Доделени признанија за шестмина културни уметници и за Албанскиот театар

26 декември 2023 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија ги додели признанијата Орден за заслуги за Република Северна Македонија, Медал за заслуги за Република Северна Македонија и Повелба на Република Северна Македонија.

Со Орден за заслуги за Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски ги одликува Гоце Тодоровски, Бајруш Мјаку и Коле Ангеловски.

Гоце Тодоровски се одликува за исклучителен и неповторлив придонес во развојот, популаризацијата и афирмацијата на театарската уметност. Со својот уникатен актерски талент се вмрежи во нашите срцa оставајќи неизбришливи траги во нашата историја, култура и традиција.

Бајруш Мјаку се одликува за неговата тридецениска кариера како еден од најзначајните актери во современиот македонски театар. Toj се втемели како една од централните театарски фигури во Република Северна Македонија.

Коле Ангеловски се одликува за 60-годишната богата уметничка кариера како една од најкомплексните фигури на македонскиот театар и филм. Неговиот актерски, а пред сè режисерски опус остава длабока трага во меморијата на широката публика, неговото творештво е широко вреднувано и со непроценливо значење за целокупниот развој и популаризација на театарската и филмската уметност.

Медал за заслуги за Република Северна Македонија им беше врачен на Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Лупчо Каров.

Лупчо Каров се одликува за авторскиот придонес и за учеството во неповторливото хумористично шоу „К-15“, преку коешто пренесуваше уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество и, воопшто, за сиот ангажман во радиото и телевизијата, за придонесот кон македонската музика, но и за неговиот граѓански активизам и за вклучувањето во зачувувањето на животната средина, со што остави неизбришливи траги во медиумскиот простор и македонската естрада, но и во севкупното општествено живеење.

Бранко Огњановски и Васко Тодоров се одликуваат за неповторливото хумористично шоу „К-15“, преку коешто пренесуваат уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество. Како едни од најкарактеристичните телевизиски ликови тие оставија белег и поттик за развој на овој вид творештво и за идните генерации.

Признанието Повелба на Република Северна Македонија беше доделено на Албанскиот театар за седумдецениското постоење при што се етаблираше во една од водечките уметнички институции којашто остварува особено значајна културна, образовна и естетска дејност во македонското општество, како и за непроценливиот придонес во развојот на современиот театар во Република Северна Македонија.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.

Почитувани гости,

Дами и господа,

Вреднувањето на она што институции и поединци му го оставаат во наследство на својот народ, особено оние кои со своето дело го имаат задолжено општеството на кое припаѓаат, е обврска и одговорност на секоjа сериозна држава, но и чин кој сигурно не е само од протоколарен карактер.

Ние сме мала земја, но, можеме да се пофалиме со исклучителни личности, автори, креативци, во многу области на општественото живеење, посебно во културата и уметноста.

Во изминативе четири и пол години од мојот мандат имав можност да доделам значаен број на признанија и одликувања на навистина исклучителни поединци и етаблирани институции.

За жал, во некои случаи тоа беше постхумно или задоцнето, затоа што и кога постои волја, не можете во само неколку години да го исправите тоа што не било направено со децении.

Меѓутоа, најважно е тие личности и институции, од својата држава, да не бидат заборавени.

Верувам дека заедно со Комисијата за доделување на признанија и одликувања, во изминатиов период успеавме да им направиме чест на многумина кои тоа го заслужуваат и да го валоризираме нивниот формативен придонес во животот на многу генерации.

Денес продолжуваме по тој пат со доделуваьето на Повелба на една од нашите врвни културно-уметнички установи, како и со доделувањето на три медали и три ордени за заслуги на наши истакнати, актери, режисери и медиумски личности кои се неотуѓив дел од македонската култура.

На една од нашите врвни театарски куќи – Албанскиот театар, му доделуваме Повелба на Република Северна Македонија за седумдецениската посветеност во развојот на театарската уметност. Преку изведувањето на претстави од најзначајните светски автори на албански јазик, театарот одигра особено значајна улога во афирмирањето и негувањето на мајчиниот јазик на една од нашите најголеми етнички заедници.

Воедно, Албанскиот театар кој посветува особено внимание на репертоарните политики, е институција од сферата на културата која го промовира најзначајното македонско, но, и светско драмско творештво и културно наследство, следејќи ги современите трендови во изведбените уметности.

Театарот или штиците што живот значат, беше и местото каде што еден од најангажираните и најуспешните наши актери и режисери, Коле Ангеловски имаше незаборавни достигнувања.

Покрај во театарот, ќе остане запаметен и неговиот телевизиски и филмски ангажман со кој Ангеловски несомнено прерасна во едно од најзначајните уметнички имиња кои трајно jа задолжија македонската култура.

Телевизијата, филмот и театарската сцена се медиумите каде што Гоце Тодоровски оствари маестрални улоги, одушевувајќи ja публиката од сите генерации. Неговиот актерски талент секогаш успеваше да предизвика емоции кај гледачите, правејќи го еден од најомилените актери меѓу народот.

Секогаш кога ги спомнуваме големите актерски имиња, незаобиколно е името на Барјуш Мјаку, еден од нашите најекспонирани, најзначајни и најкомплексни македонски актери, со огромен меѓународен капитал. Со својот неспорен талент и мајсторска изведба на ликовите, Мјаку делува сугестивно и моќно, во низа примери на врвна актерска игра.

Почитувани,

Покрај овие три големи уметнички имиња на кои им доделуваме Орден за заслуги, денес со нас е уште една неодминлива телевизиска тројка која во популарната култура стана синоним за хумор и општествена сатира во независна Македонија – Лупчо Каров, Бранко Огњановски и Васко Тодоров. Тоа се тројцата креатори и реализатори на несомнено најпопуларното телевизиско шоу во историјата на независна Македонија – К15, на кои денеска ќе им доделиме Медал за заслуги – заслужено.

Нивното критичко и хумористично претставување на нашите дневно-политички актуелности и нивните незаборавни вонвременски скечеви и ден-денес се паметат и предизвикуваат добро расположение кај гледачите. Да се надеваме дека можеби денешниов чин ќе им биде мотив да нè почестат со уште некоја нова епизода од К-15 и да ги оживеат ликовите на Тошо Малерот, Цацко и Миле Паника или пак да изненадат со некој сосема поинаков проект. Искрено, сите ja преферираме првата опција.

Почитувани,

Од самите почетоци на цивилизацијата, човекот имал потреба од катарза, од деконструирање на драматичното секојдневие преку иронија и хумор, од префрлање на реалноста во уметност и потоа, преку уметноста, оплеменување на истата таа реалност. Денес, на шест индивидуалци и на една институција кои го прават нашиот свет подобар, кои придонесуваат за нашето естетизирање и облагородување, верувам дека во името на сите македонски граѓани на соодветен начин им го вреднуваме нивниот труд и професионални достигнувања.

Убеден сум дека нивните дела и остварувања ќе бидат поттик и за сегашните и за идните генерации да создаваат и творат во театарот, на филмот, на телевизијата, и во новите медиуми. Само на тој начин можат да се вградат во храмовите на македонското културно наследство, како што тоа го направија и личностите на кои денес им jа искажуваме нашата благодарност и почит.

Благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Заедничка иницијатива за климатска акција  – искуства од  28. Самит за климатски промени

Заедничка иницијатива за климатска акција – искуства од 28. Самит за климатски промени

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети лабораторијата за мерење на квалитетот на воздухот во рамки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и учествуваше во дискусијата „Заедничка иницијатива за климатска акција  - искуства од  28. Самит за климатски...

Претседателот Пендаровски го прими претседателот на Асоцијацијата Тим-40, Жарко Димитриоск

Претседателот Пендаровски го прими претседателот на Асоцијацијата Тим-40, Жарко Димитриоск

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Жарко Димитриоски, претседател на Асоцијацијата на млади претприемачи во Стопанската комора на Северна Македонија, Тим-40. Димитриоски го запозна претседателот Пендаровски со активностите на нивната асоцијација, како и...

Отворен Кабинет за основци од училиштето „Мирче Ацев“ и за  лица од Заводот за рехабилитација на деца и младинци

Отворен Кабинет за основци од училиштето „Мирче Ацев“ и за лица од Заводот за рехабилитација на деца и младинци

Кабинетот на претседателот, во рамки на Отворен кабинет, денеска го посетија ученици од ООУ „Мирче Ацев“ и лица од Заводот за рехабилитација на деца и младинци од Скопје. [gallery...

Средба на претседателот Пендаровски со писателката Оља Петрушевска Томева

Средба на претседателот Пендаровски со писателката Оља Петрушевска Томева

Претседателот Стево Пендаровски денеска во книжарницата „Сакам книги“ оствари средба со писателката Оља Петрушевска Томева. Истакнувајќи дека речиси и да нема сличност меѓу пишувањето и нејзината примарна професија...

Средба на претседателот Пендаровски со претседателот на Црна Гора, Милатовиќ

Средба на претседателот Пендаровски со претседателот на Црна Гора, Милатовиќ

Претседателот Стево Пендаровски на маргините на 60. Минхенска безбедносна конференција, вчеравечер оствари средба со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. На средбата, двајцата соговорници разменија мислења за севкупните билатерални односи, изразувајќи...