Претседателот Пендаровски се обрати на Регионалната конференција за род и безбедност – Скопје 2024

7 март 2024 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на Регионалната конференција за род и безбедност – Скопје 2024, во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОДИХР.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Ценети екселенции,
Дами и господа,

Чест ми е да ве поздравам на оваа регионална конференција посветена на родот и безбедноста организирана од ОБСЕ и од ОДИХР. Не случајно оваа конференција се одржува во пресрет на 8 Март – Меѓународниот ден на жената, бидејќи има за цел да ни помогне да се вратиме на автентичното разбирање на овој важен ден. А тоа е постигнување на вистинска родова еднаквост во секој сегмент од општеството, вклучително и во безбедносниот. Затоа и смеш денес тука.

Во фокусот на нашето минатогодишно претседавање со ОБСЕ беше унапредувањето на човековата безбедност, затоа и слоганот беше “За луѓето се работи”. Сосема разбирливо, најповикани за ова прашање се безбедносните служби, во прв ред, полицијата, која има незаменлива улога во спроведувањето на законите, одржувањето на редот, почитувањето на човековите права и слободи, и чувањето на државната граница. Преку извршувањето на овие важни должности, полицијата го чува највредното што го има една држава, а тоа е довербата на македонските граѓани во сопствената држава и во нејзините институции.

Меѓутоа, дали ние воопшто можеме да зборуваме за вистинска човекова безбедност без поголемо учество на жените во безбедносниот сектор? Дали една институција може реално да ги третира сите граѓани како еднакви пред законот доколку во нејзините редови постојат двојни стандарди на штета на жените? Конечно, дали полицијата може да придонесе кон борбата против дискриминацијата во државата ако истовремено ја толерира културата на дискриминација кон жените во своите редови?

Повеќе истражувања и извештаи покажуваат дека жените имаат важна улога во градењето на стабилно и демократско општество. Со поголемо вклучување на жените во полицијата, и тоа на сите нивоа и во сите сектори, центри, оддели и единици, само ќе се подобри функционирањето на институцијата во целина. Затоа што на таков начин се засилуваат внатрешната кохезија и потенцијалот на безбедносните институции поуспешно да ги реализираат уставните и законските обврски.

Искуствата од најразвиените држави покажуваат дека полициските службенички и припаднички на полициските единици можат многу успешно да разрешуваат ситуации што вклучуваат родово-базирано и семејно насилство каде што жртвите се жени и деца.

Почитувани присутни,

Иако денешнава конференција е посветена на жените во полицијата која што, пак, е во надлежност на Владата, би сакал на кратко да го споделам и моето искуство во рамките на моите надлежности. Како врховен командант, за прв пат во нашата историја поставив жена за аѓутант. Како претседател настојувам да постои родов баланс како на пониските, така и на повисоките позиции во мојот кабинет. А сето тоа го правам бидејќи на тој начин сакам да придонесам за унапредувањето на родовата еднаквост во Северна Македонија.

Добро е што не почнуваме од нула. Мисијата на ОБСЕ дава поддршка преку Програмата за родово менторирање за полицијата, што веќе почнува да дава резултати и да носи промени во институционалната култура на МВР. Но, оваа програма не треба да биде само еднократна активност, туку дел од стандардната институционална обука во Министерството.

Неодамна бевме информирани дека во Единицата за службени кучиња при МВР беше промовирана првата жена-водач на службено куче кое е дресирано да открива огнено оружје и муниција. Ова е пример што треба да се следи во секој сегмент на безбедноста. Тоа подразбира не само да се зголеми бројката на жените во полицијата, туку и да се поддржи нивното кариерно напредување во секој сектор, во секоја единица. Клучен дел од европските реформи за кои толку многу зборуваме е борбата против стереотипите и предрасудите од минатото што ги ставаа жените во нерамноправна позиција во безбедносниот сектор. Ние мора да ги промениме тие навики кои се длабоко вкоренети во нашиот менталитет.

Драги пријатели,

Уверен сум дека оваа конференција ќе ни даде можност да ги размениме регионалните искуства, да ги споделиме научените лекции, да ја забрзаме имплементацијата на родовите политики во безбедноста, а, со тоа да придонесеме за изградба на поправедни и побезбедни општества.

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...