Претседателот Пендаровски се обрати на завршниот настан на 6. Отворени денови на Институтот за македонски јазик

22 октомври 2021 | Обраќања

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Небрегово ja посети Спомен-куќата на Блаже Конески и се обрати на завршниот настан на 6. Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“.

Во рамки на настанот, претседателот Пендаровски положи свежо цвеќе пред родната куќа на Блаже Конески и ги посети внатрешноста на спомен-куќата, обновената училишна училница и црквата во Небрегово.

На настанот се обратија и проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик и проф. д-р Људмил Спасов, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а беше рецитирана и поезија на Конески од страна на ученици од Небрегово и Прилеп.

Драги пријатели, добар ден на сите,

Во време кога сите наши потпорни точки се сериозно предизвикани, во време кога се соочуваме со страдање и смрт на глобално ниво, во време кога пандемијата не дистанцираше од другите, често и од самите себеси, нужно е да ја нагласиме важноста на вредносните котви кои ни даваат стабилност во нестабилново опкружување.

Една од нашите заеднички вредносни котви е, секако, она што зад себе како животно дело го остави Блаже Конески, филолог, лингвист, визионер. Тој опстојува како заштитник на нашата модерност – јазична, мисловна, книжевна, образовна и институционална. Тивок човек, кој со својата посветеност, одговорност, работливост и смиреност, треба да ни биде модел за нашето сегашно и идно дејствување во промоција на заедничката кауза.

Токму затоа личноста која е парадигма за нашата национална еманципација и прогресивност треба да ја чествуваме постојано, не само јубилејно. Тој беше човек на кој не му требаа почести. Неговата големина дополнително беше нагласена со неговата скромност и личниот аскетски профил. Во наследство ни ги остави – мислите, зборот, емоциите, духовноста и јазикот, без да побара надомест. Имено затоа, кај нас лежи одговорноста да не го заборавиме  она што Конески ни го остави како културно наследство бидејќи низ неговото дело, всушност, се надѕираат сите слоеви на нашата култура.

Почитувани,

Многу е важно да се спротиставиме на културата на заборав, која, за жал, е голема закана во овие брзи времиња. Неопходно е да ги реартикулираме во нашата сегашност, белезите на оние кои се арматурата на нашиот национален и културен континуитет. Овој собир, посветен на Конески, токму тоа и го прави – го позиционира во сегашноста неговиот легат уважувајќи дека без поглед кон значајните секвенци и личности од нашето подалечно и скорешно минато, нема да можеме да ги видиме сите опции на утрешниот ден.

Наоѓајки се овде, во Небрегово, во подножјето од каде што започнува искачувањето до манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, станува појасно од какви дамари е составена личноста и животната патека на Конески. И сосема јасно е дека од овој вруток извира мудроста, духовноста и сталоженоста на една таква величина.

Во време кога често знаеме преку бескрајно повторување и употреба да ги обезвредниме зборовите, би сакал да потсетам на една забелешка на Конески, кој во своите разговори со Цане Андреевски се запраша уште одамна: „Јазикот на политиката го шаблонизира секојдневието. Дали ќе дојде моментот на едно крајно осиромашување, односно на едно унифицирање во изразот? Односот кон зборот, е нешто што најмногу ни недостига. А треба да се има и напор да се усовршува нашиот јазичен израз. Тоа се прави во секој миг и во секоја средина. И во патријархалната и во современата.“

Денес кога многу често зборовите се расфрлаат во јавниот говор испразнети од секаква вредност добро е да се потсетиме и на познатата мудра препорака на Конески: „Чувај го зборот добро врзан како необучен коњ што знае да каса, да клоца, да мава. Чувај го! Зашто ако го пуштиш така разоглавен по чаирите, којзнае која луда глава ќе посака да го јава“.

Почитувани,

Дозволете ми на крајот кусо да споделам со вас некои мои согледувања кои се однесуваат на релацијата помеѓу политичкото и уметничкото. Да се биде ангажиран во промислувањето на политичкото во нашите животи не е негативна работа, особено од аспект на современото читање на културата. Почнувајќи од  културните, уметничките и естетските модалитети во драмските бисери на античката, хеленска книжевност, преку европските првенци на зборот, како Шекспир, Гете, Молиер, Лорка, Брехт, Бекет до нашите современици, со векови се говори и се пишува за клучното место на уметничкиот, хуманистичкиот промислувач на општествените, меѓугенерациски процеси во секоја заедница. Конески припаѓа токму на таа група – благороден, политички свесен архивар на светот и на неговите суптилни општествени динамики. Лишени од неговата оставина ние не би постоеле, бидејќи одамна е речено дека човекот постои низ јазикот, а низ јазикот, преку зборовите, се оформува нашето мислење.

Чест ми е што сум денес во домот каде што Блаже Конески се родил и ги поминал своите најзначајни формативни години од животот. Ова овде не смееме да го загубиме, мораме да најдеме начин да го оживееме повторно за новите генерации да имаат каде да се навраќаат. Затоа што, како што еднаш рече Конески: „Сето е предвидено – ние си одиме, а земјата останува.“

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...