Обраќање на претседателот Пендаровски на настанот „Скопје во пет и седумнаесет“ по повод 60. годишнината од скопскиот земјотрес

26 јули 2023 | Обраќања

Претседателот  Стево Пендаровски се обрати на настанот „Скопје во пет и седумнаесет“ што се одржа во Музејот на современа уметност по повод 60. годишнината од земјотрeсот во Скопје и воедно ја разгледа изложбата „Дефрагментација“, изложбата на Државниот архив – „Подемот и падот на Скопје“ и видео проекциите од Кинотека.

Драги пријатели, почитувани гости,

Секој човек и секоја заедница најдлабоко и најдолго ги паметат болката и загубата. Но, во исто време, тоа се и појдовните точки за наша трансформација во некој нов, конструктивен наратив кој ќе помогне за редефинирање на животните приоритети.

Ние имаме токму една таква точка во нашата историја – земјотресот во 1963 година. Тоа е место на огромна човечка, интимна загуба и на колективна траума, место на девастација и смрт, но, воедно и место на промислување и соочување со важноста и суштината на животот. Тој „миг на умирање“ набргу станува и „миг на раѓање“ на сознанието дека градот и заедницата треба да се обновуваат и градат преку солидарноста, емпатијата, здруженоста во надминувањето на „рушевините на животот“.

Ацо Шопов во својот есеј „Во пет и седумнаесет“ ќе запише: „Зашто овој град не се ни улиците ни плоштадите, липите и црвените каранфили, парковите и гулабите, кулите убави или грди, линиите на старата и новата архитектура што ја сече оваа Вардар река како човечка вододелница, како две страници од историјата. Зашто овој град не се овие гробишта од железо и бетон, од малтер и цигли, ни овие темни заканувачки пукнатини на ѕидиштата, тие дијагонали на смртта, ни крововите што за чудо висат на тротоарите. Зашто овој град – тоа си ти, човеку. Зашто овој град – тоа е твојата невидена архитектура на совеста, љубовта, трпението и патилата, град на непознатата човечност во тебе. Историјата ќе запише: градот на човечноста е роден во пет и седумнаесет.“

Почитувани,

Меморијалот за 60 годишнината од земјотресот, би сакал да го посветиме токму на значењето на човечноста и на волјата на луѓето да ги премостуваат сите искушенија и да имаат капацитет, и повредени, да ги прескокнуваат замките и оградите на патот.

Земјотресот во 1963-та ги преобликуваше економските, политичките и културните структури и останатите градски форми инхерентни на едно урбано живеење. Кога една елементарна непогода го прекинува текот на животот, велиме дека се случило насилство. Сепак, ако со крајни напори се обидеме да погледаме зад хоризонтот на страдањето, можеме да пронајдеме неколку пунктови на нови почетоци и на нова надеж.

Скопје, по 26 јули 1963-та почнува да создава можности за раскажување на поинакви урбани приказни на модерноста. Зборот солидарност почнува да доминира во нашиот јазик, луѓето покажуваат дотогаш невидена грижа едни за други. Светот идеолошки поделен на исток и запад се обединува околу урнатините на еден град, кој никогаш повеќе нема да биде ист.

Во тоа време во Скопје доаѓа младиот јапонски архитект Кензо Танге со својата футуристичка визија за урбано живеење од сосема други меридијани. И покрај застанувањето на половина пат во реализација на неговиот план, сепак, Скопје почнува да се отвора кон поинаквите концепти. Станува јасно дека животот диктира формите на урбаноста да бидат различни и дека не можат да се потпираат исклучиво врз локалната традиција. А со тоа, жителите на градот стануваат поадаптибилни и за брзите културни промени.

Она што е вредна поука од трагичноста на земјотресот е дека најважно од сѐ е да бидеме солидарни и сочувствителни кон нашите соседи и сограѓани, а во исто време, отворени кон новата урбаност и новите идеи за да креираме амбиент за живеење во кој ќе бидеме слободни и почитувани.

Овој град е крајно комплексна средина, во која неговите граѓани се внатрешно фрагментирани по разни линии, со многу фактички и симболични земјотреси во себе, со безброј рани и загуби, со долга серија примери на урбана конфузија.

Меѓутоа, сите ние во себе имаме една длабоко врежана културна константа дека наспроти сите наши разлики фундаментот на една човечка заедница е во емпатијата и солидарноста.

А, ја имаме, затоа што пред 60 години на трагичен начин ја научивме вредноста на животот.

Ви благодарам.

 

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Отворен Кабинет со ученици од ООУ „Григор Прличев“ од Скопје

Денеска Кабинетот на Претседателот, во рамки на активноста Отворен Кабинет, го посетија ученици од шесто одделение при ООУ „Григор Прличев“ од Скопје. За време на посетата, учениците беа запознаeни со историјатот на објектот во...

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Обраќање на сопругата на претседателот на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Родова еднаквост на работното место“ организирана по повод Меѓународниот ден за еднакви плати. Говорејќи за значајноста на зајакнувањето на економската сигурност на жените во...

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Трет модул на Школата за политики за 2023 година при Претседателскиот центар за политичко образование

Викендов во Кавадарци се одржа третиот модул на Школата за политики за 2023 година, при Претседателскиот центар за политичко образование. Третиот модул на Школата го отворија д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за...

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Обраќање на претседателот Пендаровски на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на затворањето на 44. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Во своето обраќање, претседателот Пендаровски кој е...

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Пендаровски се сретна со мешовитиот стручен тим за конзервација и реставрација во црквата „Св.Ѓорѓија“ во с. Курбиново

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети црквата „Св. Ѓорѓија“ во с.Курбиново кадешто се одвива првата фаза од проектот за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во ентериерот на црквата којашто е ставена под заштита како културно-историски...