Обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со постојаните координатори на ОН

5 април 2025 | Обраќања

Дами и господа,

Ми причинува задоволство тоа што среќавам толку многу постојани координатори на ОН од Европа и Централна Азија. Штотуку имав прекрасна средба со заменичката генерална секретарка на Обединетите нации, г-а Амина Мохамед, и со вашата регионална директорка, г-а Гви-Јеоп Сон. Ви посакувам добредојде на сите во име на македонските граѓани.

Оваа наша средба се одржува на еден многу симболичен ден. 5 април е Меѓународен ден на совеста, нешто што навистина многу ни недостасува. Овој ден го гледам како потсетување на нашата должност да го промовираме она што нам ни недостасува: мир, толеранција, инклузија, разбирање и солидарност. За жал, овие универзални вредности се под закана.

Наместо мир, гледаме војни и сведочиме флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации. Наместо мултилатерализам – мултиполаризација. Тоа е опасно и мораме да се бориме против тоа. Меѓународното право е еродирано многу често од двојните стандарди, додека меѓународното хуманитарно право се игнорира, и не можеме да прифатиме нас жените и децата да бидат трауматизирани од војна и глад. Трката за профит, неолиберализмот како и дарвинизмот односно потребата за моќ, на сметка на луѓето и планетата ги поткопува развојот и солидарноста. Овие тешки состојби треба да ја оптоварат совеста на оваа генерација на носители на политики и одлуки ширум светот. Политиката се вели дека е уметност на можното, па ајде на се обидеме да бидеме уметници.

Дел од проблемот е тоа што нашиот свет претрпе длабока геополитичка, економска, еколошка, демографска и технолошка трансформација, а надлежностите, структурите и процедурите на ОН останаа главно непроменети. Време е да се преиспита ова.

Со цел ефикасно да одговори на денешните предизвици, потребно е ОН да се прилагодат. Неопходни се суштински реформи кои ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни и поконзистентни во исполнувањето на Повелбата на ОН. Советот за безбедност треба да се реформира. Не би сакала да кажам дека треба да се прошири, но да оставиме да видиме, можеби да се преиспита, поради тоа што Советот за безбедност јас го гледам како светска влада а нејзините министри би можеле да бидат бирани од страна на Генералниот секретар, кои би биле еднакво значајни. Советот за безбедност треба да се демократизира за да го направи отчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедност. Генералното собрание треба да го заземе своето заслужено место како главно претставничко тело не само за дебата, туку и за креирање политики. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата мора да станат обврзувачки за сите, поради тоа што селективна правда не е правда.

За таа цел го усвоивме Пактот за иднината како нов глобален општествен договор кој нуди визија за мултилатерализам што може поинклузивно и поправедно да ги исполни целите на Обединетите нации – мир и безбедност, човекови права и одржлив развој.

Како претседател на мала земја, цврсто верувам дека малите земји треба да бидат најголеми поддржувачи на овие напори за зајакнување на Обединетите нации.

Во овој сè пофрагментиран свет, мојата земја останува силно посветена на ефективниот мултилатерализам со Обединетите нации во нејзиниот центар. Го поддржуваме тековниот реформски процес на ОН, инициран од Генералниот секретар, вклучително и иницијативата ОН80.

Посветени сме на интегрирање на Целите за одржлив развој во националните стратегии, фокусирајќи се на климатските активности, родовата еднаквост и владеењето на правото. Скоро две третини од целите за одржлив развој се поврзани со европското законодавство, при што ОН помагаат во спроведувањето на европските реформи.

Нашата постојана соработка со агенциите на ОН е клучна за постигнување на инклузивен развој, одржлива економија, добро владеење и борба против корупцијата. Претстојната Рамка за соработка на ОН за одржлив развој за периодот од 2026 до 2030 година е во согласност со нашата Национална стратегија за развој за периодот од 2024 до 2044 година, со посебен фокус на ранливите групи, жените, девојките и младите.

Новата Рамка за соработка, исто така, ќе интегрира голем број приоритети на Пактот за иднината, како што е зајакнувањето на младинското учество во креирањето политики, инвестирањето во социјалниот и економскиот развој на младите, намалувањето на дигиталниот јаз и подобрувањето на пристапот до иновативно финансирање и обновлива енергија.

Поради сето ова, особено ја ценам одличната соработка со постојаниот координатор на ОН во нашата земја и целиот тим кој работи во нашата земјата. Постои вистинско партнерство за унапредување на овие приоритети за македонските граѓани. Убедена сум дека и другите земји од регионот имаат слични позитивни искуства со ОН.

Дами и господа,

Ве сметам за повеќе од координатори, за носители на глобалната совест. Повикани сте да бидете поборници за мир во време на војни, даватели на помош во време на голема потреба и носители на надеж во време на очај. Светот е очаен. Но, вие го претставувате најдоброто во светот.

Како човек којшто го посветил својот живот на каузата за правда и човекови права, и покрај сите несогласувања, сè уште верувам во потребата од ефективен и моќен мултилатерализам со силни, реформирани Обединети нации во нејзиниот центар. Сè уште верувам во потребата од меѓународно право, вклучувајќи го и меѓународното хуманитарно право. Заради тоа, на овој начин, ќе ја имате мојата поддршка.

Драги пријатели,

Дозволете ми да завршам со следново.

Прашањето не е дали ќе успееме во сите напори и дали ќе ја спроведеме секоја програма и секоја цел, затоа што, најверојатно, нема да успееме. Премногу е. Како што рекол Имануел Кант, „од искривеното дрво на човештвото, ниту едно нешто право никогаш не е направено“. А, има некои моќни геополитички и геоекономски фактори кои влијаат на агендите и приоритетите. Вистинското прашање е дали ќе издржиме на овој пат, во овие чудни времиња на тестирање и голема неизвесност. Силно верувам дека ако истраеме во нашите напори, тогаш, на крајот, ќе можеме да кажеме дека сме направиле сè што е во нашата моќ за да направиме нешто добро на овој свет, дека сме ја искористиле секоја можност да зборуваме за ранливите, дека сме презеле дејствија и на тој начин сме ја извршиле нашата должност кон човештвото. Само тогаш би можеле да кажеме дека нашата совест е чиста.

Уште еднаш, ви благодарам за поддршката на земјите и ви посакувам многу успех. Многу силно верувам во вас.

Ви благодарам.

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Индија, Арун Кумар Саху

Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Индија, Арун Кумар Саху

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Индија со седиште во Софија, Арун Кумар Саху. На церемонијата амбасадорот...

Средба на Сиљановска-Давкова со Кристоф Камп, Висок комесар за национални малцинства на ОБСЕ

Средба на Сиљановска-Давкова со Кристоф Камп, Висок комесар за национални малцинства на ОБСЕ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ Кристоф Камп кој, за прв пат е во посета на нашата земја по преземањето на функцијата во декември минатата година. Говорејќи за...

Честитка од Сиљановска-Давкова по повод Велигден

Честитка од Сиљановска-Давкова по повод Велигден

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, којшто годинава во исти ден го слават сите граѓани од христијанска вероисповед во светот, упати честитка до поглаварите на Црквите во...

Средба на Сиљановска-Давкова со победниците на “First Lego League Challenge”

Средба на Сиљановска-Давкова со победниците на “First Lego League Challenge”

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на победничката екипа на Седмиот национален натпревар „First Lego League Challenge“. Победничкиот тим “The NOOBS - New Original Operational Best Students” го сочинуваа: Петар Копачев, Синиша Шиповиќ, Бодан...

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Планинарскиот клуб „Љуботен“

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со претставници на Планинарскиот клуб „Љуботен“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претставници на Планинарскиот клуб „Љуботен“ по повод стогодишнината од постоењето  на најстариот македонски планинарски клуб. Честитајќи им го големиот јубилеј, таа истакна дека не само таа, туку и широката...