Претседателот Пендаровски ги одликува Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими и Живко Мукаетов со Орден за заслуги за Република Северна Македонија

23 јули 2021 | Соопштенија

Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија ги одликува Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов и Ремзи Несими, постхумно, и Живко Мукаетов со Орден за заслуги за Република Северна Македонија.

Горан Стефановски постхумно се одликува за исклучителен и неповторлив придонес во континуитетот и во осoвременувањето на книжевното културно наследство, за втемелување, развој и промоција на современите културни и уметнички вредности во земјата и меѓународно, за развојот на македонското драмско творештво и за воспоставување на основите на новите драматуршки форми во македонската книжевност, за збогатување и негување на македонскиот јазик и за воспоставување на новите модели во образовната и педагошката сфера.

Зафир Хаџиманов постхумно се одликува за огромниот придонес во специфичниот полижанровски развој во сферата на уметничкото творештво, за богатиот и специфичен опус во сферата на музиката, компонирањето и вокалната интерпретација, за иновативните модели на промоција на традиционалните хармонии и специфики во македонската музика низ современи и популарни форми.

Ремзи Несими постхумно се одликува за неповторлив и траен придонес во филолошките науки од областа на дијалектологијата и промовирањето на јазичното богатство, за промоција, лингвистички развој и вкотвување на значењето на албанологијата во Република Северна Македонија и во светот воопшто, за исклучителна научна дејност која придонесува за обликувањето на стандардниот албански јазик.

Живко Мукаетов се одликува за континуитетот, иновативноста, визијата и беспрекорните професионални стандарди во современото корпоративно управување во фармацевтската индустрија, за докажаниот квалитет во производството на брендовите кои се градени, одржувани и осовременувани со генерации наназад, за инвестицијата во новите технологии и во едукацијата и експертизата на кадрите кои ги создаваат брендовите, како и за неговата филантропска култура и широка општествена одговорност.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека четворицата носители на одликувањето имаат различни генерациски, творечки и професионални траектории, но, сепак, се спојуваат во единствениот животен пат кој води кон создавање на нови вредности во македонското општество.

Со ова заедничко доделување на Орден за заслуги за Република Северна Македонија за Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими и Живко Мукаетов, како што рече претседателот Пендаровски, сакаме да ги истакнеме поединците кои ја прават поголемата слика за напредокот на нашата заедничка татковина и благосостојбата на сите македонски граѓани.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,
Добар ден,

Денес сме собрани тука за да искажеме почит и да им се заблагодариме на четворица наши великани. Еден драмски писател, еден музичар/актер, еден лингвист и еден стопанственик. Пред нас се четири животни приказни, кои имаат различни генерациски, творечки и професионални траектории, но, сепак, се спојуваат во единствениот животен пат кој води кон создавање на нови вредности во македонското општество.

Ќе започнам со Горан Стефановски, нашиот мајстор раскажувач, кој преку своите антологиски драми ни помага да ја разбереме приказната за нас. После Блаже Конески, Славко Јаневски и Петре М. Андреевски, Стефановски е веројатно последниот голем архивар и согледувач на македонската култура и на македонските крстопати. Во своите дела и јавните настапи тој постојано нѐ потсетуваше дека идентитетот значи одговорност и напорна работа.

Овој наш драматуршки маг во своите дела прави длабока вивисекција на човековото битие и дава прецизна дијагноза за повеќе македонски, балкански, но и глобални аномалии. Иако изнесени уште пред 40-тина години, многу од неговите согледувања се сеуште точни. Постојано нагласувајќи дека, за да преживее, човекот има насушна потреба да ткае приказни, Горан Стефановски преку неговите драмски дијалози не поттикнува да си ја пронајдеме вистинската улога во нашата автентична приказна. Во некои од последните предавања, тој предупреди на опасноста од клишеата кои можат да не одведат во заблуда, да не заробат во искривени и лажни прикази за нас самите. А „погрешната приказна може скапо да не чини“, велеше Стефановски, повикувајќи не сите нас на беспоштедна битка против стереотипите.

Вториот лауреат е бардот на македонската популарна музична сцена, неповторливиот Зафир Хаџиманов. Овој плоден и сестран уметник преку музиката, поезијата, преку драмските и филмските улоги, умееше да зборува на јазикот на повеќе генерации и при тоа, лесно и незабележливо да поврзува различни луѓе и народи.

Верен на своето македонско културно јадро, Хаџиманов умееше да ја интерпретира македонската изворна музика низ современи и популарни форми. Препознатлив по неговата широка насмевка, кралот на шансоните успеваше да ја плени публиката каде и да настапуваше. Сам, или во тандем со неговата сопруга, Сенка Велетанлиќ, тој сними безброј звучни записи, ТВ-програми и го обиколи светот одржувајќи концерти и собирајќи награди и признанија за македонската, а и некогашната поширока југословенска култура.

Третиот лауреат е основоположникот на високото образование на албански јазик во нашата земја, професорот Ремзи Несими. Овој голем интелектуалец од редок ков и широки познавања, со својата плодна образовна, научна и културна работа придонесе за стандардизација на албанскиот литературен јазик и негово воведување во образованието, во печатените и електронските медиуми во Македонија и, воопшто, за негување и збогатување на современиот албански јазик.

Како автор на бројни трудови, книги и учебници, професорот Несими е неспорно еден од најголемите авторитети на полето на албанологијата, почитуван и цитиран од сите албанолози и кај нас и во светот. Како истакнат лингвист и просветител, тој го потенцира централното место на јазикот во културата на еден народ. Јазикот како клуч за толкување на светот, пренесување на мудроста и животните искуства, за поврзување на генерациите.

Четвртиот лауреат е денеска со нас. Господинот Живко Мукаетов е сигурно еден од најпознатите луѓе од бизнисот во Република Северна Македонија. Раководи со компанија која е еден од носечките столбови на македонската економија, шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа. Под негово раководство „Алкалоид“ АД во своите напори за опстојување на пазарот има вложено околу 200 милиони евра во модерни производствени капацитети, опрема, лаборатории, во технологија, софтвер и најважното, во кадарот. Благодарение на господинот Мукаетов, брендот „Алкалоид“ стана препознатлив по врвниот квалитет и принципиелната корпоративната политика на компанијата. Освен што е успешен стопанственик, Мукаетов е и познат филантроп кој како прв човек на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ до сега има стипендирано 539 млади таленти од факултетите по медицина и фармација при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Исто така, тој е и долгогодишен поддржувач на спортот што со своите успеси често пати знае да го сплотува македонското општество.

Драги пријатели,

Секој од овие големи луѓе, повеќе од сигурно, заслужува посебна церемонија, чест и внимание. Но, со ова заедничко доделување на „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“ на Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими и Живко Мукаетов, сакаме да ги истакнеме поединците кои ја прават поголемата слика за напредокот на нашата заедничка татковина и благосостојбата на сите македонски граѓани. Верувам дека таа идеја најдобро ја изрази токму Стефановски, кој во една прилика рече: „Дај Боже во годините кои доаѓаат да можеме да се бавиме со ситни теми, со мали радости, со поединечни животи. Да не мораме да решаваме невозможни стратегиски равенки со повеќе непознати. Да ја собереме сета колективна памет на едно место и мудро да ја користиме, а не да ја расфрламе на сите страни, па да не знаеме дали ни е за економија или за култура, за мир или за војна, за лето или за зима.“

Ви благодарам.

Категории

Categories

Kategori

Последни вести

Latest news

Lajmet e fundit

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Честитка од претседателот Пендаровски по повод Рамазан бајрам

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху. Почитуван...

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Средба на претседателот Пендаровски со делегација на Пацифичкиот Совет од САД

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Пацифичкиот Совет од САД, која престојува во посета на нашата држава. Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави се наш најголем стратешки партнер и сојузник во НАТО, претседателот Пендаровски посочи...

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Средба на претседателот Пендаровски со лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан. Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и...

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Средба со Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување  на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР)

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Џилиан Стирк, Шеф на мисијата за набљудување на претстојните избори (ЕОМ) на ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата претседателот Пендаровски беше запознаен со планираните...

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот...