Обраќање на претседателот Пендаровски на свечената церемонија по повод доделувањето Орден за заслуги и Повелба на Република Северна Македонија

30 мај 2022 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија ги одликуваше Пол Кругман и Стопанска комора на Северна Македонија со Орден за заслуги за Република Северна Македонија и го додели признанието Повелба на Република Северна Македонија на Бранко Азески.

„Нашата цел не е само да ја пребродиме кризата, туку од неа да излеземе со засилен економски развој, намалена невработеност, зголемена продуктивност и конкурентност на националната економија. За да го постигнеме ова, нам ни се потребни знаењето и експертизата на врвните теоретичари како што е професорот Пол Кругман, кој со децении неуморно го покажува патот до одржлив и инклузивен економски раст и развој“, порача во обраќањето претседателот Пендаровски.

Тој посочи дека за да биде делотворна, теоријата мора да биде применета во практика, од страна на државните институции и приватниот сектор и дека  индустриите и компаниите се вистинските двигатели на економијата.

„Денеска имаме чест да ја одликуваме нашата најстара стопанска комора која годинава ја прославува стогодишнината од основањето. За важноста на Стопанската комора на Северна Македонија зборува фактот дека компаниите-членки генерираат половина од вкупниот приход и речиси половина од нето добивката во приватниот сектор, а, секој трет вработен во приватниот сектор е вработен во овие компании. Стопанската комора е активен партнер на државата во остварување на заедничката цел, а тоа е економски просперитет како еден од предусловите за стабилност на целото општеството“, рече претседателот Пендаровски.

Почитуван Професоре Кругман,

Почитуван господине Азески,

Ценети членови на Стопанската комора на Северна Македонија,

Дами и господа,

Денеска имам голема чест да одликувам две личности и една организација кои имаат особени заслуги за економската мисла, но и за економската дејност, на глобално и на национално ниво.

Во присуство на еминентниот професор по економија Пол Кругман и докажани македонски бизнис лидери од Стопанската комора на Северна Македонија, на чело со нивниот претседател Бранко Азески, не би сакал да навлегувам во економски теми што припаѓаат во нивната сфера на теоретска експертиза и практично делување, но, би сакал со вас да споделам неколку генерални опсервации околу контекстот во кој ги доделуваме овие признанија.

Минуваме низ период на голема неизвесност поради бројните и испреплетени кризи што меѓусебно се зајакнуваат. Пандемијата на Ковид-19 и руската инвазија на Украина предизвикаа рецесија, енергетска криза и ценовни шокови на глобалните пазари. Се очекува јавниот долг, инфлацијата и цените на производите да продолжат да растат. Се продлабочува нееднаквоста меѓу државите и внатре во државите. Како мала и отворена економија, која е дел од глобалниот трговски и финансиски систем, ние сме посебно ранливи на овие процеси.

Периодов што многумина го нарекуваат совршена бура не соочува со две групи на прашања.

Прво, како се најдовме во оваа бура? Фактот дека за време на пандемијата, најбогатите во светот го дуплираа своето богатство зборува дека некои важни лекции од глобалната економска криза од 2008-та година не се научени. На пример, дека е лесно да се преземаат големи ризици со туѓи пари, или дека пазарот е подобар во создавањето профит отколку во неговата дистрибуција.

Второто прашање е што треба да направиме за успешно да излеземе од оваа бура? Во каква вредносна рамка треба да функционира економскиот систем за да биде поотпорен на симултани кризи, а, стопанството полесно да ги издржи шоковите?

Според мене, нема дилема дека стожерот на таа вредносна рамка треба да бидат граѓаните и јавниот интерес. Една од целите наведени во преамбулата на македонскиот устав е дека државата се конституира со цел “да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.” Оттука, нашата цел не е само да ја пребродиме кризата, туку од неа да излеземе со засилен економски развој, намалена невработеност, зголемена продуктивност и конкурентност на националната економија.

За да го постигнеме ова, нам ни се потребни знаењето и експертизата на врвните теоретичари како што е професорот Пол Кругман, кој со децении неуморно го покажува патот до одржлив и инклузивен економски раст и развој. Како глобален интелектуалец, тој се залага за концептот на релативно еднакво општество, поддржано од институции што ги ограничуваат екстремите на богатството и сиромаштијата. Тој верува во демократијата, граѓанските слободи и владеењето на правото и е гласен критичар на социјалната неправда и злоупотребата на политичката моќ. Овие вредности се клучни за опоравување на македонската економија, за успех на македонските компании, за благосостојба на македонските граѓани, конечно, за квалитетот на македонската демократија.

Но, за да биде делотворна, теоријата мора да биде применета во практика, од страна на државните институции и приватниот сектор. Индустриите и компаниите се вистинските двигатели на економијата. Денеска имаме чест да ја одликуваме нашата најстара стопанска комора која годинава ја прославува стогодишнината од основањето. За важноста на Стопанската комора на Северна Македонија зборува фактот дека компаниите-членки генерираат половина од вкупниот приход и речиси половина од нето добивката во приватниот сектор, а, секој трет вработен во приватниот сектор е вработен во овие компании. Стопанската комора е активен партнер на државата во остварување на заедничката цел, а тоа е економски просперитет како еден од предусловите за стабилност на целото општеството.

Со нас денес е и господинот Бранко Азески, кој веќе 17 години е на чело на Стопанската комора и кој има голема заслуга во нејзиното издигнување и вмрежување во регионот и Европа. Како претставник на комората, тој беше истовремено и конструктивен критичар и партнер на државата во справувањето со економските последици од пандемијата. Господинот Азески, заедно со Стопанската комора, имаше важна улога во консултативниот процес на изработка на Рамката за развој МКД 2030 што ќе биде промовирана наредниот месец. Овој документ е дело на теоретичари и практичари кои заедно ги дефинираа приоритетните области во кои треба да вложуваме за државата на среднорочен план да стане подобро место за живот и работа.

Имајќи ги во предвид нивните заслуги и постигнувања, чест ми е да ги одликувам Професорот Пол Кругман и Стопанската комора на Република Северна Македонија со Орден за заслуги, а господинот Бранко Азески со Повелба на Република Северна Македонија.

Ви благодарам.

 

 

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Средба со претставници на Шаховска Федерација на Македонија

Средба со претставници на Шаховска Федерација на Македонија

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Шаховска Федерација на Македонија. На средбата беше разговарано за тековните активности на федерацијата, учеството на меѓународни натпревари, организирањето на европски...

Средба на претседателот Пендаровски со Ољта Џачка, министерка за Европа и за надворешни работи на Република Албанија

Средба на претседателот Пендаровски со Ољта Џачка, министерка за Европа и за надворешни работи на Република Албанија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Ољта Џачка, министерка за Европа и за надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. На средбата беше изразено...

Делегација од Кабинетот на претседателот  положи цвеќе пред Споменикот на бранителите

Делегација од Кабинетот на претседателот положи цвеќе пред Споменикот на бранителите

Генералниот секретар при Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија Миле Бошњаковски, денеска, 26 март 2023 година, оддаде почит и положи свежо цвеќе пред Споменикот на Бранителите во паркот „Жена борец“ во Скопје, во чест на бранителите, кои...

Претседателот Пендаровски на одбележувањето на 25-годишнината од отворањето на Делегацијата на ЕУ во Скопје

Претседателот Пендаровски на одбележувањето на 25-годишнината од отворањето на Делегацијата на ЕУ во Скопје

Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствуваше на одбележувањето на 25-годишнината од отворањето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Честитајќи ја годишнината, претседателот Пендаровски изрази задоволство од досегашниот развој на односите меѓу...

Претседателот Пендаровски се обрати на Годишниот форум на „Виенската иницијатива“

Претседателот Пендаровски се обрати на Годишниот форум на „Виенската иницијатива“

Претседателот Стево Пендаровски се обрати пред учесниците на Годишниот форум на „Виенската иницијатива“ чиј домаќин е Народната банка на Република Северна Македонија. Во поздравното обраќање претседателот Пендаровски посочи дека овој форум на Иницијативата за...