво, како рамка што се фокусира на големата слика, МКД2030 треба да биде вградена во деталната Национална стратегија за развој 2022-2042 што ја изработува Владата на Република Северна Македонија. На тој начин, МКД2030 ќе биде гаранција за континуитетот на секторските политики, независно од идните промени на политичките гарнитури на власт. Оваа мапа ќе им помогне на сегашните и на идните креатори на политики да не отстапат од дефинираната патека и да не заглават во авторитарни и популистички води што сигурно ќе го компромитираат долгорочниот развој на државата, но, и нејзината стабилност.

Второ, како натпартиска платформа, МКД 2030 може да послужи како основа за надминување на длабоките поделби преку симболична обнова на општествениот договор помеѓу граѓаните и државата. Развојните приоритети ќе треба да бидат почитувани од секоја идна власт, и да важат за сите, подеднакво. На тој начин, МКД 2030 може да биде продуктивен дел од процесот на граѓанското помирување.

Трето, МКД 2030 не е света книга, затоа очекуваме документот да поттикне дебата околу понудените предлози и да ни помогне во јавниот дискурс, наместо врз небитни дневнополитички епизоди, енергијата да ја трошиме на размислување и делување за реализација на долгорочните развојни политики. Се подразбира дека во тој дел очекуваме аргументирана критика и размислувања различни од нашите.

Почитувани,

Ние самите одлучуваме дали ќе стагнираме или ќе напредуваме. И во времиња кога на дневна основа мораме да менаџираме повеќе кризи одеднаш, не смееме да ги изгубиме од предвид виталните национални стратешки приоритети, а, тие се, до крајот на оваа деценија заеднички да посведочиме на севкупен економски и општествен развој, на поголема доверба во институциите и драстично помало иселување на младите.

Рамката за развој МКД 2030 може да ни помогне да ја направиме  Република Северна Македонија подобро место за живеење во кое македонските граѓани ќе имаат шанса да ги остварат своите животни идеали. Без лажно морализирање и без патетика кажано, тоа е историската одговорност која сите ние, особено носителите на јавни функции ја имаме во однос на живите наши деца и внуци, но, не помалку и кон идните генерации на кои мораме да им ја оставиме државата во далеку подобра состојба од онаа во која денес се наоѓа.

Ви благодарам.


Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...